1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓуетнички коалиции: Еволуција или маркетинг?

8 септември 2021

Партии кои до вчера се гледаа низ оптика на нишан од дијаметрални етнички ровови, сега одеднаш промовираат координиран настап, ставови, па некаде дури и идеолошка платформа. Зошто? Пишува Петар Арсовски

Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Во последно време, а особено за локалниве избори, како преку ноќ да станаа популарни предизборните меѓуетнички коалиции. Партии кои до вчера се гледаа низ оптика на нишан од дијаметрални етнички ровови, сега одеднаш промовираат координиран настап, ставови, па некаде дури и идеолошка платформа. Вакви партнерства се појавија, порано или подоцна, од двете страни на политичкиот спектар, дури и во невообичаени комбинации, и за некои претставуваат можеби и изненадување, од познати причини. Така, се поставуваат неколку суштински прашања – зошто токму сега се појавуваат вакви коалиции, дали ќе траат како политички феномен (на пример и за парламентарните избори), и што значат за иднината на плурализмот и за политичката сцена.

Една од причините зошто токму сега се популаризираа ваквите предизборни коалиции, е континуираната ерозија на ентузијазмот на граѓаните за политиката воопшто, па паралелно на тоа и зголемувањето на цинизмот, апатијата, апстиненцијата и разочараноста од поголемиот дел од постојните политички понуди. Ваквиот феномен, кој е релативно очекувана циклична еволуција на односот на граѓаните кон политиката, зависно од изборните модели, некаде (како што е тоа случај кај нас за овие локални избори), ги тера партиите да најдат начини за окрупнување на политичката понуда, во обид да не ги „ситнат“ изборните гласови, но и да капитализираат од стратегијата „џандар збира“. Истовремено, ова е и реактивен механизам кој има делумна цел да ја пресретне изборната апстиненција и поради ефектот на кумулативна поддршка да ја зголеми излезноста. Ова е една од причините поради кои има притисок за поголеми предизборни блокови наместо поединечни партии.

Мал политички пазар

Втората варијабла која влијае на ваквиот феномен е фактот што Македонија е, сепак, релативно мал политички пазар. Не е сигурно колку ваквиот пазар воопшто може да поддржи повеќе витални политички опции, особено кај албанскиот електорат, каде вкупниот „изборен колач“ е уште помал. Во ситуација на веќе етаблирани идеологии, и особено во услови на долготрајна доминација на некои политички структури, нормален е обидот за окрупнување на понудата. Мислам дека тој феномен веќе го гледавме во поголемите коалиции околу двете најголеми партии во македонскиот блок, а по сѐ изгледа, истиот сега се префрла и на крос-етнички коалиции.

Други колумни од авторот:

Патолошкиот инает на антиваксерите

Сичко с‘што

Старото и новото

Третата варијабла која влијае на овој развој на настаните е, можеби нормалната, еволуција на партиите во мултикултурна демократија. Ваквата еволуција би се одвивала во три фази. Прва е фазата на задолжителни постизборни коалиции за интеграција на етничките заедници, која во Македонија е веќе апсолвирана. Денес никој не би се осмелил да направи влада без албански партнер, па дури и изборот на партнерот, како политички принцип, се наметнува зависно од изборната волја на Албанците. Тешко би било во денешен политички контекст, добитникот кај Македонците, да земе за владин партнер албанска партија која очигледно нема поддршка кај електоратот. Во таа смисла, таа фаза е апсолвирана. Втората фаза на оваа еволуција е пред нас, а тоа се предизборни коалиции. Во моментов тие се прават врз основ на политички опортунитет, но како што ќе еволуира демократијата, ќе се преточат во коалиции на идеологија, т.н. традиционални партнери, за на крајот да преминат во програмски коалиции, односно предизборни коалиции врз основа на заедничка предизборна платформа и програма. Третата фаза (утопијата на мултикултурните демократии), е целосно бришење на етничките предзнаци и фузија во програмски граѓански партии, во кои етничката или религиозната припадност нема да биде важна, туку само програмата, ставовите, и платформите на партиите. Не знам колку сме блиску до таа фаза (зашто на некои политички структури исклучително им одговара етничките гласови да се задржат во етничките рамки), но тоа е следниот логичен чекор.

Претпочитани и задолжителни партнери

Во нашиов контекст, мислам дека сепак, барем засега, ваквиот обид за окрупнување е инспириран од политички опортунитет, а не од желба за синхронизација на програми. Сепак, дури и да е така, предизборни коалиции претставуваат суштинска демократска придобивка, зашто на граѓаните им даваат можност, однапред да се информирани кои се претпочитаните, а задолжителни етнички партнери, а на партиите им даваат можност однапред да ги „испеглаат“ некои прашање кои би можеле да им ја проблематизираат коалицијата. Со еден збор, сите знаат што добиваат во пакет, што е секако подобро и за потенцијалните гласачи, но и за општиот политички амбиент.

Сепак, за некои партии, особено оние со засилен етноцентричен наратив, таквите „бракови“ се особено проблематични и тешки. Во Македонија, во овој момент, сепак коалиција помеѓу СДСМ и ДУИ, е поприродна, но и политички попрофитабилна, одошто коалиција помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците и Алтернатива. Прво, СДСМ и ДУИ тоа табу веќе еднаш го прекршија, со претходна соработка. Второ, во политичката доктрина на етаблираните партнери има помалку точки на разлики, одошто кај „новите партнери“. И трето, што претпоставувам во овие моменти им е и најважно на партиите, во гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива, сепак има етнички антагонисти, кои ризикуваат да ги отуѓат во овој политички брак. Без да навлегувам во лузните од 27-ми април за секоја партија, дури без тоа, оваа коалиција има повеќе предизвици пред себе одошто „старата“, на СДСМ и ДУИ.

Прашање е колку овие партнерства ќе опстојат на парламентарни избори, каде, поради изборниот модел, вакви предизборни коалиции не носат толкав бенефит како за избор на градоначалници, но на крајот, за нас, граѓаните, ова е сепак можеби сигнал за расчистување на понудите, фокус на политичкиот избор, па ако, сакате, и на дестилирање на опциите за правецот во кој сакаме да се движи државата. А тоа е, секако, добар знак.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми