1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Мило уште не падна, а кога ќе падне не знаеме“

Јелена Кулиџан
17 октомври 2016

Иако не освои мнозинство, ДПС може да формира влада. Изборниот ден во Црна Гора беше одбележан од многу неправилности.

Montenegro Wahlkampf Milo Dukanovic
Фотографија: Reuters/S. Vasiljevic

Продолжението на 25-годишното владеење на Мило Ѓуикановиќ може да се најави со цитат од Ѓекна, култната серија која перфектно го отсликува црногорскиот менталитет: „Мило уште не падна, а кога ќе падне не знаеме“. Неговата Демократска партија на социјалистите (ДПС), со своите традиционални „сателити“ има тесно, но неспорно мнозинство од минимум 41 мандати во парламентот, кој инаку брои 81 пратенички места.

Овојпат напомош ќе дојдат малцинствата: Бошњачката партија, албанската Форца и Хрватската граѓанска иницијатива, а останувањето на ДПС на власт ќе го утврдат Социјалдемократите, поранешната пaртија на Ранко Кривокапиќ.

„Сите вие сте вистински херои кои не потклекнаа пред заканата која се обиде да ја урне Црна Гора. Вие на тој начин ѝ помогнавте на Црна Гора да ја одбрани независноста, да ја одбрани честа на нашите претци, да ја одбрани иднината на нашите потомци и со тоа да потврди дека е вечна Црна Гора“, рече Ѓукановиќ во своето прво обраќање по прогласувањето на резултатите.

„Сите вие сте вистински херои кои не потклекнаа пред заканата која се обиде да ја урне Црна Гора“, им рече Ѓукановиќ на граѓаните во првото обраќање по гласањетоФотографија: Picture-Alliance/dpa/B. Pejovic

Како најсилен претставник на опозицијата се издвои Демократскиот фронт (ДФ), организатор на минатогодишните повеќемесечни протести, кој освои 18 мандати. На второ место е коалицијата Клуч со 9 пратенички места, што е разочарување, со оглед на тоа што го сочинуваат две силни опозициони партии - СНП и Демос и новоформираната УРА. Пријатно изненадување, меѓутоа, приредија Демократите на Алекса Бечиќ, кои првпат настапија на избори.

„Освоивме 8 мандати. Остваривме многу повеќе отколку што многумина ни прогнозираа и задоволни сме со резултатите од огненото крештевање на изборите“, соопшти Бечиќ непосредно по објавувањето на резултатите.

СДП на Ранко Кривокапиќ, која од јануари е во опозиција откако 20 години беше на власт со ДПС, освои задоволителни 4 мандати. Од друга страна, Позитивна Црна Гора, која на почетокот на  годината изгласа доверба и на тој начин ја спаси главата на владата на Ѓукановиќ, не успеа да го мине цензусот. Нејзиниот лидер Дарко Пајовиќ веднаш поднесе оставка.

„Кога на 27 јануари гласавме за владата, успеавме да ја спасиме Црна Гора, но не и Позитивна Црна Гора“, рече Пајовиќ, кој изминатите девет месеци беше претседател на парламентот.

Кога ќе се собере сѐ, ДПС освои помалку мандати од вкупната опозиција. Поради тоа, како што вели политичката аналитичарка Далиборка Уљаревиќ, ДПС не би требало да биде задоволна од резултатите.

„Нивната победа не е убедлива. Владеачкото мнозинство затоа ќе биде нестабилно“, рече Уњаревиќ на ТВ Вести.

„Скандал на африканско ниво“

Изборниот ден го одбележаа бројни неправилности, кои главно се однесуваат на купување лични карти, притисоци и предизборно поткупување гласачи. Мрежата за афирмација на невладиниот сектор поднесе 117 кривични пријави поради сомневање за повреда на избирачките права. Кај нејзе околу 500 граѓани пријавиле неправилности во текот на изборниот ден.

Постојат сомневања дека ДПС плаќал претставници на дијаспората да дојдат во Црна Гора на гласање, за што сведочат и видео снимки. На набљудувач на НВО Центар за мониторинг и истражување - ЦЕМИ му пришол гласач мислејќи дека е партиски активист, нудејќи му пасош со прашање каде може да ги подигне парите. Во близината на неколку пратенички места партиски активисти евидентирале гласачи. Најдрастичен пример се активистите на ДПС кои на само 20 метри од избирачко место распнале шатор.

„Рано е да се оценува дали неправилностите ќе влијаат врз регуларноста на изборите. Официјално ќе се изјасниме во вторник, кога ќе бидат разгледани сите забелешки“, истакна директорот на ЦЕМИ, Златко Вујовиќ.

Сепак, најголема сенка на изборниот ден фрли изненадувачкото апсење на 20 државјани на Србија, осомничени за создавање криминална организација и тероризам. Меѓу уапсените е и Братислав Дикиќ, поранешен шеф на српската жандармерија.

„Постојат сомневања дека планот на оваа организација бил во време на прогласувањето на изборните резултати со употреба на оружје да нападнат собрани граѓани пред Парламентот и службеници на Управата на полицијата, а потоа да ги заземат просториите на Собранието со намера да прогласат изборна победа на одредени политички партии. Исто така, постојат сомневања дека планот на криминалната организација бил лишување од слобода на премиерот на Црна Гора“, соопшти полицијата по повод овој случај.

Апсењето фрли најголема сенка на изборниот денФотографија: Reuters/S. Vasiljevic

Опозицијата, меѓутоа, тврди дека се работи за план на владејачката партија со креирање афери да влијае врз исходот од гласањето.

„Сето тоа го диригираше Ѓукановиќ. Со ова се влијаеше врз граѓаните, сметам дека е тоа скандал на африканско ниво“, рече лидерот на Демос, Миодраг Лекиќ на прес-конференција на коалицијата Клуч.

ДПС ја загуби Будва

Освен парламентарните, во Црна Гора вчера беа организирани и локални избори во Будва, Котор, Андријевица и Гусиње. ДПС мина најлошо во метрополата на туризмот, каде што ја загуби власта по цели 11 години. Тоа е последица на многу афери, кои во затвор испратија двајца градоначалници на Будва, како и Светозар Маровиќ, поранешен претседател на Србија и Црна Гора и доскорешен втор човек на ДПС.

Фотографија: Reuters/S. Vasiljevic

Ова беа 10. парламентарни избори во Црна Гора од воведувањето повеќепартиски сиситем. Беа најавувани како најнеизвесни досега, поради проценките дека е можно ПС да загуби. Инаку, Црна Гора е единствена држава во Европа која не ја променила власта во последните 25 години. Уникатна е и по тоа што никогаш во својата историја не ги сменила властодршците по мирен пат.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми