1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Миграциската политика на ЕУ: победа на популистите

Барбара Везел
24 септември 2020

Новиот миграциски пакет на ЕУ става крај на прераспределбата на бегалците. Безволните членки од источна Европа сепак ќе мора да се ангажираат по сопствено убедување. Тоа е победа за популистите, смета Барбара Везел.

Griechenland Lesbos | Umzug in neues Lager Kara Tepe
Фотографија: Reza Shirmohammadi/DW

Од 2015 ЕУ е длабоко раскарана на темата бегалска политика. Пожарот во бегалскиот камп Морија неодамна јасно ги покажа дисфункционалните правила. Европската комисија сега има нов обид со нов миграциски пакет. Тоа на некој начин е последен обид, но истовремено и капитулација. 

Ова е „нов свеж почеток”, ветува ЕК, „европски одговор на заедничкиот предизвик”, предлог за „сигурен систем за менаџирање” на брановите бегалци. Властите во Брисел употребија страшна „манџа” од зборови само за да ја продаваат старата приказна во нова „обланда”. 

Многу стари познаници

Човек налетува на многу стари познаници. Подобрата заштита на надворешните граници, која нели е толку тешко да се постигне на море, кога потопувањето на бегалски бродови е забрането со меѓународно право.

А, жичаните огради долж старата балканска рута веќе се поставени, само што криумчарите од тогаш мигрантите ги пренесуваат во камиони. Или Таскфорс единиците составени од гранична полиција, правници, преведувачи и други помошници кои треба да ги поддржуваат земјите членки ако надојдат одеднаш поголем број бегалци. Таква единица всушност требаше да дејствува и во Морија - што ли тргнало наопаку? И потоа брзите одлуки на границите за мигранти од земји кои имаат низок степен на одобрување. Брисел со години сонува за тоа. Но, идејата не успева поради правната реалност. По чиј правен систем да се одлучува? Има ли жалба? Кој ќе обезбеди судии?

Правилата од Даблин успиени”

Конечно, уште еден стар познаник: протерувањето, кое се води под називот „враќање во земјите на потекло и транзициски земји”. Две третини од мигрантите кои доаѓаат во Европа немаат право на азил, објаснува надлежната комесарка на ЕУ. И повторно зборува за договор со трети земји, на кои некако треба да им се „продаде” тоа да си ги вратат граѓаните. Тоа ЕУ со години се обидува и никогаш вистински не ѝ успеало. Зошто би било различно во иднина?

Барбара Везел

Едно централно правило на досегашната политика беа т.н.правила од Даблин според кои надлежна за мигрантите е земјата во која прво допатувале. Против таквото правило долго време протестираат земјите на јужната надворешна граница како Италија, Грција и Шпанија.

Крај на прераспределбата

Сега не сакаат да ги укинат овие правила, туку да ги прошират критериумите: Оној кој веќе има член на семејство во некоја ЕУ земја, треба да биде однесен таму. Тоа значи дека овие земји во кои веќе живеат многу бегалци, автоматски ќе добијат уште повеќе. Прашање е колку ќе бидат воодушевени од оваа идеја скандинавските земји или Германија.

Повеќе:

ЕУ и бегалците: На повидок нова кавга

Морија, пекол на земјата

Лезбос и бегалците: Европа во хаос кој самата си го создаде

Грција: Маскирани лица напаѓаат чамци со бегалци во Егејско Море

„Ние ги ставаме во мирување Даблинските правила“, ја коментираше Комисијата оваа идеја. Всушност тоа значи дека тие по малку се поткопуваат бидејќи не може да се постигне согласност за новите прописи.

Основата на новиот миграциски пакет е крај на прераспределбата. Брисел увиде дека не може да ги натера земјите од Источна Европа да преземат одреден број на бегалци и се предаде. Тоа е убава победа за популистите од редот на Виктор Орбан. Притоа тој не е глупав што повторно ја зоврива и ја промовира деснорадикалната пропагандистичка приказна за „размена на народи“ - систематска замена на христијански Унгарци со муслимански мигранти.

Протерување наместо преземање

Наместо тоа постои таканаречениот механизам на солидарност: оној кој не сака да преземе мигранти, наместо тоа може да се занимава со нивната депортација. Како тоа би функционирално во пракса не е до крај јасно. Но, оваа задача може да биде доста популарна во Варшава, Прага и Будимпешта.

Но, што би ги поттикнало другите земји под овие околности да не одат по истиот пат и да не ја покажат нивната „солидарност“ преку репатријација? Кој би сакал под вакви околности воопшто да преземе бегалци?

Предлогот од Брисел е признание за капитулација наспроти популистите и ја засилува нивната незаслужена победа. А она што целосно недостасува во него е зборот – хуманост. Тука менаџирањето на миграцијата триумфира над човечноста.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми