Британската премиерка Тереза Меј ги повика граѓаните на предвремени парламентарни избори на 8 јуни. Таа се надева дека со тоа ќе обезбеди поголема поддршка за Брегзит во парламентот.
Реклама
Шефицата на британската влада Тереза Меј потребата од предвремени избори ја образложи со неопходноста од поголемо единство околу темата Брегзит во парламентот. „Од Брегзит нема отстапување“, рече Меј во своето обраќање во Лондон.
Таа ја повика опозицијата да даде согласност за нови избори и одлуката да им ја препушти на избирачите. За предвремените избори парламентот во Лондон би требало да донесе одлука веќе утре. За да бидат распишани избори неопходно е двотретинско мнозинство.
Конзервативната политичарка досега категорично отфрлаше можност за нови избори. Меј постојано мораше да се брани од обвинувањата дека нема мандат. Таа беше избрана на функцијата од страна на својата партија во јули 2016 година, откако нејзиниот претходник Дејвид Камерон се повлече по референдумот за Брегзит на 23 јуни 2016-та.
Редовни избори во Велика Британија, инаку, би се одржале во 2020 година. Најновите истражувања на јавното мислење укажуваат на тоа дека конзервативците на Меј имаат значителна предност пред опозициската Лабуристичка партија.
Меј поднесе барање за излегување на Велика Британија од ЕУ на крајот на минатиот месец. Одлуката за предвремени парламентарни избори би можела да го одолговлече почетокот на преговорите за Брегзит. Според Лисабонскиот договор, британската влада има рок од две години за преговори за излегување од ЕУ. Тој рок истекува во март 2019 година.
Збогум Британија, ние си заминуваме...
Британските компании многу пати предупредуваа за потенцијалните негативни последици по економијата од Брегзит. По референдумот за напуштање на ЕУ, некои компании размислуваат да ги релоцираат компаниските седишта.
Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Kumm
Водафон
Втората по големина компанија за мобилна телефонија во светот ја разгледува опцијата да го премести своето седиште надвор од Британија по Брегзит. Диселдорф би можел да биде една од опциите за новото седиште на компанијата. Водафон веќе е присутна во германскиот град каде вработува околу 5.000 луѓе, исто така, Германија е најголемиот пазар на компанијата.
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Hayhow
Рајанер
Најголемата авиокомпанија за ефтини летови во Европа официјално е регистрирана во Ирска, но голем дел од нејзината флота е лоцирана во Британија. Но, тоа може наскоро да се смени – од Рајанер најавуваат дека своите летала повеќе нема да ги стационираат таму.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Scholz
Изиџет
Втората по големина авиокомпанија за ефтини летови во Европа е базирана во Лондон, но, до кога? „За тоа ќе видиме“, изјави извршната директорка на компнанијата Керолин Мек Кол во телевизиско интервју. Изиџет е една од најпрофитабилните компании во Европа.
Фотографија: Getty Images/AFP/F. Guillot
Вирџин
Ричард Бренсон е еден од најпознатите бизнис личности во Британија. За Брегзит тој изјави: „Британија е насочена кон економска катастрофа“. Неговиот конгломерат изгуби една третина од вредноста по референдумот во земјата. Бренсон ја повика владата да организира втор референдум.
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Leal-Olivas
ЏејПиМорган Чејс
Најголемата банка во САД вработува околу 16.000 луѓе во Лондон. Но, менаџментот сега разгледува повеќе можности да премести дел од операциите надвор од Британија. Извршниот директор на банката, Џејми Димон, пред референдумот изјави дека помеѓу 1.000 и 4.000 работни места може да бидат преместени надвор од Лондон доколку се случи Брегзит.
Фотографија: Getty Images/C.Gillon
Виза
Оваа компанија ќе нема голем избор освен да го намали бројот и обемот на активностите во Британија, што ќе доведе до кратење на стотици работни места. Според регулативата на ЕУ, компанијата мора да одржува центар за податоци во земја на ЕУ. Што практично ќе значи крај за податочниот центар на компанијата во Лондон.
Фотографија: Imago
Форд
Од Форд неколку пати изјавија дека Британија е „клучен пазар“ за компанијата во Европа. Фабриката на Форд во Дагенхам произведува делови и мотори за филијалите на компанијата во Германија. По одлуката за напуштање на ЕУ, од Форд изјавија дека компанијата ќе ги преземе сите потребни мерки да остане конкурентна на пазарот.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Јагуар Ленд Ровер
Сепак, сите компании не се песимисти. „Ние сме Британци и стоиме зад Британија“, изјави Едријан Халмарк, одговорен за стратегии во Јагуар Ленд Ровер. Нема промени во нашите бизнис планови, уверува Халмарк за периодот од следните две години во кои Британија со сигурност ќе остане дел од ЕУ.