1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мигрантите се европски а не само проблем на БиХ

Самир Хусеиновиќ
20 јуни 2018

Властите и аналитичарите се единствени во оценката дека БИХ и другите балкански земји не можат сами да го решат проблемот на илегалните миграции. Неопходен е поголем ангажман на ЕУ

Bosnien und Herzegowina - Migranten in Sarajevo
Фотографија: Klix.ba

Кога Унгарија пред три години (јули, 2015 година)подигна ограда на границата со Србија за да се спречи мигрантите од Азија да влезат во Европската унија, беше јасно дека поголем број на мигранти, главно бегалци од азиските кризни подрачја, ќе бараат нови можности за одење во западните земји. Така брзо беше воспоставена „нова Балканска рута", која од Азија и Африка, преку Грција, Албанија, Црна Гора и Србија води во Босна и Херцеговина, земја која со ЕУ (Република Хрватска има граница долга над 1.000 километри.

На крајот на 2017 и почетокот на 2018 година почнаа да пристигнуваат извештаи за зголемен прилив на илегални имигранти во БиХ. Мигранти од Пакистан, Авганистан, Сирија, Ирак и од земјите од северна Африка почнаа да доаѓаат во оваа земја во сѐ поголем број. Од Азија до БиХ, според сведоштвото на мигрантите од Пакистан и од Авганистан, се патува и до две години, при што на шверцерите и на корумпираните службеници им се даваат големи суми на пари. Мигрантите границата меѓу БиХ и Србија и БиХ и Црна Гора, ја преминуваат на неколку локации, а потоа се упатуваат во внатрешноста на земјата, во Сараево и кн крајниот западен дел на земјата - до Велика Кладуша и хрватската граница. Мигрантите во Сараево неодамна направија шаторска населба во центарот на градот, по што властите ги префрлија во прифатниот центар Салаковац кај Мостар.

Фотографија: DW/V. Soldo

Преку Велика Кладуша и Хрватска до Германија

Властите на Велики Кладуша се изјаснија против сместување на мигрантите на подрачјето на оваа општина. Властите тврдат дека безбедноста на граѓаните е загрозена, како што потврди и неодамнешниот случај на убиство при меѓусебна пресметка на мигрантите во оваа општина во БиХ. Тепачки меѓу мигрантите исто така беа евидентирани и во прифатниот центар Салаковац во Херцеговско-неретванскиот кантон, каде едно лице беше избодено со нож. Овие случаи ги загрижуваат локалните жители кои бараат поефикасен полициски ангажман и сѐ погласно негодуваат поради престојот на мигрантите во овие области.

Повеќе на темата:

-БиХ - ново мигрантско засолниште?

-Мигрантите најдоа нов премин преку балканската рута

-Новата балканска бегалска рута ја исплаши Австрија

Мигрантите преку Велика Кладуша, градче во северозападна БиХ на границата со Хрватска, настојуваат да стигнат на хрватска, односно на територијата на ЕУ. Како крајна дестинација, најчесто ја наведуваат Германија, но и други земји на ЕУ, како Италија и Австрија. Затоа, босанската и хрватската полиција го засилија надзорот на границите за да спречат илегални премини на мигрантите од БиХ во ЕУ. На територијата на Велика Кладуша, мигрантите во помали и поголеми групи се обидуваат да ја преминат границата на неколку локации. Полицијата интервенираше неколку пати, додека меѓународниот граничен премин Маљевац беше накратко затворен.

Преоптоварени службите на БиХ

Гранична полиција (ГП)на  БиХ ја засили контролата  на границите на земјата за да спречи илегални миграции, и се обидува да спречи илегално преминување на мигранти од Србија и од Црна Гора на територијата на БиХ. Директорот на ГП на Босна и Херцеговина, Зоран Галиќ, бара поголема флексибилност на тимовите на теренот, бидејќи мигрантите наоѓаат нови насоки за движење, шуми и тешко проодни патчиња, вклучувајќи ги и преминување на реките. „Повеќемесечниото засилен ангажман на ГП и недостатокот на персонал ги исцрпија човечките и материјално-технички капацитети", предупреди Галиќ.

Политичкиот аналитичар Среќко Латал смета дека БиХ, како и другите балкански земји, не е во состојба самостојно да се справи со овој проблем. „Евидентно е дека БиХ, поради својата внатрешна ситуација, уште потешко се справува со овој проблем во споредба со соседните земји, бидејќи, покрај економскиот, безбедносниот и хуманитарниот аспект, исто така, има нагласени и дополнителни политички и етнички елементи. Без сериозна помош од ЕУ, се плашам дека БиХ и остатокот од Балканот ќе влезат уште подлабоко во миграциска криза оваа година со потенцијално сериозни последици ", вели Латал за Дојче веле.

БИХ мора да биде подготвена и за затворање на границите

Практиката на затворање на границите за мигрантите, прва ја воведе Унгарија кревајќи огради на границата со Србија. Латал предупредува дека БиХ, сакала или не, ќе мора да го следи примерот на останатите земји за затворање на границите. „Ако дојде до затворање на границите, пред сѐ на Хрватска, мнгоу е извесно дека БиХ ќе мора да се обиде да ги затвори своите граници, првенствено источната. Сега е големо прашање, имајќи го предвид карактеристичниот терен на Балканот, дали такво нешто е возможно во целост да се направи, без разлика дали меѓу БиХ и Хрватска или меѓу БиХ и Србија и БиХ и Црна Гора. Мислам дека тука, во секој случај, ќе биде потребна далеку поконкретна, брза помош од ЕУ“, заклучува Латал.

Фотографија: DW/Z. Ljubas

Поддршка од ЕУ бараат и официјалните претставници на БиХ. Министерот за безбедност Драган Мектиќ вчера во Брисел на состанокот на министрите за внатрешни работи на земјите од Западен балкан истакна дека илегалните миграции барат заеднички европски пристап. Министрите заклучија дека засилувањето на контролите на границите, борбата против криумчарењето на луѓе остануваат приоритети на ЕУ и на државите од регионот.

ЕУ, во меѓувреме, одобри 1,5 милиони евра за помош на мигрантите во БиХ. Тоа може да го олесни привременото згрижување на мигрантите во земјата, но нема да ги запре тековите на „новата балканска рута“. Во БиХ до 17 јуни годинава влегле 6643 мигранти, додека барање за азил во земјата поднеле 611. Се проценува дека по „новата балканска рута“ во БиХ сакаат да влезат 50 илјади илегални мигранти.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми