1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Мејд ин Косово“ тешко ќе помине во Србија

5 септември 2011

Договорот меѓу Белград и Приштина околу печатите на косовската царина наидува на поделени мислења. Мнозинството претставници на косовските институции ја поздравуваат спогодбата, а меѓу производителите има незадоволство.

Фотографија: picture alliance/ZB

Сафет Грѓалиу, претседател на Стопанската комора на Косово смета дека со оваа спогодба е покрената нова етапа во економските односи меѓу Приштина и Белград, иако Косово нема да биде рамноправен партнер, зашто со постигнатото решение најмногу добива Србија. Спогодбата би требало да биде дополнета, зашто според неговите зборови, мора да постои и договор за транспорт, шпедиција, патни документи, за авиосообраќајот. Во тој случај Србија би била земја на транзит за косовската стока. Косово нема развиено производство, но сепак има што да извезува во Србија.

„Постојат минерали, руди, некои метали во агропроизводството кои имаат шанса да бидат пласирани на српскиот пазар. Без оглед на тоа, време е за воведување реципроцитет. Оној кој има јака и развиена економија, сигурно ќе има поголема добивка од сево ова“, вели Грѓалиу.

Косовската стока тешко ќе се пробие во Србија

Меѓу производителите како Хамзи Баља, кој истовремено е и пратеник во косовскиот парламент, владее уверување дека косовските стопанственици „нема да можат да ги извезуваат своите производи во Србија, но спогодбата ќе му помогне на Белград освен во Косово, да извезува стока и во Албанија“.

„Производите произведени во Република Косово ќе мора да се декларираат како ’мејд ин Косово’. Тоа сигурно ќе биде сегмент кој ќе и‘ пречи на Србија и мисламк дека до очекуваниот реципроцитет нема да дојде во некое догледно време. Така и‘ отвораме пат на српската индустрија за повторно да се инфилтрира на нашите простори“, смета Баља, сопственик на фаврика за кекси во Призрен.

Гзим Баџаку, советник на министерот за економски развој, не мисли така. Според негово мислење, косовската стока ќе биде присутна на српскиот пазар, но и на останатите во регионот, онолку колку што што стопанствениците ќе се вклопат во современите економски текови.

„Тоа зависи од квалитетот на стоката, тоа зависи од нејзината цена на пазарот и од тоа колку српскиот пазар или оние во останатите земји во регионот ќе бидат заинтересирани за косовските стоки. Тоа се значи две различни работи. Во суштина, со ова се оневозможува забрана на продажбата стока на српскиот пазар и транзит на стока преку косовска територија, што е многу значајно за косовското стопанство“, тврди Баџаку.

Србија и Косово добиваат „европски поени“

Србија ќе профитира од спогодбата за печатите од косовската царина не само на економски план, со оглед дека може да смета на повеќемилионските суми од извозот на Косово, туку и на политички план. Во тоа е уверен Грѓалиу:

„Белград ќе добие ’европски поени’, а со тоа индиректно ќе ги добие и Косово, што е многу битно во моментов“.

„Факт е дека сега се лансира нов сигнал, дека во регионот почнува да се разговара и дека сите се зацврстени во дијалогот и во партнерство. Самиот факт дека има позитивни придвижувања, сигурно ќе влијае и на економскиот развој. Јас тоа го зборував и порано, а ќе го повторам и денес, колку е поголема соработката меѓу Косово и Србија, сигурно ќе изгледаме посериозни во очите на нашите народи, а ќе бидеме поатрактивни и за странските инвеститори. Според тоа, од економски аспект, тоа подобрување на имиџот на регионот е далеку побитен отколку било кое директно економско придвижување кога станува збор за стоковната размена“, додава Грѓалиу.

Автор: Рефки Алија/ Жана Ацеска

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми