1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓуетнички консензус за правда и слобода

Сефер Тахири24 април 2016

Македонија нема алтернатива! Изборот е еден: градење на слободно и демократско општество и држава во која сите ќе се чувствуваат еднакви, недискриминирани и непотчинети.

Фотографија: Reuters/M. Djurica

Македонија протестира. Никогаш порано во својата плуралистична историја граѓаните не протестирале толку многу. Се протестира против власта- која пак во исто време организира и контра- протестира. Веројатно Македонија е уникатна земја во која се протестира против опозицијата. Дури на контрапротест јавно се бараше Уставниот суд да ги укине дел од невладините организации и политички партии, пред се СДСМ затоа што наводно ја рушат и урнисуваат Македонија. Протестираат и Албанците, дел од нив рамо до рамо со лидерот на СДСМ, Зоран Заев и невладините организации, а дел протестираа во петокот во организација на Движењето за реформи-ДПА. Протестот беше етнички, не само според структурата на учесниците туку и по барањата испратени до власта. Слоганот на протестот беше „Стоп“ за неправдите кон Албанците.

Едно е сигурно, граѓаните во Македонија се освестуваат, го креваат својот глас против режимот на Груевски и неговиот клан. Конечно граѓаните бараат правда, бидејќи во објавените прислушувани разговори се констатираше дека дел од владините функционери ги злоупотребувале нивните функции, ја оштетиле државата и нејзините граѓани.

Граѓаните не само што се освестени, туку и се сплотени еден до друг во борбата против режимот, организираниот криминал и корупцијата, во борбата за враќањето на достоинството и принципите на демократијата и правната држава. Бараат правда, и како никогаш досега има консензус дека правдата ќе стигне до секој кој го кршел законот! Затоа Фатиме Фетаи, Ленче Ристоска и Катица Јанева се омилени меѓу граѓаните.

Без оглед на наративот кој им се дава на протестите кои имаат интеретнички карактер, и тврдењата во дел од медиумите кои ја подржуваат власта дека во протестот учествуваат структури на поранешната Ослободителна национална армија (ОНА), бидејќи на нив учествува и поранешниот генерал на ОНА, Гзим Острени, како претседател на новата партија УНИТЕТИ и се подгреваат страстите, со етнички и верски карактер, граѓанството нема да дозволи да се наметнат вештачки тензии од интеретнички карактер. За прв пат во историјата на Македонија, поверојатен е интраетнички конфликт, кој за среќа нема да се случи поради фактот дека граѓанскиот сектор нема да потпадне на провокациите на власта, која ги инструментализира полицијата и медиумите.

Сефер ТахириФотографија: privat

Македонија нема алтернатива

Популарно наречената „Шарена револуција“ всушност започна на 17 мај минатата година, беше подржана од граѓаните, припадници на различните етнички заедници, датум кој навести дека Македонија може да функционира и поинаку. Граѓаните порачувајќи и на власта дека е време да си оди и да одговара за незаконските дела, во исто време успешно се спротивставуваат и на можните сценарија за интеретнички или интерверски конфликт. Не помина сценариото или пак дејствијата кои звучеа како сценарио околу „Орелот и лавот“. На крај победија граѓаните и преовлада разумот, а ВМРО- ДПМНЕ се повлече од идејата за градење на крст во Бутел. Поттикнувањето на македонско- албански конфликт не помина ни во кумановскиот случај на 9 мај минатата година. Граѓаните и тогаш го прочитаа сценариото дека власта се обидува да го искористи кумановскиот случај за дефокусирање на вниманието од бомбите на опозицијата. Тој план пропадна, граѓаните се освестени, покажуваат секој ден се повеќе и повеќе дека во битката против злосторството треба да бидат заедно. Нема да помине и сега евентуалното сценарио за конфликт, како средство да се спречи работата на Специјалното јавно обвинителство.

Македонија нема алтернатива! Изборот е еден: градење на слободно и демократско општество и држава во која сите ќе се чувствуваат еднакви, недискриминирани и непотчинети. Никој нема да биде сметан за „индијанец“, „шиптар“ или „циган“ само затоа што некој таму „горе“ во власта не е свесен дека власта е моќ, која треба да служи за доброто на сите граѓани. Но пред да доградиме таква либерална, демократска држава, која нема да биде за едните мајка, а за другите маќеа, треба истата да се сочува од тие кои за парцијални интереси се подготвени да ја рушат.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми