1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Мерц го доведува во прашање германскиот устав

23 ноември 2018

Речиси попатно, кандидатот за прв човек на ЦДУ, Фридрих Мерц ја фрли секирата за правото на азил во Уставот. Ова е пресвртна точка во германската повоена историја, коментира Јенс Турау.

Das aufgeschlagene Grundgesetzt mit Blick auf Artikel 16 a (Arnd Riekmann (ARIK))
Фотографија: Arnd Riekmann (ARIK)

Многу често се случува, развојот во една земја, кој може фундаментално да ја промени, да почнува со куса забелешка, односно со една реченица која е онака нафрлена. Оттука подобро да го запомниме 21 ноември 2018 година: имено Фридрих Мерц, кандидат за претседател на најголемата партија во Германија, ЦДУ го стави на преиспитување правото на азил загарантирано во Уставот за секој човек.

Правото на азил е веќе ограничено

„Политички прогонувани лица имаат право на азил." Со оваа јасна реченица до сега се надминуваа сите бури. На пример, ограничувањата кои се воведоа во 1993. година, кога во Германија дојдоа голем број луѓе бегајќи од војна и поради распадот на Југославија, пред сѐ од Југоисточна Европа. И исто како и денес, повторно има лути и делумно и насилни протести против. Слично, и денес со најновите заострувања на правото на азил, откако во 2015. година повторно стотици илјади бегалци влегоа во земјата, овојпат пред сѐ од Сирија, Ирак, Авганистан и Африка, оваа реченица остана неприкосновена. Нејзината важност особено ја потврди германската канцеларка Ангела Меркел.

Точно е: бројните ограничувања доведоа до тоа многу луѓе веќе да немаат шанса да добијат азил во Германија. Точно е и тоа дека во Европската унија само  Германија признава индивидуално право на азил,  за кое секој поединец има право да го бара сѐ до највисоката судска инстанца. Исто така е точно и дека сосема би имало смисол воведување на една заедничка европска регулатива. Но, такво нешто нема на повидок.

Јенс Турау

Пред сѐ - а според предлогот на Мерц тоа што темелно би се променило – е основното уставно загарантирано право на азил кое отсекогаш се подразбирало и тоа поради историска причина: ние Германците во дванаесетгодишниот трагичен период под нацистите му нанесовме огромно страдање на светот. Луѓе се убивани и прогонувани само поради нивната религија, потекло, нивното политичко убедување и многу други причини. Пред сѐ многу Евреи, кои ја препознаа заканата за нивните животи се обидоа да избегаат, но безуспешно бидејќи многу земји не примаа бегалци. Потоа тие луѓе умреа во концентрационите логори. Правото на азил во Уставот од 1949. година беше дел од ветувањата дека вакво нешто нема никогаш да се повтори.

Основно право загарантирано засекогаш

Според тоа Германија не беше земја на морално супериорни луѓе. Ниту истокот, ниту западот на земјата не успеаја да ги интегрираат мигрантите. Во старата Западно Германска Република тие беа долго време означени како гастарбајтери – луѓе кои се привремено во земјата и по некое време ќе си заминат, иако тие никогаш не го сторија тоа. Но загарантираното право за азил во Уставот остана. Тоа се потпира на консензус меѓу партиите, а се однесуваше на многу случаи на бегалци и прогони, меѓу кои имаше и многу Германци по 1945. година. Конечно и Ангела Меркел цврсто го бранеше ова уставно право на азил, очигледно водена од христијанските вредности.

Историските искуства и принципите кои произлегуваат од тоа може да исчезнат или да се променат што е сосем нормално. Но, во Уставот не стојат без причина реченици кои човек не може да ги промени – тие имаат гаранција засекогаш. Дополнително, сите други членови во Уставот може да се менуваат само со двотретинско мнозинство во парламентот. Превирањата во политиката поради големиот број бегалци од изминативе години,  поларизацијата на општеството–  сето тоа ја промени земјата, ја направи позатворена и постудена. Но да се напушти уставно загарантираното право на азил ќе ја измести земјата од нејзините историски корени и вредности. Тоа не смее да се дозволи!

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми