Министерот Попоски ќе се сретне со колегата Либерман
30 април 2012Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски кој од вчера престојува во официјална посета на Израел, денеска ќе се сретне со неговиот колега, министерот за надворешни работи на Израел, Авигдор Либерман, а ќе биде примен и од претседателот на Израел, Шимон Перес. Предвидена е и средба со лидерот на опозицијата, Шаул Мофаз, претседавач на партијата „Кадима“. Во рамки на посетата, шефот на македонската дипломатија во Стопанската комора на Тел Авив ќе се сретне со израелската бизнис-заедница, а ќе има и излагање во реномираниот Труман институт во Ерусалим.
За време на посетата ќе бидат разменети мислења околу можностите за унапредување на севкупните односи меѓу Македонија и Израел, со посебен акцент на зајакнување на соработката во полето на економијата, трговската размена, туризмот, размената на искуства во областа на земјоделството, науката и технологијата, како и во привлекувањето израелски инвестиции во Македонија“, соопшти македонското министерство за надворешни работи.