1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓу дијалог и оддалечување

Рихард Фукс
27 септември 2016

Во Берлин денеска се одбележува десетгодишнината од Германската исламска конференција. Што таа донесе досега?

Deutschland - Innenminister de Maiziere auf der Islamkonferenz 2015
Фотографија: picture-alliance/dpa/K.-D. Gabbert

Германската исламска конференција се одржува од 2006 година и замислена е како целен дијалог со отворен исход. Платформа која треба да придонесе за подобро разбирање меѓу муслиманите и претставниците на сојузот, покраините и општините. „Исламот е дел од Германија, дел од Европа, дел од сегашноста и дел од нашата иднина“, изјави во тоа време министерот за внатрешни работи Волфганг Шојбле на отворањето на конференцијата.

Во Берлин денеска (27.09) се одбележуваат десет години постоење на Конференцијата. Погледот наназад за Али Ертан Топрак е болен. Претседателот на Заедницата на Курдите во Германија смета дека овој форум е неуспешен. Наместо приближување, според Топрак, може да се забележи „значително зголемување на дистанцата токму по прашањата на заедничкиот систем на вредности и лојалноста кон германската држава“.

Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезие на работите гледа поинаку. Тој извлекува позитивен биланс. „Постигнавме многу“, вели министерот и укажува дека Исламската конференција постојано „дава импулси“ и е „гарант за реални резултати“. Воведувањето на настава по исламска религија и создавањето катедри за исламска теологија на универзитите, според Де Мезие, се два познати практични резултати од Конференцијата.

Сепак, предизвици има уште многу. Минатата година во земјата дојдоа стотици илјади муслимани. Освен тоа, Германија беше потресена од исламистички мотивирани терористички напади. Тоа многу ја промени сликата за исламот во Германија, вели министерот. Ополномоштеничката на германската влада за прашања на интергацијата, Ајдан Озогуз, опоменува дека е опасно да се водат „површни дебати за исламизмот и тероризмот“. Приоритет треба да имаат суштински теми, каде се соочуваат факти. Претседателот на Централниот совет на муслиманите Ајман Мазијек во интервју за ДВ наведува една таква тема - „институционална рамноправност на исламот во Германија со останатите религии“.

Томас де Мезие е домаќин на Исламската конференцијаФотографија: picture-alliance/dpa

Кој ги застапува муслиманите?

Кој со кого може да разговара на исто ниво? Тоа е една од централните конфликтни теми во десетгодишното постоење на Конференцијата. Во меѓувреме, претставници на сојузот, покраините и општините разговараат само со претставници на исламски и турски здруженија. Иницијаторот Шојбле во почетните години од постоењето на Конференцијата испраќаше покани и до индивидуи, главно од полибералниот, посекуларниот спектар. Внатремуслиманскиот судир меѓу конзервативните сунитски сили, алевитите и либерално-секуларните личности беше програмиран.

Овие конфликти треба да се издржат, бара Сејран Атес. Адвокатката со курдско потекло учествуваше на првите Исламски конференции од 2006 до 2009 година како независен муслимански глас. Во интервју за ДВ таа вели: германската политика би морало да прифати „дека исламот како религија не може да се организира како христијанската црква, значи дека нема една институција која зборува во име на сите“. Затоа, според нејзе, би се направила фатална грешка ако на масата седат само претставници на организирани здруженија и организации. „Мислам дека Исламската конференција не си прави услуга со тоа што како партнер за разговор кани само здруженија кои застапуваат само 15% од муслиманите.“

Професорот Матијас Рое, кој како исламолог исто така учествуваше на првата Исламска конференција, пак за ДВ потенцира: „Кој сака да учествува во разговорите, мора да се организира. Тоа важи и за либералните и секуларни личности.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми