Мински полиња на фашизмот насекаде околу нас
26 октомври 2018Градот херој Нови Сад дочека уште една годишнина од ослободувањето од фашистичката окупација во атмосфера на политички панаѓур. Градските челници положија венци и доделија награди со рутинска реторика, Сојузот на борците (СУБНОР) на свечена академија им аплаудираше на младите рецитатори, а во центарот на градот - шпалир од антифашисти, екстремисти и опозиција.
Од една страна, соработниците на Миша Вациќ и неговата „Српска десница“ во Нови Сад вербално ги напаѓаат активистите на Сојузот за Србија. Од друга страна, на само неколку метри оддалеченост, активистите на екстремистичката „Српска акција“ мавтаат со знамиња на Србија, а Антифашистичката коалиција пее партизански песни. Секој во својот препознатлив фолклор.
Непосредно зад фанфарите, во тесните простории на Медиумскиот центар Војводина, Антифашистичката коалиција во тресен круг пријатели расправа за тоа каде денес живее екстремизмот, како се исцртува и што по тој повод прават институциите.
Минските полиња на фашизмот
„Антифашизмот денес е во илегала, како што бил и од 1941 до 1945. Насекаде околу нас има мински полиња на фашизам, неонацизам, нетолеранција и нетрпеливост кон другите“, вели за ДВ претседателот на Сојузот на антифашисти на Војводина, Душко Радосављевиќ.
Современиот фашизам, велат во Антифашистичката коалиција, би можел да се дефинира како напад на другиот и поинаквиот, а се манифестира низ кратење на нивните права. Колаборација е молчење за сето тоа.
„Во Европа фашизмот се враќа како државна идеологија, не во смисла на црни кошули и војни, туку се враќа во својата суштина“, вели за ДВ историчарот Милован Писари. „Ако сакаме да сфатиме каде е фашизмот денес, би требало да заборавиме што сме учеле во училиштата, треба да ги анализираме механизмите како фашизмот дошол на власт и врз основа на тоа да видиме каде се сличностите, па ќе видиме дека некогашните политики кон Евреите се многу слични на политиките кои се применуваат кон мигрантите денес“, укажува Писари.
Екстремизам на јавни адреси
Обидувајќи се да одговори на прашањето каде денес живее екстремизмот, Антифашистичката коалиција направи мапа на која се означени официјалните седишта или места на собири на фашистички и екстремистички групи. Меѓу нив има повеќе од 20 органзиации, меѓу кои и низа новоосновани организации, од кои неколку се поврзани со Миша Вациќ и владеачката коалиција. На мапата има и неколку помалку познати организации за кои авторите наведуваат дека отворено ги промовираат Димитрије Љотиќ и Милан Недиќ.
„Постојат мали организации кои се повикуваат на фашизам и нацизам и тие се многу опасни, зашто ја одржуваат таа идеологија во живот и настапуваат многу агресивно“, објаснува Писари. „Меѓутоа, друг проблем се големите организации, главно политички партии, кои им даваат поддршка и ги користат за политички цели и на тој начин ја поддржуваат таа идеологија - не отворено, но суштински. Кога ќе се постигне синергија меѓу тие мали органзиации и партии, тогаш тоа е многу опасно.“
А, таква стратегија, вели Писари, постои и во Србија и во Европа. „Најдобар пример веројатно е Италија, каде на власт е десничарска партија која никогаш не повикува на фашизам, но користи многу слични методи и тоа е највидливо во политиката кон мигрантите. Тоа се случува и овде. Јасно е дека СНС е најголема партија која ги покрива тие органзиации и ги користи кога ѝ е потребно“, вели Писари.
Повеќе:
Моја Европа: Глорификацијата на фашизмот мора да престане!
Антифашизмот во Србија како украс
Како се црта екстремизам?
Легитимноста во јавниот живот ја потврдуваат со легитимноста на фасадите. Исцртаните свастики, пораките на омраза и рекламните пораки на екстремни организации на улиците на Нови Сад имаат многу жива динамика, покажува анализата на Антифашистичката коалиција. Тоа најчесто се традиционалните фашистички симболи, повици на убиство, величање на воени злосторници и негација на антифашистичката традиција, а тие во Нови Сад одат рака под рака со пораките на навивачките групи и на Српската радикална партија.
„Пораките на ѕидовите се живи во смисла дека тие некако доаѓаат до луѓето и нивните глави. Од минувачите зависи колкава е нивната способност да се спротивстават и да не ја примат пораката. Се разбира дека младите во таа смисла се најзагрозени, зашто тие немаат адекватни системи на одбрана и тие пораки ги примаат многу полесно од останатите и така се регрутираат во фашистички организации“, вели Писари.
Безбеден во судски фиоки
Ако е според Уставот, тогаш и пораките и организациите кои пропагираат екстремни идеи и предизвикување расна, национална и верска омраза, би биле санкционирани. Но, правосудстото и нема со што многу да се пофали. Најсликовит пример е нападот на активистите на организацијата „Национален строј“ врз учесниците на Антифашистичката прошетка „Стоп за фашизмот“ 2007 година, кој ни по десет години нема добиено судски епилог.
Отфрлено, одбиено, запрено, во постапка, во предистрага - најчесто ова се зборовите кои го опишуваат билансот на новосадските судови и обвинителства. Според податоците на Антифашистичката коалиција, за последните 10 години на територија која ја покриваат новосадските судови правосилно се завршени само осум постапки поради предизвикување национална, расна и верска омраза и нетрпеливост. Осудени се 12 лица, од кои половината доби условни, а половината затворски казни.
Резултатот е повторување на насилството - како на улиците, така и во онлајн-светот и медиумите. „Неказнетото насилство поттикнува такво однесување, зашто дури и ако приказната ја набљудуваме строго правно, смислата е не само да се казни извршителот, туку и да се спречи другите да помислат да направат нешто слично. Ние на тоа ниво константно потфрламе“, заклучува правничката Софија Мандиќ.