1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓународна Олимпијада на германскиот јазик во Хамбург

31 јули 2010

Во организација на Гете институтот и Meѓународното здружение на професори по германски јазик, во Хамбург се одржа Олимпијадата по германски јазик. Учествуваат околу 90 млади од 46 земји, на возраст од 16 до 19 години.

Учесниците на Меѓународната олимпијадаФотографија: DW

Главната идеја на Олимпијадата е младите да се поттикнат да истражуваат и да водат разговори на различни теми. На пример: како си ја претставувам иднината? Што претставува среќата и пријателството во Германија, а што во мојата татковина? Дали луѓето во Германија се покомуникативни отколку на друго место или колку е развиена заштитата на животната средина?

35 учесници на Олимпијадата на пример се одлучија токму за темата екологија. За да можат да ја исполнат една од зададените задачи, учениците заедно со нивните тутори го посетија градскиот парк во Хамбург. Таму „олимпијците по германски“ собираа материјал за нивниот ѕиден весник и подоцнежната усна презентација.

Нови другарства, нови знаења

Елена Ѓореска, ученичка на трета година во гимназија „Мирче Ацев“ од Прилеп, и една од учесниците од Македонија на Олимпијадата, појаснува дека освен ѕидниот весник, пред учениците, во текот на двонеделното дружење во Хамбург, стоеја и други јазични предизвици: „Имавме три вида задачи. Прво пишувавме напис за ѕиден весник, имавме дадено тема и правевме проект, после имавме усна презентација. Тоа го правевме во групи од по пет деца, ученици и третиот дел беше квиз на кој ни даваа по едно прашање.“

Фотографија: DW

Елена Ѓореска, германскиот јазик го изучува од шесто одделение, а до Олимпијадата во Хамбург стигна како првопласирана на републичкиот натпревар по германски јазик. Со неа на северот на Германија допатува и Томислав Коњановски. Тој место на меѓународната олимпијада си обезбеди, освојуваќи го второто место на натпреварот во Македонија. За него учеството претставува: „Како прво е искуство и е многу добра можност, како второ е многу добро дружење и едноставно мала промена, нешто ново,“ вели Томислав, инаку ученик на трета година во Општинско средно училиште, гимназија „Свети Климент Охридски“ од Охрид.

Фотографија: DW

И Елена смета дека учеството на една ваква меѓународна манифестација е големо искуство, во прва линија да се надоградат сопствените знаења по германски јазик, кој впрочем ги поврзува сите учесници на Олимпијадата. „Запознав многу другарчиња од цел свет, од многу земји, нови култури, сепак имаме многу заеднички нешта и покрај тоа што доаѓаме од различни страни на светот, сите не’ поврзува германскиот јазик.“

Елена и Томислав освен што се запознаа со различни култури и традиција, не ја испуштија можноста на новите другари да им ја претстават Македонија: „Имавме презентација за градовите, односно општо за Македонија, местоположбата, главниот град, јазикот. Имавме подготвено и видео, слики од Македонија, главно од природни убавини и проспекти,“ вели Томислав.

Елена надополнува: „Кажавме основни работи за Македонија, пуштавме и малку музика, народна македонска музика.“

Информации на училиште и преку интернет

Фотографија: DW

Инаку двајцата гимназијалци од Македонија велат дека информациите за стипендии или меѓународни натпревари се лесно достапни за учениците, преку училиште или интернет: „Информациите ги добив од интернет и од претходни генерации кои учествуваа на националната олимпијада што се одржува секоја година. На националната олимпијада ја добив и информација дека годинава ќе се одржи интернационална во Хамбург“, раскажува Томислав.

„Достапни се најмногу преку интернет, има доста книги, професорот не’ снабдува со материјали за изучување,“ вели Елена, која мината година веќе имала можност да добие стипеднија од Гете институтот и три недели да посетува курс по германски во Хајделберг.

Освен учењето и натпреварот, на Олимпијадата во Хамбург не изостана ниту другарувањето. Елена, Томислав и останатите учесници, другаруваа преку натпреварот. Оние кои ја одбраа темата екологија, „работејќи“ во паркот во Хамбург, си одвоија време и за сладолед и подобро запознавање. Имено, како и на секоја Олимпијада и во Хамбург важи основниот олимписки принцип: најважно е да се учествува!

Автор: Александра Трајковска/дв

Редактор: Горан Чутаноски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми