1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: Ќе ги исклучиме најстарите нуклеарки

14 март 2011

По нуклеарната катастрофа во Јапонија, германската канцеларка Ангела Меркел попладнево (14.03.) соопшти дека владата ја ставила во мирување одлуката за продолжување на работата на германските атомски централи.

Pressekonferenz Merkel Japan Flut Atomkraftwerk Explosion
Од прес-конференцијата во петокот (12.03.)Фотографија: dapd

Меркел соопшти дека оние нуклеарки, кои функционираат само благодарение на дополнителното продолжување на рокот за исклучување, сега најверојатно ќе мора да бидат исклучени од мрежата.

Што се однесува до одлуката за општото продолжување на работата на атомските централи, Меркел истакна дека е ставена во мирување во наредните три месеци, период во кој уште еднаш ќе се изврши темелна проверка на состојбата во која се наоѓаат реакторите. При контролата на нуклеарките нема табуа, изјави германската канцеларка, но уште еднаш нагласи дека Германија не е подготвена во целост да се откаже од атомската енергија.

Според информации на агенцијата ДПА, Меркел в четврток ќе даде владина изјава во Парламентот, кој потоа ќе расправа околу новонастанатата состојба во енергетскиот сектор.

По силниот земјотрес во Јапонија и нуклеарната катастрофа во постројката Фукушима 1, изминатите денови во Германија одново се разгоре дебатата околу безбедноста на нуклеарките во земјата, со оглед на тоа што поголемиот дел од нив се изградени во 80-те и 90-те години на минатиот век. Минатата есен владата сепак одлучи да ја продолжи нивната работа за уште 12 години.

Автор: ТТ/БГ/дпа/ројтерс

Редактор: Борис Георгиевски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми