Меркел спречила вооружен судир меѓу Турција и Грција
СН/ печат
23 јули 2020
Спорот околу пробните дупчалки за нафта и за гас во источниот Медитеран вечерта на 21 јули достигнал кулминација. Германскиот печат пишува дека „Ангела Меркел успеала да спречи вооружен конфликт во последен момент“.
Реклама
Во вторникот вечерта дошло до заострување на тензиите меѓу Грција и Турција во Средоземното море околу малиот остров Кастелоризо. Повикот на Ангела Меркел спречил војна - „буквално во последната минута“, пишува германскиот таблоид Билд.
Билд наведува дека причина за конфликтот се пробните дупчења во потрага за нафта и гас, кои ги врши Турција во непосредна близина на грчките води, а на кои пак Грција го гледа како на „исклучиво нејзина економска зона“. Германскиот најтиражен дневен весник дознава и дека „поради тоа во вторникот приквечерина 18 турски воени брода биле на пат кон островот“ и оти Грција ја ставила својата армија во целосна борбена готовност.
„Но, тогаш се вклучила германската канцеларка Ангела Меркел. Прво телефонирала со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а потоа и со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. Резултат: Турција повлекла 16 од своите воени бродови, но сепак оставила два во близината на островот.
Олеснување на двете страни во Егејското море!“, нагласува Билд.Берлинскиот весник Тагесшпигел, меѓутоа, пишува дека е „малку веројатно оти ќе дојде до промена во спорот околу природните ресурси“. „Двете страни сметаат дека се во право. Притоа се повикуваат на различни правни основи.
Двете држави би морале да увидат дека е неопходна јасна пресуда. Би требало итно да се обратат до Меѓународниот суд во Хаг. Меркел, ЕУ и НАТО би морале своите членови и партери да ги убедат во тоа. Во спротивно се заканува воен конфликт“, стравува коментаторот на дневниот весник Тагесшпигел.
Весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг, исто така, го коментира конфликтот меѓу Грција и Турција во источниот дел од Средоземното море. „На Ангела Меркел во последен момент и' појде од рака да го смени курсот на конфронтација меѓу Атина и Анкара. Но, колку тоа долго ќе трае кај Ердоган се знае, исто колку и кај Путин. Но, со сигурност може да се претпостави дека рускиот претседател со интерес го следи константниот конфликт на јужното крило на НАТО“, пишува франкфуртскиот весник.
И весникот Зидвест пресе ја коментира ситуацијата. „Европа и во експлозивниот либиски конфликт, на куќниот праг, се вклучи дури кога немаше што да каже. Ако и' се повтори истото во ходникот, тогаш своите права за суверенитет може да ги закачи на клин. Крајно време е за ангажирана дипломатија“, заклучува весникот од Улм.
Ангела Меркел, незаменливата
По 16 години поминати како претседател на политичката партија ЦДУ и единаесет години на чело на германската влада, се чини дека ерата на Меркел може да има уште едно продолжение.
Фотографија: Reuters/M. Rehle
Првата заклетва
„Сакам да и служам на Германија“ беше ветувањето на Меркел за време на кампањата за канцелар на земјата. По тесната победа, на 22 ноември 2005 година Меркел даде заклетва и стана првата жена канцелар, но и првиот шеф на влада кој доаѓа од Источна Германија. Таа застана на чело на широка коалиција составена од ЦДУ и СПД.
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Bergmann
Кој се плаши од кутрето на Путин?
На дипломатскиот фронт, Меркел мораше да се соочи со моќен противник. Таа е позната поради својата сталоженост и смиреност. Но, Владимир Путин очигледно сакаше да го стави на тест нејзиното трпение за време на приемот во 2007 година. Тој набрзо ја најде нејзината слабост: Меркел се плаши од кучиња.
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Astakhov
Фонд за црни денови
Меркел вообичаено е смирена што и помогна за време на кризите. Колабирањето на финансиските пазари во 2008 година предизвика проблеми за германската економија. Поради тоа, Меркел презеде акција. Таа беше инволвирана во планирањето на фондовите за спас на еврозоната. На крајот, германската економија се извлече речиси без последици, но мерките за штедење најмногу ги почувствуваа Грците и Шпанците.
Фотографија: picture-alliance/epa/H. Villalobos
Втор мандат
Иако резултатот на ЦДУ/ЦСУ на парламентарните избори во 2009 година беше вториот најслаб резултат за партијата во повоениот период, тоа сепак беше победа за Меркел. По широката коалиција со социјалдемократите во претходниот мандат, овој пат Меркел можеше да состави влада со посакуваниот партнер - про бизнис либералите од ФПД.
Фотографија: Getty Images/A. Rentz
Брзо исклучување
Иако по професија е физичар, инцидентот во Фукушима во 2011 година ја претвори Меркел од поддржувач - во силен противник на нуклеарната енергија. Веќе одобрените планови за продолжување на работниот век на германските нуклеарни централи беа откажани и спротивно на нејзините предизборни заложби, Германија наскоро го сопре производството на нуклеарна енергија.
Фотографија: Getty Images/G. Bergmann
„Првиот маж“ на Германија
Дали некој го препознава? Го чул неговиот глас? За време на десетгодишното владеење на Меркел, нејзиниот сопруг Јоахим Зауер, остана незабележан. Професорот по хемија на универзитот Хумболдт во Берлин стапи во брак со Меркел во 1998 година. Тој секогаш останува во позадината кога неговата сопруга е во официјални посети, но во нивниот приватен живот се чини дека е обратно.
Фотографија: picture alliance/Infophoto
Пријателство ставено на тест
Објавувањето на информациите дека блискиот сојузник САД ги пресретнува телефонските разговори на врвните германски политичари отвори голема афера пред меѓународната јавност. Ниту мобилниот телефон на Меркел не бил безбеден од тајните служби на САД. Аферата предизвика проблеми во домашната и меѓународната политика на Меркел.
Фотографија: Reuters/F. Bensch
Грчкиот пациент
Меркел има обожаватели низ целиот свет, но во Грција нивниот број е значително помал. На ниту едно друго место во светот Меркел не била толку демонизирана како што беше во Грција за време на должничката криза во еврозоната. Старите анимозитети беа повторно нагласени по барањата на канцеларката за штедење, економски реформи и кратење на трошењата од властите во Атина.
Фотографија: picture-alliance/epa/S. Pantzartzi
Емотивна, барем еднаш
Иако е воздржана и позната по минималните гестови и изрази на лицето, Меркел не можеше да се воздржи за време на финалето на Светското првенство во фудбал во Рио кога заедно со германскиот претседател го бодреа националниот тим. Во тој период Меркел беше на врвот на својата популарност, исто како и германската репрезентација, со која заедно влијаеа на градењето на меѓународниот имиџ на Германија.
Фотографија: imago/Action Pictures
Ние можеме да го направиме тоа, зарем не?
Кога стотици илјади бегалци пристигнаа во Германија канцеларката изјави дека законот за азил нема лимит. „Ние можеме да го направиме тоа!“ беше мотото на Меркел за време на бегалската криза. Таа тврдеше дека има план. Но, во меѓувреме многумина Германци се прашуваат дали навистина „можеме да го направиме тоа?“
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe
Што е следно?
По терористичките напади во Париз на 13 ноември минатата година Франција објави вонредна состојба. Ангела Меркел на соседите им понуди „целосна поддршка“. Сепак, стравот од тероризам беше сеприсутен. Без сомнеж, Меркел беше соочена со најголемиот предизвик во нејзиното владеење токму на десетгодишнината од нејзиното стапување на функцијата...
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka
Критични сојузници
На партискиот конгрес на ЦСУ во ноември 2015 година канцеларката беше критикувана од баварските сојузници. Хорст Зехофер ја обвини Меркел дека загубила контрола над границите со нејзината политика кон бегалците. Тоа беше понижување кое мораше да го истрпи стоејќи без можност да возврати на обвинувањата.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/S. Hoppe
Зарем не може да остане подолго?
Меркел би сакала трет мандат за Барак Обама, иако скандалот со прислушувањето од страна на НСА беше причина за резервираност од нејзина страна. Сепак, Обама ја напушта политичката сцена и му го отстапува местото на Доналд Трамп. Весникот „Њујорк Тајмс“ ја нарече Меркел „последниот чувар на либералниот Запад“.