1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Меѓу омразата и стравот

14 март 2020

Дали изборите може да почекаат? Речиси целата јавност мисли дека треба да се одложат поради коронавирусот, а политичките лидери уште премеруваат кој би можел да изгуби повеќе со таква одлука. Пишува Љупчо Поповски

Mazedonien Kommunalwahlen Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/abaca/A. Fazlagikj

Граѓаните се во грч, па дури и страв, околу Ковид-19, но можеби поради малиот број заразени тој уште не се доближил до границата кога може да премине во паника. Неколку работи придонесуваат работите, барем засега, да се држат под некаква контрола. Јасно е дека и многу поорганизирани држави од нашата не можат да го скротат опасниот вирус (видете ја драмата што се случува во Италија, а и онаа во Шпанија), но неколку работи придонесуваат работите овде, барем засега, да се држат под некаква контрола. Но никој нема кристална топка да тврди дека нештата ќе останат такви.

Министерот за здравство, Венко Филипче, можеби на изненадување за многумина се покажа како човек кој знае да се носи со кризата и организирањето на државните институции во оваа речиси воена ситуација. На прес-конференција кога беше соопштено дека во Македонија е забележан првиот случај на корона вирус заедно со него беа техничкиот премиер и главниот епидемиолог. Понатаму немаше потреба од нив – смирениот тон на Филипче, транспарентноста на неговите изјави и лекарското знаење ја зголемија довербата во јавноста дека кризниот штаб знае како да ја води работата. Тоа не е мала работа за оваа држава која постојано има сомневање за способноста на врвните луѓе на која било власт. Слично беше и со  трагедијата со автобусот кај Ласкарци – организацијата на транспортот, прифаќањето и лекувањето на повредените беше организирано на таков начин (повторно од Венко Филипче) што многумина ги наведе на заклучок дека институциите во државата навистина може добро да функционираат кога има добра координација и организација меѓу нив.

Ужасниот инцидент со неодговорната директорка од Кожната клиника ја доведе јавноста во ситуација на општа омраза, која отиде подалеку од гневот. Во вонредни ситуации и однесувањето на луѓето е вонредно, доколку се појави паника тоа може да биде и мошне насилно. Тоа беше пресвртна точка во оваа криза – сите веруваат дека со тој случај ја преминавме точката до којашто не требаше да стигнеме. Навистина е тешко да се објасни постапката на директорката (какви и толкувања да се даваат), а сета јавна омраза требаше врз себе да ја прими токму Филипче. Тоа се виде од неговиот потиштен лик кога зборуваше дека е „многу разочаран“, затоа што поради постапката на еден апсолутно неодговорен лекар инфекцијата може целосно да излезе од контрола. Со спокојниот тон успеа некако да ја задржи во некакви јавни рамки омразата, но тоа не значи дека може да го запре и вирусот (ако дошол) кај оние што контактирале кај директорката.

Како да се одмерат зборовите

Ова не е некаков панигирик за еден министер, во овој случај Венко Филипче, но кога на јавноста и недостасуваат примери за одговорно и професионално однесување, секоја пофалба може да се толкува како непримерна. Во оваа криза ВМРО-ДПМНЕ го загуби наративот. Наместо да го следи пулсот на заедничкиот страв, се обиде да печали нешто онаму каде што за тоа немаше никаква потреба. Најавата дека ќе поднеселе кривична пријава за Филипче затоа што директорката заминала во Италија на скијање, а потоа не пријавила дека можно е да ги има симптомите на инфекцијата, драматично ги оддалечи од јавниот дискурс. Можеби тоа ќе има некакво свое влијание и врз изборите ако се одржат. Бесмислените тврдења на високите функционери дека Филипче не бил на кандидатските листи на СДСМ затоа што неуспешно се справувал со кризата се контрадикторни во самата нивна суштина. Од една страна, тие критикуваат зошто како носители на листите се појавуваат министрите кои ја водеа реформската агенда, а од друга, прашуваат зошто Филипче не бил на нив.

Претходни колумни од авторот:

И Мицкоски удира во истиот ѕид

Облечете чизми, ставете маски, валканата кампања е веќе почната

Кој го советува Мицкоски?

Новата методологија ја бетонираше Преспа

Во тоа потрага по некаква соодветна реакција во четвртокот вечерта генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев, во непријатната караница со неговиот колега од СДСМ, Љупчо Николовски, на Телма искажа толку многу потценувачки работи за Филипче и за справувањето со кризата. И еден куп оценки дека се што досега било направено било во голема мерка промашено доведувајќи се самиот себеси во апсурдна нихилистичка позиција дека секој што не е од вмровска провиниенција по дефолт е неспособен и неодговорен.

Речиси во исто време, еден друг висок функционер од вмровската номенклатура, Тимчо Муцунски (втор на листата во Првата изборна единица), на Алсат зборуваше со поумерен тон, иако велеше дека „системот потфрлил“, но дека тоа било само во еден негов дел. Но и Муцунски не успеа да избега од партискиот кафез, затоа што зборуваше за работи кои се несоодветни. Тој рече дека комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ се ставала на располагање за надминување на кризата, како да се работи за пишување на некаков закон од сферата на здравствената заштита. Ниту лекарите од партиската комисија за здравство го имаат вмровскиот дискурс, ниту лекарите од сдсмовската провиниенција го имаат само нивниот партиски дискурс. Има Комитет за кризи во кој директно или посредно учествуваат стотици луѓе чија главна борба е да се спречи колку што може ширењето на корона вирусот и, веруваме, дека партиската припадност е апсолутно споредна, уште повеќе, апсолутно неважна во овој момент. Па затоа понудата за партиска помош е несоодветна и политички апсурдна.

Како изборите да се работа од којашто зависи здравјето на граѓаните на оваа земја и дека барем засега е незамисливо тие да се одложат, главните политички лидери остануваат детерминирани да се оди на гласање на 12 април. Од една страна, тоа може да има оправдување дека ако уште од сега се бара одложување на изборите може да се подгрее сомневањето дека работите во наредните недели навистина може да излезат од контрола и тоа да предизвика качување на повисоко скалило до местото од каде што завршува стравот и почнува паниката. На одреден начин тоа значи и обид да се спушти загриженоста за еден степен подолу.

Здравјето и политиката

Но ако се остварат најавати на двете најголеми партии дека освен на телевизиите, дигиталните и социјалните медиуми кампањата ќе ја воделе и од врата до врата тоа ќе значи директна можност за проширувањето на инфекцијата. Едноставно, тоа тешко оди едно со друго ако политичарите се чувствуваат одговорни за јавното здравје. Најпосле, нејасно е колкава може да биде излезноста на избори обвиткани со стравувањето за сопственото здравје. Па тогаш легитиметот на победата на која било партија ќе биде драматично доведен во прашање. Тоа на сугестивен начин го кажа вчера претседателот Стево Пендаровски велејќи дека нема да биде крај на светот ако изборите се одложат за месец-два.

Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Се разбира, животот не смее да запре и во вакви кризи. Само што треба да биде поинаку организиран. Франција и покрај драстичните мерки што ги најави претседателот Емануел Макрон во четврток вечерта, сепак ќе го одржи првиот круг од локалните избори в недела. Но, Велика Велика Вританија вчера  одлучи да ги одложи локалните избори што требаше да се одржат на почетокот од мај за идната 2021 година поради големиот ризик за здравјето на населението. Џозеф Бајден и Брени Сандерс ги откажаа митинзите во трката за номинација кај демократите. Доналд Трамп на почетокот со омаловажување се однесуваше кон опасноста од вирусот, велејќи дека тој ќе си заминел на почетокот од април, за во петокот да прогласи кризна состојба во целата земја.

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кога еуфорично ги претставуваа кандидатските листи оваа недела зборуваа само за победа и победа. Нивните лидери во своите говори воопшто не ја споменаа опасноста од Ковид-19. Како воопшто да не постои. Веројатно таквата стратегија била сугерирана од партиските спин-доктори. Дали  тоа беше добро одбрана тактика ќе дознаат наскоро. Бидејќи зборуваа само за изборите според она што беше кажано веројатно можат да се одредат траекториите на кампањата што ќе следи, ако дојде до неа.

Прво, ги дознавме слоганите на двете партии. СДСМ излезе со порака којашто многу потсетува со мотото на Барак Обама кога стана претседател – Yes, we can! (Да, ние можеме!) Слоганот на СДСМ е „Можеме. Уште повеќе. Уште подобро“. Мотото на ВМРО-ДПМНЕ е „Повеќе за секого“. Говорите на Зоран Заев и Христијан Мицкоски според политичката структура беа целосно различни. Зоран Заев, разбирливо за лидер на партијата што е на власт, зборуваше во значаен дел за успесите што ги постигна неговата влада. Потоа ги образложи петте столбови врз кои ќе се темелело нивното владеење во наредните четири години: економијата; ред, дисциплина и правда; членството во НАТО и преговори со ЕУ; создавање еко-држава; и грижа за сите. На крајот од говорот мал дел му посвети на ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи го дека носи само „мрак, манипулација, враќање назад, минато и страв“. Името на Мицкоски го спомена пет пати.

Говорот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ речиси две третини беше исполнет со критики на СДСМ и оценката дека „и официјално ви кажувам дека експериментот Заев заврши како неуспешен“. Името на Заев го спомена 17 пати. Освен што зборуваше за предавства и криминали на носителите на сдсмовските пратенички листи, тој прилично неумесно го навреди координаторот на пратеничката група на СДСМ во Собранието, Јован Митрески, велејќи дека „корупцијата на Радмила ја покрива извесен Јован од Струга“. Од седумте страници говор тој и посвети едвај половина страничка на програмската понуда на партијата, кратко повторувајќи ги работите што претходно ги кажа на неколку прес-конференции. Сето останато беше вкалапено во патриотски флоскули за херојство и предавство и за новата иднина. И прозаичните тврдења дека „Македонија е бесконечност“.

Но имаше и една специфична новина. Мицкоски на собирот рече дека „носителите и пратениците ќе бидат дел од парламентот, таму каде што добиле доверба од народот. Ние не ставаме луѓе кои после ќе избегаат во извршната власт“. Доколку ВМРО-ДПМНЕ победи, а потоа може да ја состави и идната влада, тоа ќе значи дека целиот партиски врв (генералниот секретар и потпретседателите), освен самиот Мицкоски, ќе останат во собраниските клупи. А тој би правел влада со некои други луѓе кои не ја изнесле на свој грб кампањата. Ќе видиме дали тоа навистина ќе се случи ако победи неговата партија. Како и да е, ова е еден специфичен доказ за хелиоцентричноста која за себе ја проектира Мицкоски.

Ова се стартните позиции пред да почне кампањата. А изборите? Ќе видиме дали тие ќе се одржат на 12 април, без оглед на она што сега го тврдат од партиите. Најважната работа е да се ограничи инфекцијата од Ковид-19. А политиката некогаш може и да почека. Колку и да се нестрпливи политичарите. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми