Металург го предизвикува Киелце
28 април 2013Ракометарите на Металург со негатива од два гола (25:27) ќе го почнат реваншот, но како што напоменуваат и тие - ништо не е завршено. Иако Киелце оваа сезона има три победи над Металург (23:21; 21:20 и 27:25),, сите натпревари беа неизвесни, а особено тој во Полска, кој заврши и со најмала разлика.
Тренерот Лино Червар нема да може да смета на повредените Миладин Козлина и на Дамир Батиновиќ, а од порано надвор од составот се Мите Стоилов и Дејан Макасков. На повреда уште се жали голманот Дарко Станиќ, но за очекување е тој да биде на голот на македонскиот првак.
И во редовите на полскиот првак се внимателни, а хрватскиот репрезентативец во нивните редови Мануел Штрлек за интернет страницата на клубот изјави: „Металург е опасен, бидејќи нема што да загуби“.
Која од овие две екипи да се пласира во полуфиналето ќе биде дебитант на „фајнл фор“ турнирот во Келн. Почетокот на натпреварот е во 17 часот.
Покрај овој натпревар денеска играат уште: Хамбург и Флензбург (32:26 прв натпревар). Пласман во полуфиналето веќе обезбедија европскиот првак Кил и Барселона.