1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

300 евра минималец- решение или нов проблем среде криза?

Костадин Делимитов
7 јануари 2022

Синдикатите и работодавачите спорат, Владата тактизира околу барањето за административниот раст на минималната плата. Експертите предупредуваат да не се избрзува со наметнати решенија.

Ако оди сѐ според планот на власта, минималната плата од 15 илјади би се зголемила на 18 илјади денари
Ако оди сѐ според планот на власта, минималната плата од 15 илјади би се зголемила на 18 илјади денариФотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Стартот на Новата година го засилува притисокот за законско утврдување на износот на минималната плата. Синдикатите инсистираат со закон да се утврди дека минималецот во Северна Македонија нема да биде помал од 60% од просечната плата и бараат од пратениците уште во текот на јануари да ги усвојат законските измени со кои практично минималната плата од 15 илјади би се зголемила на 18 илјади денари.

„Нашите очекувања се пратениците кои земаат плата за 4 до 5 пати поголема од минималната плата, веднаш да седнат во пратеничките клупи и да го поддржат и предложат Законот и да ја зголемат минималната плата на 18 илјади денари што ќе значи и зголемување на останатите плати, а очекуваме и прв чекор на новата Влада да биде токму тоа, со што ќе покаже дека се грижи за работниците. Очекуваме на средбата која треба да се одржи на 20 јануари во Владата овој проблем да биде надминат, во спротивно работниците бараат да продолжат активностите започнати на протестот на 12.12.2021 година заедно со штрајкувачките одбори за организирање на генерален штрајк", велат за Дојче веле од Сојузот на синдикати на Македонија.

Синдикатите очекуваат минималната плата да биде на врвот на агендата на власта во јануариФотографија: Petr Stojanovski

Да се издржи ценовниот удар

Синдикатите бараат итно да се делува за да може да се издржи ценовниот удар кој го донесе енергетската криза:

„Вредноста на синдикалната минимална кошница континуирано расте, цените на основните производи исто така растат со забрзано темпо, па на инсистирање на ССМ тие се ограничени до крајот на овој месец, се зголеми цената на електричната енергија за 9.5 % и цената на парното за 14%. Затоа е итна  потребата од зголемување на минималната плата уште во јануари. Доколку истата не се зголеми, во февруари кога ќе треба да се плаќаат сметките кои се драстично зголемени, работниците нема да можат ниту да си ги прехранат своите семејства ниту да ги плаќаат така зголемените цени", реагираат од Сојузот на синдикати.

План за минималец од 20.000 денари

Владата планира зголемување на минималецот годинава, но не прецизира кога тоа точно и би се случило. Идејата е минималецот да се зголеми на 18 илјади денари, а до крајот на мандатот да достигне 20 илјади денари:

„Согледувајќи ја и економската ситуација во која што се наоѓаат сите граѓани и граѓанки, предизвикана од глобалната здравствена и енергетска криза, покачување на минималната плата е повеќе од потребно и мора да има, особено ако се знае дека ваквите покачувања предизвикуваат и спирално зголемување на сите плати и во приватниот и во јавниот сектор. Од тие причини Владата води и ќе ги интензивира дијалозите со претставниците на работниците и на работодавачите како и стопанските комори и цврсто сме убедени дека ќе се изнајде решение за покачувањето на минималната плата кое ќе биде на задоволство за сите. Целта на Владата е вреднување на трудот, добро платени работни места, искоренување на сиромаштијата и задржување на работниците, на нашите граѓани во државата бидејќи тие се капацитетот кој го обезбедува растот на производство кај работодавачите“, велат за Дојче веле од Владата.

Зголемување на минималецот, но кога? Владата не е дециднаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Работодавачите негодуваат

Синдикатот инсистира, Владата ветува, но стопанствениците се противат. Стопанските комори и бизнис асоцијациите веќе предупредија дека се против какви било наметнати решенија. Реагираат дека секое вештачко неусогласено зголемување, како најавеното, само ќе ја наруши рамнотежата во стопанството и економијата:

„Минималецот може да биде и 30 илјади денари ако се базира на зголемена продуктивност, а не на владин декрет што е против сите пазарни и бизнис логики". 

„Ние не сме за вештачки-хибридни решенија, да го оставиме пазарот на трудот сам да ја одредува реалната плата. Се што е наметнато ќе предизвика контраиндикации во некои други области, намалување на бројот на работници можеби“, реагираат од Стопанската комора на северна Македонија и од Сојузот на стопански комори, двете најголеми бизнис асоцијации во државата. 

Поголема продуктивност

Стопанствениците не се против зголемување на платите, но предупредуваат дека платите мора да растат паралелно со продуктивноста: 

„Вакви наметнати решенија не се добри и нема да донесат ништо поконкретно. Ние сме подготвени да платиме и многу повеќе, а во најголем дел и го плаќаме. Но тоа е изводливо и подносливо доколку имаме продуктивност и соодветно обучен кадар. Но реалноста е поинаква. Затоа се потребни повнимателни чекори и посериозни стратегии. Оти никој не гледа колку пари се вложуваат и се трошат на обуки и на оспособување на кадрите“, коментира за Дојче веле директор на една од германските компании кои имаат производствен погон во Северна Македонија.

Фотографија: Imago Images/Zuma/

Трудовоправен популизам

Експертската јавност нема дилеми дека платите треба да растат, но дилемите се колку компаниите ќе бидат во состојба да го одврзат ќесето среде криза. Уште повеќе доколку тоа биде наметнато со законско решение. Затоа сугерираат платите да не растат административно, туку да се бараат решенија базирани на економска логика.

„Работодавачите не можат да го следат ова темпо и сведоци сме дека јавно го искажуваат незадоволството. Минималната плата треба да се зголемува, но врз основа на економскиот раст и мора да се следи со сите останати плати во сите сектори, посебно во јавниот сектор. Државата треба да даде пример во јавниот сектор, согласно Законот за минимална плата и согласно колективните договори потпишани во јавниот сектор, платите да растат и да се усогласуваат со растот на минималната плата најдоцна во рок од шест месеци. Но тоа ние со години го немаме. Мора да се залагаме како општество минималната плата да расте, но да растат и сите останати плати кај другите нивоа на вработени“, коментира за Дојче веле универзитетскиот професор Лазар Јовевски.

Ако тоа не се корегира, според Јовески само ќе се создаде дополнително незадоволство кај работниците што ќе се одрази и врз продуктивноста:

„Административното зголемување на минималната плата ќе доведе до ситуација некој што земал 17 или 18 илјади денари плата да зема исто со оној што бил што се вели до вчера на минималец. Ако не расте и нивната плата, тогаш ќе почне да се создава незадоволство кај дел од вработените. Тоа значи дека ќе бидеме сведоци на еден вид трудовоправен популизам. Ќе има проблем во продуктивноста и големо незадоволство“, укажува Јовевски.

Од Сојузот на синдикати не гледаат причина за проблеми. Нивните анализи и студии покажале дека нема да се случат негативни ефекти:

„За да покажеме дека нема негативни ефекти од зголемувањето на минималната плата, Сојузот на синдикатите на Македонија заедно со познати професори изработи студија за минималната плата и ефектите од истата. Резултатите од таа студија покажуваат дека нема никаков негативен ефект од покачувањето на минималната плата врз работењето на фирмите. Не се отпуштаат вработените, не се намалува профитабилноста на фирмите, нема друг негативен ефект. Единствениот ефект што се забележува е дека, кога ќе се зголеми минималната плата, фирмите стануваат попродуктивни“, велат од Синдикатот.

Неработна недела

Барањето за зголемување на минималната плата со законска одлука, односно утврдување на висината на 60% од просечната плата е актуелно од ноември 2021 година. На 12 декември синдикатите одржаа и предупредувачки протест од кој најавија дека ќе следува радикализација во делувањето доколку по Нова година не се најде решение за нивните барања. Едно од нив беше и она за прогласување на недела за неработен ден, кое стапи во сила и покрај реакциите на стопанствениците кои беа против ваквата одлука. За да нема нови потреси, упатените предуредуваат конечното решение за минималецот сепак да произлезе преку економско социјалниот дијалог во кој ќе бидат вклучени синдикатите, работодавачите и владата.

Растот на минималецот низ годините

Минималната плата во Северна Македонија за прв пат беше утврдена во 2012 година на ниво од 8.050 денари. Низ годините таа се корегираше минимално, а најголем скок имаше во 2019 кога од 12.500 порасна на 14.500 денари. Во моментов минималната плата изнесува 15.194 денари во нето износ, или 22.164 денари во бруто износ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми