1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов вирус, стари стравови

Гудрун Хајзе / Симе Недевски7 мај 2014

Бројот на лица заразени од МЕРС вирусот веќе неколку недели расте, но речиси исклучиво на Арапскиот полуостров. Постои ли опасност вирусот да се прошири и на други места?

Фотографија: Fayez Nureldine/AFP/Getty Images

Првите симптоми на болеста наликуваат на грип, но инфекцијата со МЕРС во напреден стадиум може да доведе до запаление на белите дробови, дури и до откажување на бубрезите. „Стапката на смртност е меѓу 30 и 40 проценти“, објаснува Грегори Хертл, портпарол на Светката здравствена организација (СЗО). „Сѐ додека не дознаеме како се однесува вирусот и како можеме да го контролираме, тој претставува опасност“.

Зборот МЕРС потекнува од „Middle East Respiratory Syndrom Coronavirus“ и овој вирус припаѓа во иста група со САРС, кој се појави пред десетина години, а потоа се изгуби. Другите вируси од оваа група главно предизвикуваат само лесни заболувања на дишните патишта кај луѓето. Во случајот на МЕРС, работите се поинакви. За овој вирус се знае веќе 2 години, објаснува Удо Бухолц од институтот „Роберт Кох“. „Откриен е бидејќи предизвикува исклучително тешки заболувања. Стручњаците се обидоа да откријат што се крие зад тоа. Развиени се низа тестови за да може да се препознае вирусот во иднина“.

Фотографија: BilderBox

Како човек да се заштити ?

За овој вирус не постои точно одредена терапија, нема лекови, ни вакцини. Само симтомите можат да се лекуваат. Истовремено, стручњаците се согласуваат дека хигиената е најважна превентивна мерка, бидејќи вирусот се пренесува преку капки, на пример, преку кивање и кашлање. МЕРС може одредено време да преживее и надвор од организмот. „Ако мерките за заштита од инфекција не се многу добри, можеби некој ќе ја допре површината на која се наоѓа вирусот, а потоа лицето“, вели Грегори Хертл. Тоа е уште еден начин да се прошири заразата.

Да се процени правилно колку е вирусот опасен, важни се две компоненти, вели Удо Бухолц. „Колку често се јавува и колку често доведува до тешки болести? Ни едниот, ниту другиот фактор сѐ уште не се точно познати“, вели Бухолц и додава дека тешко заболените пациенти би можеле да бидат само врв на санта мраз.

Каде е изворот?

Фотографија: picture-alliance/Arco Images GmbH

Стручњаците веруваат дека предизвикувачот на заболувањето се крие во организмот на камилите, иако сѐ уште не се апсолутно сигурни во таа теорија. Голем број едногрби камили имаат антитела за МЕРС, а кај некои е пронајден и самиот вирус. Истовремено, камилите кај кои е пронајден вирусот не покажуваат никакви симтоми. Сѐ уште не се знае дали вирусите се пренесуваат само од животни на луѓе или преку одредени производи. Во секој случај, властите во Саудиска Арабија крајот на април препорачаа да не се користат производи кои содржат месо од едногрби камили или млеко од овие животни.

Вирусот МЕРС најтешко ја погоди токму Саудиска Арабија, но пациенти заразени од овој вирус има и во Јордан, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Оман и Кувајт. Посебно се погодени луѓето кои се во контакт со камили, објаснува Бухолц. „Треба да се напомене дека таму постојат одгледувачи кои чуваат одреден број животни на релативно мал простор. Камилите таму имаат речиси култен статус. На пример, ги користат за трки“.

Пренесување од човек на човек

Вирусот сѐ почесто се среќава кај медицинскиот персонал, кај лекарите и медицинските сестри. Според податоците на СЗО, кога станува збор за т.н. секундарни случаи, односно пренесување од човек на човек, 60 од 100 такви пациенти се лекари и медицински персонал, како и членови на семејствата на заболените.

Фотографија: picture-alliance/AP

И во Европа се забележени заболени од МЕРС, иако нивниот број е многу мал. Тоа се т.н. увозни случаи, вели Бухолц. Се работи за луѓе кои се заразиле на Арапскиот полуостров и дошле во Европа. „Во Англија имаше случај еден примарен инфициран зарази неколу лица. Но, сѐ остана на тоа“.

Ризикот од заразување расте кога луѓето се собрани во голем број: „Минатата година владееше голема загриженост дека ќе дојде до масовно ширење на вирусот поради аџилакот во Мека. Според нашите информации, тоа не се случи. Беа изработни различни студии, кои ги испитуваа луѓето кои се враќаа од аџилак и сите резултати беа негативни“.

Во моментов нема причина за паника, вели Бухолц. „Овој релативно висок раст на бројот на инфекции во изминатите недели е донекаде вознемирувачки, но истотака факт е дека во моментов нема подолги синџири на инфекции“. Имено, за епидемиолозите e многу важно прашањето дали еден заразен човек може да зарази друг и дали тој другиот може да го пренесе вирусот на некој трет. „Многу ретко се случува секундарно заболените да му го предадат вирусот на некој трет. Тоа е смирувачки податок. Се разбира ситуацијта мора внимателно да се следи. Ако вирусот ја развие и таа карактеристика, тогаш тоа би бил своевиден сигнал за тревога“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми