1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓу шеријатскиот и рускиот закон

Јулија Вишњеветцкаја/сн18 јули 2015

Во одделни региони во Русија муслиманите го усогласија својот начин на живот со исламското право, односно се повикуваат на шеријатскиот закон. Неговите правила често се во спротивност со законите на Руската федерација.

Фотографија: Maxim Marmur/AFP/Getty Images

Ограничени права на жените, полигамија и склопување бракови со малолетнички, т.н. „убиство поради чест“ или пак крвна одмазда, се само некои од примерите на кршење на руското право во одделни региони во Русија во кои живеат претежно муслимани. Но, моќните елити во тие делови на Руската федерација дозволуваат таков вид кршење на руското право со образложение дека исламската традиција мора да се почитува.

„На Волга, како и во Татаристан и Башкортостан, шеријатскиот закон е нешто што му припаѓа на минатото, но на Северен Кавказ навистина се применува“, вели Ахмет Јарликапов од московскиот Институт за меѓународни односи. Така во Дагестан има и Шеријатски судови чии судии ги избира локалната заедница. А неговата работа ја следи совет на муслимански старешини. „Тие по правило се ограничуваат на ситни криминални дела или кавги меѓу сопружници. Често тука се работи и за поделба на имот по развод“, вели Јарликапов. Но, тие судови, вели овој експерт за Кавказ, не се комплетни бидејќи во овој регион има малкумина кои добро го познаваат исламското право.

Фотографија: Reuters

Прашања за наследство и закон за развод

Луѓето често се вртат кон исламското право за да решат меѓусебни конфликти. Но, правничката Лејла Џабарова вели дека кога станува збор за семејно право постојат огромни разлики меѓу исламското и руското право. И таа е муслиманка и работи во еден руски суд. „Во Русија детето по разводот најчесто останува кај мајката. Но, според исламското право детето може да остане кај неа само додека не се омажи повторно. Бидејќи, очувот важи за странец со кој на пример девојче не би смеело да живее во иста куќа“, објаснува Џабарова. Тоа правило меѓутоа не важи ако е во прашање момче.

Пречки постојат и кај правото за наследство. Според руското право постои можност на оставање тестамент, но според шеријатскиот закон тоа не е можно. „Ако семејството има син тогаш тој добива најголем дел од наследството. А ќерките добиваат еден многу мал дел“, вели Џабарова.

Различно гледање на полигамијата

Фотографија: AP

Спротивна на руското законодавство е и полигамијата,која според шеријатскиот закон не е забранета. Ахмет Јакупов нагласува дека кај руските муслимани полигамијата е многу поретка отколку што се мисли. „Тоа е во голема мерка претерано. Бидејќи, тоа е широко распростането само во Ингушетија. Но, ни таму нема повеќе од 7 проценти такви бракови кои не ги признава рускиот закон. Во Дагестан бројот е уште помал“, смета овој експерт.

Роман Силантјев, стручњак за религија смета дека полигамија се случува само во одредени ситуации. „Кога, на пример, една жена ќе го загуби сопругот, неа друг маж може да ја земе за втора жена, за да не мора сама да се мачи со своите проблеми. Јас лично за таквите случаи имам разбирање.“

Лејла Џабирова тука нагласува оти еден маж може да земе друга жена само со согласност од својата прва сопруга. „Најчесто се случува таа жена, ако е верничка, да се согласи. Секако, таа не сака со никого да го дели својот сопруг, но љубовта кон Бога е посилна“, смета Џабарова. Таа подвлекува дека во таков случај е најважно двете жени да се согласат со таквата одлука.

Рускиот претседател Путин со верски претставници на муслиманите во РусијаФотографија: AP

Најкомпликувано е во Чеченија

Најголем проблеми во случај на применување на исламскиот закон во Руската федерација има во Чеченија. „Најтешки повреди на руското законодавство се случуваат кога станува збор за крвната одмазда и угнетувањето на жените“, известува Јелена Буртина од хуманитарната организација за бегалци „Цивилна поддршка“. Таа вели оти многу жени кои бегаат од Чеченија им се обраќаат токму ним. На тие жени најчесто им се заканува „убиство поради чест “ ако членовите од семејството ги обвинат за измама. Во Чеченија „убиствата поради чест“ и крвната одмазда не се казнуваат.

Според Буртина, Кремљ е премногу попустлив кон чеченското раководство. Таа е уверена дека претседателот Рамзан Кадиров и неговото опкружување ја користат исламската традиција за да ги постигнат своите цели, зајакнат сопствената власт и да ги забошотат злоставувањата. „Тие ја толкуваат традицијата на сопствен начин и го отфрлаат сѐ она што не оди во нивна полза“, вели Буртина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми