Меѓу насилниците има болничари, писатели и педагози
23 мај 2017
Кривичниот суд попладнево експресно ги прифати признанијата на девет насилници кои на 27 април упаднаа во Собранието. Сите добија условни казни. Меѓу нив има луѓе со најразлични занимања и профили. Само еден е со досие
Реклама
Условни затворски казни за деветмина насилници кои на 27 април упаднаа во Собранието и учествуваа во нередите, пресуди денеска Кривичниот суд во Скопје. Повеќето меѓу нив се со високо образование, и сите освен едно лице биле претходно неосудувани. Агенцијата Макфакс меѓу насилниците откри еден болничар, писател, педагог и туризмолог, како и вработени во ЈП Водовод и канализација и во депонијата Дрисла. Еден осуден е пензионер. Првообвинетиот Димче Христовски- Жабата доби највисока условна казна од 1,5 година во случај да го повтори делото во следните пет години. Претставникот на обвинителството тврдеше дека со нивното поведение е загрозен јавниот ред и поредок на државата.
Во пресудата се наведува дека осудените ја турнале заштитната ограда на Собранието и се упатиле кон северниот и јужниот влез. Дел од осудените биле дел и од толпата која во прес-центарот со тупаници и клоци ги удирале пратениците.
Ангеле Зафировски, алијас Бате Геле, на судењето рекол дека е писател. Борис Мутков со прекар Фантом пред судијката се правдал дека не знаел оти тоа што го прави во Собранието е кривично дело.
Судијката Милка Васевска Ангеловска оцени дека пресудата е сразмерна со здравствената и имотната состојба на обвинетите, со претходната неосудуваност, како и со признавањето на вината.
Сведоштва за „крвавиот четврток“ во македонскиот парламент
Невидени хаотични слики: Откако мнозинството пратеници го избра пратеникот на ДУИ Талат Џафери за претседател на Собранието, на противење на пратениците од ВМРО ДПМНЕ, во законодавниот дом упадна толпа насилни луѓе.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Навала пред вратите на Парламентот
По изборот на Талат Џафери за нов претседател на Парламентот, од иницијативата „За заедничка Македонија“ ги повикаа граѓаните да излезат уште помасовно на протест, со цел да ја спасат државата од, како што истакнаа, влегување во сценарио од кое нема враќање назад. Толпата почна да притиска кон вратите на Собранието за да влезе во него.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Слабо присуство на полицијата
Неколку големи групи граѓани влегоа во парламентарната зграда, во пленарната сала, во фоајето и во други простории на парламентот, откако полицијата не го спречи првиот бран од граѓани кои протестираа против изборот на нов претседател на Собранието.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Незапирливо „заземање“ на Парламентот
Меѓу оние кои упаднаа имаше и маскирани лица со качулки, кои фрлаа столици во собраниските простории и медиумска опрема.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
„За заедничка Македонија“ во Собранието
Во закондавниот дом завладеа хаос. Тука беа организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“, тука беа и министри и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Grdanoski
Знамиња и песни
Дел демонстранти ја „зазедоа“ и Пленарната собраниска сала, каде што пееја песни и вееја знамиња.
Фотографија: picture-alliance/abaca/B. Ademi
Напади врз пратениците на СДСМ
Демонстранти навлегоа и во прес-центарот, каде што беа пратениците на СДСМ и ДУИ и почнаа да ги тепаат со столови и со сè што ќе им дојде до рака. Крвнички напаѓани беа Зоран Заев, Дамјан Манчевски, Максим Димитриевски, Радмила Шеќеринска, Хари Локвенец, Зијадин Села. Полиција немаше.
Фотографија: picture-alliance/abaca/N. Batev
Полицијата се „разбуди“
По повеќе од еден час по почетокот на инцидентите, полицајци влегоа во Собранието и се обидоа да ги извлечат пратениците од прес-центарот, но беа избркани од толпата што ги држеше како заложници. Толпата се забарикадира во прес-центарот.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Евакуација на повредените пратеници
Некаде пред 22 часот дојдоа и специјалци, па почнаа да се обидуваат да ги вадат повредените од забарикадираниот прес-центар.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Извлечени пратениците
Кратко пред полноќ пратениците од парламентарното мнозинство беа извлечени од Собранието, а пред него и понатаму останаа насобраните демонстранти.
Вкупно стотина лица се повредени, од кои четворица се пратеници. Целото Собрание е демолирано, тврдат новинари, од кои дел исто така беа напаѓани.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Шатори пред Собранието
Припадници на движењето „За заедничка Македонија“, кое ги предводи демонстрациите, кои синоќа прераснаа во безредија и насилство, поставија шатори пред Собранието и најавија дека ќе останат таму „колку што е потребно“, за да ја „одбранат Македонија“.