1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Царовска за ДВ: Предметот историја не се укинува

23 декември 2020

Намерата ни е чиста. Новата концепција нема врска со Бугарија и не смееме да дозволиме дневно политиканство да ги уништи заложбите за реформирање на образованието, вели министерката Царовска.

Normazedonien | Mila Carovska | Bildungsministerin
Фотографија: Gov. of the Rep. of North Macedonia

Се соочи со критики и многу прашања откако најави дека се подготвува концепт за реформи во основното образование. Иако во моментов се подготвува само стратегијата во пристапот за учење, а дури потоа ќе следи изработка на наставните програми во консултација со експерти, професори и наставници, во јавноста веќе се свртеа заклучоци за укинување на предмети, за намалување на бројот на часови и за губење на работни места.

„Нема да се укине предметот историја, и наставниците нема да изгубат работа", децидна е министерката за образование и наука, Мила Царовска. Во разговор за ДВ, таа објаснува како ќе тече процесот на реформи, во кој сите ќе бидат консултирани.

ДВ: Најавивте дека се менува концептот на учење. Може ли преку пример, да објасните како би изгледала наставна единица од учебник по општествени науки, во кои е интегрирана настава по историја, географија и граѓанско образование. Како во практика ќе изгледа поврзувањето на информациите од повеќе предмети?

Мила Царовска: Концептот на учење во нашите училишта час поскоро мора да биде сменет. Тоа ни го покажуваат и меѓународните извештаи за квалитетот на нашиот образовен систем (ОЕЦД, УНИЦЕФ, Светска Банка), како и резултатите на нашите ученици постигнати на меѓународите студии (ТИМС, ПИРЛС, ПИСА). Нашите ученици имаат знаење, но тоа е фактографско, до ниво на разбирање, но не знаење за примена, поврзување, ставање во различен контекст. „Паралелното“ учење на дисциплините не нуди можност за сфаќање на појавите и процесите холистички, од различни перспективи и/или нивно поврзување со стварноста. Токму затоа е потрeбна интеграцијата, којашто може да биде на различни нивоа, а ние се опредeлуваме сега за интеграција на, условно, сродни дисциплини, интеграција на природните науки и интеграција на општествено-хуманистичките науки. Содржини од овие дисциплини прилагодени според возраста, и досега беа интегрирани во предметот Општество, кој се изучува до петто одделение. Интеграцијата меѓу историјата, географијата и граѓанското образование може да биде преку најразлични теми, на пример, големите откритија, религиите во светот, културите и цивилизациите, кои учениците ќе ги разгледуваат и од историска перспектива - како и кога се појавиле или случиле, каде, во кои заедници, нивните економии и интеракции со околината (географија), како и поврзаноста на појавите/случувањата/ во општествата и нивната рефлексија на денешниот свет, современите концепти на држави, улогата на граѓаните (граѓанско образование). Но, за изборот на темите и начинот на интегрирање ќе бидат задолжени експертските тимови од факултетите, наставниците од училиштата и советниците од Бирото за развој на образованието. 

Фотографија: Petr Stojanovski/DW

ДВ: Се крена голема врева во јавноста заради укинувањето на историјата како посебен предмет. Ако се најавува дека неговата содржина/обем нема биде намалена во новиот интегриран систем заедно со другите два модула, дали тоа значи дека новите учебници ќе бидат пообемни?

Најодговорно можам да кажам дека историјата не се укинува. Ниту јас, ниту еден член на работната група не помислил на такво нешто. Ние зборуваме за концепти, за подобри практики за поучување и учење, за нов пристап којшто ќе ги врати децата во училиште, ќе им ги направи интересни содржините, ќе ги поттикне на критичко размислување. Повторно ќе кажам, обемот на содржините во секој наставен предмет – што, и во која мера ќе се учи, ќе го утврди тимот за изработка на наставни програми. А што се однесува на учебниците, се залагаме постепено да ги напуштаме класичните учебници и учебниците да ги сметаме за единствен извор за учење и стекнување на знаење.

Повеќе:

-Најновата закана на историјата

-Реформите во образованието ја разбрануваа јавноста

-Основците ќе учат историја во рамки на општествените науки

Оставаме слобода наставниците да користат наставни средства, материјали по свој избор, самите да креираат, да разменуваат материјали со своите колеги, со цел да ги постигнат резултатите со своите ученици предвидени со наставната програма. Тие најдобро знаат кои се можностите, интересите, предзнаењата, стилот на учење на своите ученици, па според тоа и ќе ги одбираат и креираат материјалите. Сигурно, институциите ќе им дадат поддршка со изработка на прирачници, наставни материјали и материјали за учениците, но повторно оставајќи им ја слободата на избор на активности и методи во нивната работа.

ДВ: Наставниците по историја се жалат дека не биле консултирани кога се конципирале промените. Кој учествуваше во консултациите? 

Досега работевме на Концепцијата за основно образование, тоа значи да се воспостави рамка за системот, за стратегиите и пристапите за учење, а не да се определи што ќе се учи по секој наставен предмет. Ние сега дефинираме како ќе се учи и како да ги научиме учениците дека учењето е доживотен процес на стекнување компетенции. Тоа е работа на педагози, психолози, креатори на образовни политики и практичари, наставници со искуство во воспитно-образовна работа. По донесувањето на Концепцијата, на „рамката“, ќе следува изработка на наставните програми во која ги вклучуваме сите експерти, универзитетски професори и наставници од различни области, од сите оние дисциплини што ќе се изучуваат во основното образование. Се разбира дека ќе бидат вклучени и историчарите, како што всушност, било практика и досега.

ДВ: И наставниот предмет Природни науки треба да понуди современ концепт, односно учење кое што се базира на истражување и примена на експерименти. Имаат ли училиштата соодветна опрема, лаборатории/кабинети и други потребни предуслови за да го применат ваквиот концепт?

И до сега имавме интегриран предмет Природни науки до шесто одделение, но сега ги интегрираме биологија, хемија, физика и дел од физичката географија во последниот период на основното образование. Наставата по Природни науки мора да биде базирана на исражување и експеримент доколку сакаме да биде успешна, интересна за учениците и мотивирачка за да постигнуваат повисоки резултати. Затоа, преку проект на Светска банка за реформи во основното образование од следната година започнуваме да ги опремуваме училиштата со потребните кабинети и материјали за настава. Реформите и опремувањето се процеси коишто течат истовремено.

Фотографија: DW/K. Delimitov

ДВ: Која е најголемата невистина што ги следи реформите кои ги најавивте?

Одредени структури коишто со години наназад ги кочеа образовните реформи, преку ширење на лажни вести за укинување на предметот историја и за губење на работа на наставниците, се обидоа, и уште се обидуваат да го разнишаат процесот. Вистината е дека историја не укинуваме, и наставниците нема да изгубат работа. Но, сите овие предизвици кои се појавија на самиот старт на новата концепција нѐ прави уште посилни и помотивирани овој процес да го истуркаме до крај, на транспарентен начин. Намерата ни е чиста. Новата концепција нема врска со Бугарија и не смееме да дозволиме дневно политиканство да ги уништи силните заложби и желба да го реформираме образованието, да имаме нов образовен систем со кој ќе израснеме нова генерација млади луѓе кои ќе знаат критички да размислуваат, ќе знаат да ги користат информациите, да разликуваат вистински од лажни информации и да ја креираат сопствена иднина.

ДВ: Според вас, што е посилно во моментов - волја за промени во наставата или повеќе резервираност и страв?

Сите знаеме и сме свесни дека се потребни реформи. Исто така знаат и наставниците. Тие беа и први прашани дали и какви реформи се потребни. Оваа концепција, освен што се базира на резултатите од домашните и меѓународните анализи, е градена и врз насоките дадени токму од наставниците во истражувањето коешто го спроведовме пред два месеца. Свесна сум дека сѐ што е ново, секоја промена, предизвикува неизвесност. Но верувам дека овој пат волјата и разумот ќе надвладеат, затоа што правиме нешто коешто ќе ни донесе напредок и ќе го издигне нашиот образовен систем на ниво на оној во најразвиените и современи земји. Огромен е бројот на наставници кои ја поддржуваат реформата, кои по нашите презентации добиваат мотив и се подготвени да ги започнат реформите, сфаќајќи дека со промените добиваат и тие, и учениците, дека добива целото општество, целата држава. Тоа е најголемиот патриотизам - да им обезбедиш квалитетно образование и иднина на следните генерации.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми