1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Мејд ин Џермани“ под притисок

Сабине Кинкарц/З. Јордановски29 октомври 2015

На германските извозници, според голите бројки, им оди одлично: шест проценти пораст годинава, прогнозирани 4,5 во наредната. И покрај тоа, тие се загрижени. Зошто?

Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Германската надворешна трговија повторно ќе постави рекорд: годинава во странство треба да биде продадена стока во вредност од 1.191 милијарда евра, што е пораст од речиси шест проценти. Увозот вообичаено не може да држи чекор со извозот - ќе достигне 947 милијарди евра, односно пораст од 4 проценти. Извозниот суфицит натамошно расте. Се чини дека не е на повидок крај на успешната приказна. Здружението на извозниците БГА прогнозира за наредната година пораст од 4,5 проценти - така гласеше и ланската прогноза на БГА за 2015 година.

Значи, се’ е во најдобар ред - би можело да се помисли. Но, кој ќе го слушне Антон Бернер, претседател на Сојузното здружение на трговијата на големо, надворешната трговија и услуги, ќе остане зачуден: Бернер предупредува дека „убавите бројки“ веќе сега не треба да залажуваат. Порастот првенствено е поттикнат од ултралабавата монетарна политика на Европската централна банка (ЕЦБ), слабоста на еврото што резултира од таа политика, како и од ниските цени на суровините. „Запаѓаме под притисок и мора ѓаволски да внимаваме“, опоменува Бернер.

Во средиштето на орканот

Само кукање - или има и вистина во тоа? „Со голема загриженост гледам на 2016. година“, вели Бернер и притоа ги има пред очи политичките поделби во Европа. Во време на послаба глобална конјунктура, во која земјите во подем и БРИК-државите како Бразил, Русија и Кина веќе не ја поттикнуваат побарувачката, повторно засилено во фокусот се најдоа традиционалните пазари за пласман на германското стопанство: во актуелниов момент 58 проценти од извозот одат во земји на ЕУ, 9 насто во САД и шест проценти во Кина. Бројките покажуваат дека стабилноста во Европа има посебна вредност за германските извозници.

Во европската должничка криза Германија се наоѓа во средиштето на орканот: „Вртлогот може во секој момент повторно да не зафати и тоа го сметам за многу веројатно“, вели Бернер. Тука е, според него, и прашањето дали натамошно ќе се засилуваат центрифугалните сили во ЕУ во 2016. година? Поттикнати од бегалската криза, натамошно јакнат силите за разнебитување на Унијата. Политичката ситуација во Унгарија, Чешка, Полска, но и во Австрија и Холандија е таква, што во наредната година може да дојде до „значителни несогласици и затегнатост, оценува Бернер: „Тогаш никој не знае во која насока ќе се развива таа Европа“.

Катастрофа во Русија

А стопанството најмногу стравува од нестабилни околности. Што значи тоа се гледа на примерот со Русија и Украина. Германскиот извоз во Русија е намален за 31 процент. Бернер зборува за „катастрофална ситуација“, за која била виновна Русија. Поради ризичноста таму сега не се можни големи инвестиции. Кај германските претпријатија довербата претрпе огромна штета, „која нема така едноставно потоа да исчезне, кога ќе се реши конфликтот со Украина“, смета Бернер; тоа, според него, ќе трае „со години или децении“.

Антон БернерФотографија: picture-alliance/dpa/T. Brakemeier

Слично, според БГА, е и во Украина. „Ако германско претпријатие сака да инвестира во Украина, сега нема да добие финансирање, оти секој вели, тоа морате сами да го финансирате“, укажува Бернер - ризикот едноставно е превисок и тоа нема толку бргу да се промени. За Антон Бернер има причини за загриженост и кога е во прашање арапскиот простор - долго време еден од најинтересните пазари за пласман на германски продукти: „Со безбедносно-политичките ризици и ниската цена на нафтата тоа радикално се промени“.

Слабост и во Кина

Антон Бернер е скептик и во однос на Кина, чие стопанство годинава расте со најниска стапка за последните 25 години. Тој дури смета дека проблемите се и поголеми отколку што е официјално познато: „Не знам колку се сигурни бројките што ги добиваме од кинеската влада“. Ако, како што верува Бернер, ситуацијата е полоша отколку што е познато, тогаш ќе има и последици: „Тоа не е краткорочен пад“, гласи неговата анализа.

БГА, инаку, не очекува трајни штети од скандалот со Фолксваген. Германското стопанство не се состои само од еден голем автомобилски концерн, туку од мноштво, претежно средни претпријатија, кои не се засегнати од тоа. Скандалот со манипулираните вредности на издувните гасови кај Фолксваген не помина без да остави траги кај муштериите. „Само со целосно расчистување ќе може да се избегнат штети за имиџот на германското производство“, велат од БГА. Германските извозници имаат повратна информација од клиентите дека никој не сторнирал налог во некоја друга бранша поради скандалот на Фолксваген.

Не се очекуваат трајни штети од скандалот со ФолксвагенФотографија: picture-alliance/dpa/Fredrik von Erichsen

Бегалците се предизвик

Од растечкиот национализам може внатре во неа да израсне многу поголем проблем за Германија. „Германија е зависна од добриот глас што ги бие нејзините производи и услуги, но на ист начин и од добриот глас за неа како отворена, пријателска и демократска земја“, предупредува Бернер. Секоја форма на национализам, затворање и протекционизам води најмалку кон чувствителен пад на благосостојбата. „Кој го загрозува тој добар глас, мора да знае дека со тоа енормно му штети на германското население“, категорично опоменува Бернер.
Бегалската криза е голем предизвик за Германија, првенствено во поглед на итно неопходната интеграција - и на културен план, што ќе биде задача за повеќе од една деценија. „Факт е исто така дека и оние, кои се веќе овде, многу ограничено можат да придонесат за решение на проблемот со недостиг од стручна сила. Со квалификациите што ги имаат, тоа не се луѓе какви што му се потребни на стопанството“, оценува Бернер и заклучува - тие се тука и Германија мора да го стори најдоброто во таа ситуација.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми