1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Миграција во Германија - шанси и ризици

Мартин Кох / Елизабета М. Фиданоска12 декември 2013

Од 1 јануари 2014-та Романците и Бугарите имаат право да работат каде сакаат во ЕУ. Многумина за своја цел ќе ја одберат веројатно Германија, одлука која за двете страни носи шанси и ризици.

Фотографија: Becky Stares/Fotolia.com

Проширување на семејството е добра вест - родителите се радуваат, претпријатијата се радуваат, само германското општество се чини стравува од тоа. Барем кога станува збор за зголемувањето на бројот на граѓани поради доселувањето од Југоисточна Европа.

Ваков впечаток барем во последно време остава булеварскиот печат, каде со големи букви и плакативни фрази им се дава простор за изјаснување на оние кои предупредуваат на опасности од бран доселување од Бугарија и Романија, опасности од преплавување на германскиот пазар на работна сила и на „распродажба“ на германските социјални системи.

Професорката по социјално право на Универзитетот Нидеррајн, Доротее Фрингс, оценува дека тоа се несновани изјави кои и‘ нанесуваат штета на општествената клима. Таа бара: „Најважното е политиката и медиумите да престанат да водат дискусија под мотото ’Доселување поради сиромаштија’ и ’Доаѓаат циганите’. Станува збор за работна миграција која е соодветна на европскиот проект на отворени пазари.“

Доротее ФрингсФотографија: privat

И Андреас Пот, раководител на Институтот за истражување на миграцијата и интеркултурни студии на Универзитетот Оснабрик (ИМИС), не може да ги сфати стравувањата од овој тип, поради тоа што тие се неосновани. „Има многу паника. Од поранешните рунди на приклучување, на пример со Грција, Шпанија и Португалија, или последно - Полска, знаеме дека доаѓа до ограничени миграциски движења, кои по неколку години повторно се намалуваат.“

Страв наместо радост

Според експертите, Германија долго време имаше проблем да ја прифати миграцијата како факт. Затоа дебатата е проткаена со многу страв, наместо со убедувањето дека миграцијата помага за градење на општеството, нагласува Пот. Освен тоа, Бугарите и Романците уште од 2007 година се граѓани на ЕУ. Сега само се додава и можноста да можат да работат насекаде во ЕУ без ограничувања. А отвореноста на пазарот на работна сила во рамки на ЕУ не е нешто што оди само во една насока, додава Пот.

Андреас ПотФотографија: Egmont Seiler

Во јавноста во Германија постојано се слуша дека Бугарите и Романците сега масовно ќе поднесуваaт барања за социјални услуги и помош. Експертите, меѓутоа, сметаат дека тоа нема да се случи, затоа што актуелните ЕУ-статистики покажуваат нешто друго. Имено, минатата година само 9% од сите Романци и Бугари кои живеат во Германија добивале некаков вид социјална помош. Со тоа, тие се значително под просекот на останатото странско население (15,9%) и само нешто малку повеќе од квотата на вкупното население во Германија (7,4%).

На обвинувањата дека од Бугарија и Романија сега во Германија ќе доаѓаат пред се‘ Синти и Роми, кои имаат многу деца и не сакаат да работат, Доротее Фрингс одговара со цитат на сојузниот претседател Јоахим Гаук: „’Да се стигматизира цела група луѓе и паушално да се тврди дека тие не сакаат да се интегрираат, значи да се продолжи со неславната традиција на вековна дискриминација, изолација и прогон.’ Тоа не смее да биде духот во кој ќе ја третираме оваа тема.“

Миграцијата како напредок

Според Андреас Пот, желбата во некоја друга земја да се живее во можеби подобри економски услови, не е нешто лошо, напротив: „Тоа е знак за потенцијал за иновации. Луѓето сакаат да ги подобрат своите животни услови. Тоа беше така и при иселувањето на Германците во САД, а така е и денес со миграцијата во ЕУ.“

Високообразованите се особено посакувани мигрантиФотографија: picture-alliance/dpa

Да се обезбеди целосна слобода на пристап до пазарите на работна сила е многу потешко отколку да се обезбеди мобилност на стоките или на услугите. Пот околу десет години со загриженост ја следи тенденцијата, која во актуелната дискусија доаѓа засилено до израз, имено дека мигрантите во Германија се разликуваат според тоа колкава е ползата од нив. Едно е да се формулираат сопствените интереси на земјата, а друго е луѓето да се делат според ползата од нив, тие да се стигматизираат и да им се подметнува дека сакаат да ја искористат земјата, критикува Пот.

Доселувањето е тема која ги допира ситеФотографија: Philippe Huguen/AFP/Getty Images

Вакво гледање на работите е нехумано и ја игнорира потребата од доселеници во сите делови на општеството. Освен тоа, на тој начин се потиснува фактот дека и мигрантите можат да стекнат повисоко ниво на образование и дека можат да имаат социјален подем во општеството.

Затоа, според експертот за миграција, мора што побрзо да се симнат пречките кои ја отежнуваат интеграцијата на доселениците во Германија и мора да се промени начинот на размислување: „Задача во наредните години е да се сфати дека сме доселеничко општество и дека миграцијата треба да се третира како општественополитичка тема која ги допира сите“, нагласува Пот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми