1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брзи постапки и притвор за насилството пред Собрание

ДТЗ
7 јули 2022

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вели дека немаат сознанија дека е загрозена безбедноста на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

Nordmazedonien Proteste in Skopje
Спасовски вели дека досега немале пријава во ниту една полициска станица за закани против Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

По инцидентите коишто се случија изминативе денови на протестите против францускиот предлог за кревање на бугарското вето во Скопје, расте притисокот за одговорност. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска порача дека не може да се бара оставки и одговорност од некој којшто спречил инциденти во главниот град.  

„Полицијата го спречи инцидентот кај плоштадот „Скендербег“, вели Спасовски во врска со синоќешните инциденти кога едно лице впери пиштол, а други фрлаа со предмети кон граѓаните што протестираа. Спасовски презентираше видео-снимки и фотографија на која се гледа дека полицијата реагирала на лице место и спречила посериозен инцидент. 

„Секој еден граѓанин мора да знае дека протестите мора да бидат мирни“, вели министерот. „Никому не му е дозволено да вади огнено оружје и да загрозува безбедност на ниту еден граѓанин во државата“. Тој апелираше за мирни протести.  

Брза постапка 

Одговорност ќе се бара од учесниците на протестот кои што насилно се однесуваа и направија штета на државните институции. Протестите во Скопје изминатите два дена излегоа од контрола - најпрво со инциденти коишто се случија пред Собранието во вторникот (5.07) кога беа повредени 47 полицајци, а првично 11 лица беа приведени. Полицијата информираше дека се уапсени уште четири лица, со што вкупната бројка е 15 приведени. Тројца од нив се малолетници. Сите се уапсени во врска со извршено кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело”.  

Против 12 лица е поднесена кривична пријава во брза постапка. Тие веќе се изведени пред судија на претходна постапка на едне му е изречен притвор, а седуммина се во куќен притвор. При инцидентите во вторникот беа оштетени и зградата на Собранието, зградата на Владата, Министерството за надворешни работи, две полициски куќарки, полициско возило и полициска опрема. 

Немирите продолжија и вчера кога се слушна и пукање кај споменикот на Скендербег во Старата скопска чаршија. Тројца полицајци се повредени, а пет лица се приведени за време на вчерашниот протест. Полицијата го приведе и 18-годишниот Ј.С од Скопје кој бил идентификуван од снимките дека фрлил молотов коктел кон зградата на Собранието, како и 40-годишниот Енуз Јусуф Цуфи, член на Алијансата за Албанците за кого што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски посочи дека држел пиштол во рацете и сакал да го убие.  

„Секој што се огрешил треба да одговара. И родена сестра да ми е, ако сторила криминал ќе одговара“, порача синоќа Мицкоски на вонредна прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање за политичката припадност на лицето кое што пукаше во средата, а е активист на партија која што е коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ. 

Фотографија: Petr Stojanovski/DW

МВР нема сознанија дека е загрозен животот на Мицкоски 

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, тврдеше дека веќе подолго време добива информации дека се подготвува негова елиминација, но и дека е единствен лидер на поголема политичка партија којшто нема обезбедување. Тој исто така потенцираше дека до пред една година ги пријавувал заканите во полиција, по што се откажал откако видел дека не се постапува по нив.  

По ваквите обвинувања до МВР, министерот Спасовски вели дека досега немале пријава во ниту една полициска станица за закани против Христијан Мицкоски.  

„Имаше моменти во некој период претходно во кој и самиот побара да се направи проценка во делот на безбедноста. Му беше доделено обезбедување и кога тоа заврши таквата потреба – нема. Во секој момент може да пријави ако има безбедносна закана. Нема информација во овој момент дека некој сака да посегне по животот на кој било“, вели Спасовски.  

Безбедносните служби ќе прават проценки и за вечерва најавениот протест пред Владата, МНР и Собранието, по што ќе се одлучи каков ќе биде распоредот на полициските службеници. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми