1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Народен референдум во тешки времиња

Марсел Фирстенау/превод:БГ13 март 2016

Никој не треба да биде изненаден од исходот на покраинските избори. Тоа е сметката за бегалската политика на Меркел. Но, што ако? Коментар на Марсел Фирстенау

Фотографија: picture alliance/dpa/W. Kastl

Христијанско-демократската унија претрпе загуби во Баден Виртемберг, Рајнланд Фалц и Саксонија Анхалт. И покрај тоа, Ангела Меркел ќе остане канцелар во Берлин. Ќе ја задржи и својата фотелја како шефица на ЦДУ. За Јулија Клекнер, младата партиска надеж од Мајнц, патот до Берлин се уште е далечен, можеби и непреоден. По својот скромен изборен резултат во Рајнската област, оваа политичарка ќе мора да се стрпи пред да тргне кон големата сојузна бина, доколку сега воопшто и се уште има такви амбиции.

Се друго освен драматична загуба на гласови за ЦДУ ќе беше вистинско чудо. Кај населението е пресилна скепсата кон бегалската политика на сојузната влада. Таа политика не ја олицетворува само канцеларката, туку и социјалдемократите. Во согласност со тоа и социјалдемократите- коалициски партнер во владата- се втор најголем губитник на изборите. Сѐ што владата во Берлин прави по прашањето за бегалците одзвонува во сите 16 покраини. Граѓаните на овие избори за првпат можеа да кажат што мислат за таа политика. Беше тоа репрезентативен тест на расположението кој донесе очекувани резултати.

Марсел ФирстенауФотографија: DW/S. Eichberg

На тоа се радува само една партија: Алтернатива за Германија (АФД). Без бегалската криза, АФД веројатно не би успеал да го прескокне ниту цензусот, а сега влегува со двоцифрена поддршка во сите три покраински парламенти. Триумф кој не се должи на некаква убедлива програма или сериозна кадровска понуда. Напротив, не мина ни една година откако двете крила на АФД јавно се судрија и се разделија. Судирот го преживеаја партиските радикали на кои критиката на европската монетарна политика не им беше доволна. Па се сместија веднаш до исламофобното движење Пегида кое протестираше низ цела Германија.

Успехот на АФД беше неизбежен и можеби и не е толку лош за демократијата. Сега се другите партии на потег сериозно да ги сфатат сигналите кои доаѓаат од овие покраински избори. Тоа е заслужен жолт картон поради противречната бегалска политика без веродостојност. Меѓу најголемите критичари на Меркел во сопствените редови беа и лидерите на ЦДУ во Рајнланд Фалц и Баден-Виртемберг, Јулија Клекнер и Гидо Волф. Сега ги добија своите одговори на овој „референдум“'.

Бесот и протестот не се најубавите мотиви да се гласа за некој, но се легитимни. Секогаш имало ткн. протестни гласачи. Од тоа воглавно профитираат партиите од десниот или дури и екстремно десниот спектар. Но ниту една од нив досега не успеа да се етаблира. На крајот, за опстанокот на една партија на сцената одлучува содржината, а таа кај АФД е тенка.
Мотото сега треба да гласи: доверба во сопствените сили и убедувања. За парламентите во трите покраини тоа би значело што побрзо да се формираат коалиции кои се способни да работат. Времињата се премногу сериозни и компликувани за да се губи време на ситни партиски кавги. Доколку коалициските влади водат веродостојна политика- и тоа не само по прашањето на бегалците- тоа би било доказ за виталноста и флексибилноста на претставничката демократија. А тогаш во септември би можеле опуштено да ги дочекаме избори во двете покраини, Мекленбург-Предна Померанија и Берлин.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми