1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Татковина или транзитна земја?

Немања Рујевиќ/ Ж. Ацеска23 февруари 2015

Бранот бегалци од Косово кон ЕУ продолжува. За Србија, која е транзитна земја, масовното бегство е деликатна тема. Политичарите се обидуваат да поентираат, а „врие“ од теории на заговор.

Фотографија: AFP/Getty Images/A. Nimania

Група претежно млади луѓе, тесно збиени еден до друг, на белгардската автобуска станица нервозно ја набљудува непознататата околина во српската престолнина. Тие меѓусебе зборуваат албански, а не се расположени да разговараат со новинари. Зад себе имаат долго патување со автобус од Приштина, а сакаат да продолжат кон Суботица, српски град на крајниот север на земјата, оддалечен само неколку километри од унгарската граница - на дофат на Шенген просторот, кој за многумина Косовци е исто што и ветената земја.

ЕУ - совиновник?

На границата кон Унгарија овие луѓе стануваат илегални бегалци. Но, во Србија смеат легално и непречено да се движат.

„Тие би требало да смеат слободно да се движат и во својата земја“, вели српскиот комесар за бегалци Владимир Чучиќ во интервју за Дојче веле. Тој го застапува официјалниот став на српската политика: Косово, поранешната српска покраина, која пред седум години прогласи независност, воопшто не е суверена држава.

„Затоа, Србија може само да укажува, на пример, да ги предупредува унгарските колеги за движењето на многубројни групи кон север. Ние не можеме и не сакаме да го ограничиме слободното движење“, потенцира Чучиќ.

Стотици Косовци се запрени на унгарската границаФотографија: Reuters/M. Djurica

Според проценките, последните месеци околу 100.000 луѓе ги напуштиле своите родни места во Косово. Масовното бегство се должи и на договорот меѓу Белград и Приштина, кој предвидува и слободно движење на Србите и Косовците во двете земји. Спогодбата, која неодамна стапи во сила, беше постигната по макотрпни преговори и под притисок на Брисел. Затоа, српскиот министер за надворешни работи Дачиќ неодамна забележа дека ЕУ сноси дел од одговорноста за бегалската проблематика, па затоа треба и да најде решение за неа. Министерот за внатрешни работи Стефановиќ отиде чекор подалеку, кога полн со задоволство го констатираше фактот што толку многу Косовци патуваат низ Србија или побарале српски пасош, што значи - и натаму ја признаваат Србија за своја држава.

Ваквите изјави Теофил Панчиќ ги оценува за бесмиселн триумфализам. Несериозно е Косово и натаму да се смета за дел од Србија, вели колумнистот на белградскиот неделник „Време“.

„Работата е едноставна: некои пасоши имаат поголема вредност од други. Исто како што Србите се обидуваат да дојдат до ЕУ-државјанство преку соседните земји Хрватска, Унгарија или Бугарија, не треба да чуди што косовските Албанци сакаат српски пасоши“, вели Панчиќ во интервју за Дојче веле. Сепак, и тој гледа одговорност кај Европејците, зашто ЕУ и нејзините земји членки играа активна улога во настанувањето на Република Косово. Денес над 100 земји ја имаат признато независноста на најмладата европска држава, меѓу нив и 23 ЕУ-членки.

Ронка теорија на заговор

Како причина за бегството од Косово најчесто се споменува тамошната беда, но многумина аналитичари и весници во Србија не се задоволуваат со такво едноставно објаснување. Комесарот за бегалци Чучиќ истакнува дека тој не сака да биде „балкански теоретичар на заговори“, но верува оти зад егзодусот стои одредена структура.

„Како е можно одеднаш илјадници луѓе да патуваат кон Унгарија, а до пред некој ден немаше ни еден единствен?“, прашува тој. Неговата теза: луѓето на Косово се манипулирани и масовниот егзодус е вештачки стимулиран. Така Приштина врши притисок и може од ЕУ да бара визна либерализација и други погодности, убеден е Чучиќ. Тој ни оддалеку не е единствен застапник на оваа теорија во Србија.

Има и многу погруби: на националистичките портали како srbijadanas.com или web-tribune.com човек може да ги прочита „вистинските причини“ за масовното бегство. Притоа за Албанците се користи терминот „Шиптари“, кој во Србија има негативна конотација. Високотиражниот булеварски весник „Информер“ го користи истиот речник и известува за „албанска инвазија“.

Некои од Косовците сепак стигнуваат до ПасауФотографија: picture-alliance/dpa/M. Müller

Теофил Панчиќ не прифаќа вакви теории, верува дека луѓето ги гони огромната сиромаштија. „Косово со години не е никаде. Тешко е да се биде граѓанин на ентитет кој е држава на половина пат, која е делумно независна и нецелосно призната. Кон тоа доаѓаат страшната економска ситуација и пасош кој не овозможува патувања.“ Оваа неиздржлива ситуација, дополнува политичкиот коментатор, создава социјална бомба.

Патот за назад

Дали оваа бомба може да се деактивира со барање за азил во западна Европа, е прашање. Пораката на германските и австриските политичари е недвосмислена: Косовците немаат никаква шанса за азил. За неколку месеци човечките маси повторно ќе бидат вратени во Србија. За српските служби тоа ќе биде рутина, вели Чучиќ, Белград од свое искуство знае најдобро као изгледа враќањето. Секој Албанец, кој безуспешно доставил барање за азил, ќе биде испратен назад во неговиот град.

Но, комесарот за бегалци Чучиќ верува дека со тоа проблемот не е решен: „ЕУ на овие луѓе ќе им одреди забрана за влез. Но, тие, исто како и многумина Роми од Србија, за малку пари ќе ги променат имињата, ќе добијат нови пасоши и повторно ќе се обидат.“ Можеби повторно ќе ги сретнеме на белградската автобуска станица.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми