1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Метју Нимиц зажали што не замина порано во пензија

Горан Чутаноски27 март 2008

Германските весници „Берлинер Цајтунг“ и „Франкфуртер алгемајне„ пишуваат за името на Македонија.

Посредникот Нимиц на разговори при една посета на СкопјеФотографија: Dragan Todorovski


Под наслов „Македонскиот кум“, „Берлинер цајтунг“ го портретира посредникот на ОН во спорот со името, Метју Нимиц.
„Уште пред две и пол години Метју Нимиц сакаше да оди в пензија. Како ислужен дипломат и адвокат, тој си го најде местото во една адвокатска канцеларија во Њујорк и сметаше дека нема да мора да се занимава понатаму со најизлишниот спор во цела Европа: дали Македонија смее да се вика Македонија? Во меѓувреме веројатно се кае што дозволи во 2005-та да го наговорат и да продолжи со посредувањето во преговорите. Проблемот е во тоа што искусниот дипломат во меѓувреме се најде на опасен крстопат меѓу американското нетрпение, грчката тврдоглавост и македонската самодоверба. Проблемот чие спомнување долги години предизвикуваше само уморни насмевки одеднаш доби светско политичка важност. Спорот околу името ќе се најде следната недела на дневниот ред на самитот на НАТО во Букурешт„ – читаме во интернет изданието на „Берлинер цајтунг“.
Угледниот „Франкфуртер алгемајне“ денеска објавува интервју со македонскиот Министер за надворешни работи Анотнио Милошоски, кое исто така му е посветено на спорот со името спроти самитот во Букурешт. Запрашан дали Македонија ќе потклекне во спорот, Милошоски одговара:
„Многу е недемократски на некој човек, на некоја земја или народ да им се оспорува правото на име, сопствен јазик и национален идентитет. За жал Грција со години врши притисок врз Македонците да се откажат од името на земјата и од нивниот национачен идентитет. За среќа името Република Македонија не е спорно за ниту една друга членка на Алијансата освен за Грција. Освен тоа НАТО е сојуз што се занимава со многу посериозни прашања отколку со именување на земји. Членството на Македонија во сојузот ќе значи засилување на стабилноста на Балканот, што со оглед на сегашната ситуација на Косово и во Србија е многу важно.“
На прашањето дали изјавата на генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер по посетата на Атина дека Грција како членка на Алијансата има право на вето не беше соодветен знак за Скопје, шефот на македонската дипломатија вели:
„Сигурен сум дека од генералниот секретар на НАТО ќе добиевме многу посоодветна изјава доколку не ја упатеше од Атина, туку од Кабул каде македонските војници се борат рамо до рамо со грчките, германските, американските и другите колеги. Таму не се прави разлика која земја е формално правно членка на НАТО, а која де факто, бидејќи сите се борат за истата цел и секојдневно се изложуваат на опасности. За никого таму не претставува проблем што на униформите на нашите војници во ИСАФ мисијата пишува Македонија.„
Запрашан за коментар околу најновиот предлог за името Милошоски појаснува дека се’ уште не може да каже ништо и додава дека за Атина е многу поедноставно да фаворизира одредени предлози бидејќи не станува збор за нејзиното уставно име. Тој нагласува исто дека Македонија има разбирање за грчката сентименталност во врска со името и затоа е подготвена за решение за билатерална употреба.
Конечно на прашањето дали било нужно аеродромот во Скопје да се нарече Александар Македонски, Милошоски одговара:
„Јас не сум историчар, но посакувам Грците и Македонците еден ден да бидат подготвени заедничко да го слават Александар Македонски, како што Французите и Германците тоа го прават со Карло Велики. Тоа се историски фигури чие дејствување и важност ги надминуваат границите на една држава, кои ги спојуваат државите и нациите, а не ги раздовјуваат. Не би имал ништо против кога од Скопје, па се’ до Авганистан и Пакистан, што се подрачја на неговото делување, би имало уште повеќе аеродроми со неговото име, кои би ги спојувале луѓето„ – нагласува Антонио Милошоски во интервјуто за денешен „Франкфуртер алгемајне“.


Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми