1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Перспектива или укинување на визите?

Б. Георгиевски/дпа/афп7 август 2015

Перспектива за бегалците од Балканот, наспроти затворање на границите и враќање на визите. Се вжештува дебатата на оваа тема во германската јавност, а ставовите се крајно поларизирани

Фотографија: Reuters/M. Rehle

Германските социјалдемократи сакаат да ги подобрат шансите за вработување за бегалците од Западниот Балкан, и на тој начин да се намали бројот на баратели на азил од овој регион. На луѓето од регионот треба да им се овозможи добивање на работна виза за Германија, доколку добијат работен договор со најмалку минимална плата. Планот е договорен во врвот на СПД, и освен можноста за вработување тој предвидува и прогласување на другите земји од регионот, за земји со „сигурно потекло“, што ќе овозможи полесно враќање на бегалците во нивната татковина.

Партиите на Унијата (ЦДУ-ЦСУ) веќе подолго време предлагаат нешто слично, а СПД првично се спротивставуваше, но сега полека попушта под притисок на огромниот број баратели на азил од балканските држави.

Дел од балканските бегалци и сега имаат можност да побараат работна виза во Германија, доколку им припаѓаат на категориите кои се сметаат за дефицитарни на пазарот на трудот. Но, многумина од нив и не знаат за оваа можност.

Потпретседателката на СПД, Ајдан Озогуз вели дека е важно на овие луѓе да им се понуди перспектива за да успеат по легален пат да мигрираат.
„Мораме да го отвориме патот за влез“, вели Озогуз која е и ополномоштеник на владата за миграции. На прашањето дали за ќе има согласност и од Унијата, таа одговори: „Ќе покаже времето“. Претседателот на ЦСУ Хорст Зехофер веќе се изјасни против било какви мерки кои ќе водат кон поголемо доселување.

Потпретседателот на ЦДУ, Фолкер Буфие сепак го поздрави предлогот на СПД како „дискутабилен предлог“. „Со доделувањето на работната виза би можело да им се помогне токму на оние луѓе кои од економски причини го напуштаат Западниот Балкан и доаѓаат во Германија со валидни документи за работа. Од тоа нема да профитираат само тие луѓе, туку и нашата економија“, изјави Буфие.

Ханс-Петер Фридрих (ЦСУ) бара враќање на визите за БалканотФотографија: picture-alliance/dpa

Длабока поделеност

И покрај најавите за конструктивни разговори, германската политичка сцена засега останува длабоко поделена во однос на прашањето за бегалците од земјите од Западниот Балкан. Радикалните ставови и натаму претежно доаѓаат од баварската ЦСУ, чии функционери пред граѓаните застапуваат бескомпромисни ставови. Потпретседателот Ханс-Петер Фридрих и денеска, втор ден по ред, на водечките медиуми во земјата го застапува барањето за укинување на безвизниот режим за балканските држави. „Ќе доживееме општествена дестабилизација на земјата, доколку не го запреме илегалното доселување“, изјави поранешниот министер за внатрешни работи Фридрих за вториот канал на јавниот сервис. Бегалците од Западниот Балкан ги користат капацитетите кои се наменети за бегалци кои се вистински предмет на прогон. „Мораме да се погрижиме, тие воопшто да не пристигнуваат тука“, вели Фридрих.

На спротивниот крај на политичкиот спектар, водечките функционери на СПД не само што ги отфрлаат ваквите барања на баварските конзервативци, туку се залагаат за олеснување на доселувањето на бегалците од Балканот. Тоа во интервју за весникот „Зидвест пресе“ денеска го потврди и министерот во покраинската влада на Баден-Виртемберг Петер Фридрих, пледирајќи и за продолжување на преговорите за членство во ЕУ со земјите од регионот.
„Треба да ги забрзаме преговорите за членство со земјите. Тоа ќе придонесе за етаблирање на европското право и однос кон бегалците во балканските земји“, вели Фридрих.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми