1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓународна осуда на безредијата на Косово, се очекува вонредна седница на Советот за безбедност на ОН

18 март 2004

Генералниот секретар на ОН Кофи Анан ги осуди судирите на Косово и ги повика сите страни веднаш да го прекинат насилството, кое, како што оцени, ја загрозува стабилноста на покраината и безбедноста на сите нејзини граѓани. Анан им изрази подршка на напорите на шефот на УНМИК Хари Холкери и на меѓународната заедница за нормализација на состојбата во покраината.

Советот за безбедност денеска ќе одржи затворена седница посветена на состојбата на Косово. По вчерашната вонредна седница на српската влада, премиерот Воислав Коштуница рече дека властите во Белград ќе побараат итна седница на Советот.

Брајан Коуен, министер за надворешни работи на Ирска, земјата претседавач со ЕУ, апелираше за итен прекин на насилствата на Косово и побара одговорните за судирите да бидат изведени пред суд. Со осуда се огласи и претставникот на Унијата за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана. "Овој криминален акт е неприфатлив и претставува закана за обидите за подобра иднина на Косово" се вели во писмената изјава на Солана. Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјазов ја искажа загриженоста со која неговата земја ги примила информациите за ескалација на етнички мотивираното насилство. Жалење поради избувнувањето на насилствата искажа американскиот Стејт Департмент. За шефот на американската канцеларија на Косово Марси Рис, ескалацијата на насилството е "разочарувачка и ги загрозува односите меѓу етничките заедници". Она што уште повеќе загрижува е што граѓаните сами ги земаа работите во свои раце, верувајќи во непотполни и несигурни информации, вели Рис. Меѓуетничкото насилство и посебно нападите врз војниците на Кфор најостро ги осуди генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми