1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Метеж пред вториот круг: од тешки обвинувања, до мерење IQ

25 октомври 2021

Се вжештува атмосферата пред вториот изборен круг. Опозициските партии обвинуваат за притисоци, МВР истражува, во игра се и ниски удари меѓу опонентите.

Предизборната кампања пред вториот круг на локалните избори е сѐ повжештена
Предизборната кампања пред вториот круг на локалните избори е сѐ повжештенаФотографија: Petr Stojanovski/DW

По обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, дека полицајци блиски до СДСМ организирани во Вибер група договарале притисоци и малтретирање на луѓе од ВМРО-ДПМНЕ за време на изборната кампања, со обвинувања за „невидени притисоци" излезе и Генералниот секретар на Алијанса за Албанците и кандидат за втор градоначалнички мандат во Гостивар, Арбен Таравари. Во гостување на ТВ „Сител“ тој рече дека доказите кои веќе се доставени на соодветни адреси ќе ги објават по 31-ви октомври, притоа посочи и актуелни функционери кои наводно вршеле притисоци, а се впушти и во проценка на коефициентот на интелигенција на лидерот на ДУИ.

„За 30 гласови не поминавме во прв круг. Сѐ уште не можеме да откриеме каде е ујдурмата. Многу неважечки ливчиња има. Просекот по општини за неважечки ливчиња е 3,55%, а во Гостивар е 4,4 %, што е невообичаено само во една општина да има 1% повеќе неважечки ливичиња отколку просекот во сите други општини“, рече Таравари. Запрашан дали се сомнева во манипулации (заокружување на ливчињата), тој одговори потврдно.

„Ова беше тежок притисок од цела држава, со полиција, специјални служби, со секакви механизми на власта. Како и да е, одиме во втор круг и се надевам дека ќе ги победиме уште поубедливо, бидејќи го гледам расположението на граѓаните, кои револтирани максимално велат: ‘За 30 гласови, да излезaт 30.000 луѓе повторно да гласаат, не е во ред'. Имаме доста факти и аргументи за злопотреба, за тепање на луѓе. Јас не гледам никакво мрдање од институциите барем за да превенираат тоа да не се случи повторно (...) Полициската станица во Гостивар е претворена во втор штаб на ДУИ. Разни банди коишто војувале меѓу себе со години, сега се здружени заедно. Тие факти и аргументи што ги имаме нема да ги објавиме до 31-ви  октомври, бидејќи ќе се згрозат граѓаните“, рече кандидатот за градоначалник на Гостивар.

Генералниот секретар на Алијанса за Албанците и кандидат за втор градоначалнички мандат во Гостивар, Арбен ТаравариФотографија: DW/P. Stojanovski

Доставени видео снимки

Таравари тврди дека станува збор за видео снимки „на кои очигледно се гледа што се случува“, а како што рече, биле испратени и до претседателот на државата, до министерот за внатрешни работи, до ОБСЕ/ОДИХР, и до повеќе влијателни амбасади во земјава.

„Очекував барем од претседателот на државата да каже пола збор. Ова што се случуваше на 17-ти октомври, не се случувало ни во времето на Груевски и Мијалков. Таков режим не е виден во последните 60-70 години", обвини Таравари.

Меѓу оние кои вршеле „невиден притисок“ ги посочи директорот на Финансова полиција и претседателот на парламентот. Запрашан за коментар на изјавата на Али Ахмети „да не дозволиме ВМРО-ДПМНЕ да победи во Гостивар“, Таравари отиде и чекор понатаму. 

„ДУИ во 2013 ја украдоа општина Гостивар со гласови на ВМРО-ДПМНЕ и сега Ахмети има лице да излезе и да каже дека Арбен Таравари е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ? Али Ахмети, таков каков што е, со IQ pod 80, може да се занимава со политка само во Македонија, и во ниедна друга држава. Еден таков човек, кој е со потпросечна интелигенција, ова го тврдам како доктор, само во Македонија може да краде, да влијае и да прави ујдурми“, рече Таравари, кој по професија е невролог.

Гласањето во првиот круг на локалните избори помина во мирна атмосфера без инцидентиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Сепак, во Кичево каде во втор круг се кандидати на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Алијанса за Албанците нема да го повика членството да гласа за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Нашиот огранок во Кичево треба да си одлучи и да каже, но најверојатно јас мислам дека ќе го гласаат албанскиот кандидат“,  рече Таравари.

И покрај критиките за ДУИ и Ахмети, наклонетоста кон албанскиот кандидат (од ДУИ), се обиде да ја објасни со фактот дека на локални избори „не се гласа за партија, туку за човек“.

Таравари прогнозира дека ќе има тектонски промени во политичкиот живот во земјата, дека за шест месеци ќе има десет помали групации во ДУИ кои ќе војуваат едни со други, дека сегашното мнозинство се распаѓа и дека веќе се гледаат елементи на ново мнозинство, кое ќе одело по европскиот пат.

Пријави за напади

Аналитичари со кои разговараше ДВ укажуваат дека надлежните институции мора брзо да ги расчистат случаите за кои обвинуваат партиите, бидејќи само така ќе се знае дали станува збор за вистинити тврдења или за конструкции кои имаат за цел да мобилизираат гласачи во нечија корист, токму врз основа на тврдење дека „се оштетени, а институциите не реагираат“. Особено, што во случајот со вибер групата опозицијата обелодени и конкретни имиња, со што проверувањето на тие наводи би требало да оди побрзо.

МВР како невистинити ги отфрли сите обвинувања за „координирано следење, малтретирање и селективно попречување на слободата на луѓе”, но од Министерството најавија дека ќе започнат внатрешна истрага за утврдување на фактите, бидејќи вибер групи или графички прикази од вибер групи може да се креираат и изработат во секое време и од секого, а до МВР не била пристигната ниту една пријава од граѓанин за дејствија какви што беа презентирани на прес – конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

МВР треба да ги расчисти случаите за кои обвинуваат партиите, порачуваат аналитичаритеФотографија: P. Stojanovski

Предупредувањето испратено до Амбасадата на САД еден ден пред првиот круг од страна на припадник на една политичка партија  - дека 83 вооружени лица кои претходно имале кривично досие се подготвени за изборно насилство, за среќа не се потврдија. Гласањето помина во мирна атмосфера без инциденти.

Но, не запираат секојдневните меѓусебни обвинувања за физички и вербални напади во текот на кампањата. Кандидатот за советник од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ Реџеп Реџеповски, вчера пријавил во полиција дека бил физички нападнат од страна на кандидатот за советник од редовите на СДСМ, Самет Салиевски. Во исто време Салиевски пријавил дека бил нападнат од Реџеповски. Истиот ден лица од општинската организација на СДСМ во Василево објавија дека со вербални и физички напади биле спречени да презентираат изборна програма.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми