Милиони бараат заминување на Мурси
28 јуни 2013Цената на храната расте, често снемува струја, нема ни бензин, а многу предизборни ветувања се неисполнети. Актуелните анкети покажуваат дека само уште 28 проценти од Египќаните го подdржуваат претседателот Мурси. Мохамед е жител на Каиро и едвај може да заработи едно евро на ден: „Оваа ситуација oдвај се поднесува. Под Мубарак ни беше многу подобро. Барем владееше сигурност. Денес не сте сигурни ни среде бел ден.“
Петнаесет милиони потписи
Бесот поради политиката на владеjaчкото Муслиманско братство и претседателот Мурси во изминатите два месеца е канализиран со движењето „Тамарод“- бунт. Целта на движењето, да се соберат 15 милиони потписи за заминување на претседателот, наводно е веќе остварена. Мурси во 2012 година беше избран за претседател со 13 милиони гласови. „Тамарод“ за 30 јуни најави демострации пред претседателската палата. Тие сметаат дека револуцијата продолжува. Симпатизерите на движењето „Тамарод“ секојдневно имаат проблеми со симпатизерите на претседателот. Оние кои собираат потписи наводно се изложени и на физички напади. Во некои случаи им се одземени листите со потписи, а на напади се изложени и жените.
„Сите политичари се исти“
Оние кои ја потпишале петицијата се чувствуваат измамени од страна на Мурси. Некои и гласале за него пред една година. Во меѓувреме многу граѓани претседателот го гледаат само како авторитарен застапник на Муслиманските браќа. Сепак, ни претставниците на опозицијата не се омилени кај народот, вели 21-годишниот Ахмед: „Една година по изборите е јасно дека ним им е важна само власта. Ним им е сеедно што се случува со луѓето.“
Што по Мурси?
Некои опозиционери предлагаат по евентуалното заминување на Мурси за претседател да го именуваат претседателот на Уставниот суд. Но, под знак прашање е каков легитимитет би имало таквото именување. Без разлика на тоа колку чесни се целите на споменатата кампања против Мурси, на многу граѓани кои ја потпишале петицијата и не им е толку важна демократијата, вели Мохамед: „Сакам армијата повторно да ја преземе власта, да ги уапсат крадците, криминалците, луѓето со ножеви и револвери. Ако се случи тоа, тогаш ми е сеедно кого ќе го постават за претседател, па нека биде и Евреј.“
Симпатизерите на преседателот не седат со скрстени раце
Египет е во страв, никој не знае што ќе се случи на 30. јуни. Муслиманските браќа започнаа контра-кампања, а минатиот петок (21.6.) организираа демонстрации за поддршка на Мурси. Премиерот на Египет рече дека заминувањето на претседателот би претставувало катастрофа. Но и меѓу исламистите одамна нема единство. Втората по сила политичка партија, салафистичката партија Нур, бара се направат отстапки за опозицијата. Главниот аргумент на Муслиманските браќа гласи дека Мурси е легално избран. Тие себеси се гледаат во позиција на жртви и многумина тврдат дека движењето „Тамарод“ е заговор на симпатизерите на режимот на поранешниот претседател Мубарак. Некои дури веруваат оти целата кампања е финансирана од странство со цел да се дестабилизира Египет. Затоа постои голема опасност дека на 30. јуни во Каиро може да дојде до големи немири.