1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Заминувањето на жената со цвет во косата

Драгослав Дедовиќ
15 април 2019

Мира Марковиќ, моќната сопруга на некогашниот српски властодржец Слободан Милошевиќ, почина во Москва на 77-годишна возраст. Токсичната реторика на оваа политичарка продолжува да живее во Србија и денес.

Serbien Belgrad Parlament 2000 | Mira Markovic, Ehefrau von Slobodan Milošević
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Suki

Мирјана Марковиќ е родена во јули 1942 година во близина на Пожаревац. Нејзината мајка тогаш била во партизани. Во откомври 1943. таа во Белград била уапсена од Гестапо, мачена и стрелана. По смртта се појави и друга неофицијална верзија на приказната, дека наводно поради предавство ја стрелале партизаните.

Таткото на Мира, Момчило Мома Марковиќ, пак беше еден од водечките комунисти во Србија и по војната во врвот на власта. Впрочем целото пошироко семејство на Мира Марковиќ беше цврсто поврзано со врвот на комунистичката власт. 

Цвет кој зрачи трагика

Од 80-те и 90-те години на минатиот век остана типичната слика на Мирјана Марковиќ со цвет во косата. Таа тоа го образложуваше со единствената фотографија на која и таа има цвет во косата. Исто така Мирјана Марковиќ е позната под кратката верзија на името - Мира Марковиќ. За неа тоа не беше вообичаено скратување на името, туку преземање на партизанското име на настраданата мајка - Мира.

Во Пожаревац заврши гимназија. Во младинската комунистичка организација го запозна момчето кое се викаше Слободан Милошевиќ. Тоа беше почеток на приказната за нераздвојната двојка комунистички владетели, кои Србија во кризните години ја насочуваа кон војни и конфронтации со западниот свет.

Врз основа на бројни сведочења, може да се заклучи дека токму Мирјана Марковиќ го мотивирала својот иден сопруг во насока на комунистичката идеологија. Мира и Слободан се венчаа во 1965 година и имаа две деца, Марија и Марко.

Несуден управник на железничка станица

Сѐ што потоа се случуваше со кариерата на Слободан Милошевиќ може да се сумира во една реченица од руската Википедија: „Биографите подвлекуваат дека Мира Марковиќ имала огромно влијание врз сопругот, и оти од човек кому му предвидувале кариера на управник на железничка станица создала крупен партиски лидер и државник“.

Со подемот на сопругот, видно растеше и  влијанието на факултетската професорка по социологија врз сите случувања во политиката и општеството на крајот од 80-те и за време на 90-те години од минатиот век. 

Фотографија: picture-alliance/dpa

Нејзиниот директен политички ангажман започна со основањето на Југословенска левица (ЈУЛ) во 1994 година. Партијата постојано беше коалициски партнер на Социјалистичката партија на Милошевиќ, и во неа членуваа луѓе од светот на културата и од бизнисот, а покојниот новинар Славко Чурувија би рекол и - криминалци. Набргу многумина во Србија почнаа да ја обвинуваат за сите неуспеси на политиката на нејзиниот сопруг. Исто така многумина до ден-денес сметаат дека таа кумувала на убиствата на Чурувија и на поранешениот ментор на Милошевиќ, Иван Стамболиќ или пак на атентатите врз Вук Драшковиќ. Ништо од тоа не е докажано.

Мајчичка Русија

По превратот на 5 октомври 2000 година и апсењето на Милошевиќ и неговото испорачување во Хаг, прво во Русија избега синот Марко, до гуша вплеткан во пожаревско-белградските криминални мрежи. А потоа беше убиен српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ.

Повеќе:

-Сеуште не се знае каде ќе биде погребан Милошевиќ

-Србија: Напред во деведесеттите!

-Од Милошевиќ до Изетбеговиќ: „Лошите синови“ на балканските претседатели

Мирјана Марковиќ пребега во Русија во 2003 година, а во 2005 во Србија беше обвинета за поттикнување на корупција. Претставници на Генералното обвинителство на Русија во 2010 година заземаа став дека Мира Марковиќ во таа држава ужива статус на политички бегалец, и оти со тоа меѓународната потерница, која ја имаа распишано српските власти за нив е неважечка. Добрите врски со Кремљ беа градени со децении. Нејзините почесни докторати на елитните руски универзитети сведочат за тоа.

На судовите во Србија им требаа 13 години да донесат пресуда - од една година затвор за потткнување на секратарка во владата на Србија да ѝ додели стан на некогашната дадилка на нејзиниот син Марко. Дури и таквата пресуда е укината на почетокот на 2019 година, а предметот вратен на повторно судење, без никакви изгледи за нова пресуда. 

Живото наследство на ЈУЛ

Не треба да изненадува колку од реториката на оваа политичарка, која демонстрантите во Србија во 90-те години ја нарекуваа „црвена вештерка“, преживеа до денес. Сите кои протестираа против нејзиниот семеен систем на владеење таа ги означуваше како „орди“ и „предавници“. Во периодот кога партијата на Милошевиќ во железна прегратка ја држеше телевизијата, а само како алиби допушташе по некоја искричка на слободно мислење во неделниците и весниците со ограничен тираж, Мира Марковиќ тврдеше дека таа и нејзиниот сопруг се изложени на медиумска хајка и оти 95 проценти од медиумите се против нив. Веруваше до самиот крај во германско-ватиканско-американско-исламски заговор против Србија, што ќе рече против нејзиното семејство. Трибуналот во Хаг го нарекуваше „Гестапо на нашето време“. Имаше мислење за сѐ. Нејзиниот јавен збор често делуваше инфантилно, но во суштина беше опасен за секој човек кого ќе го именуваше.

Сите овие техники, кои произлегоа од идеолошката смеса на национал-комунизмот и од личниот искривен перцептивен код, кој половина е пропаганда, а половина параноја, се видливи и како матрица на јавното делување на актуелните власти во Србија. Тие обрасци на бескрупулозност денес ги има прекопирано дамнешниот коалициски партнер на нејзиниот сопруг и министер за информирање, радикалот Александар Вучиќ. Но и нејзиниот огнен јуловец - Александар Вулин.

Може да се каже дека Мира Марковиќ никогаш нема навистина да умре - ќе го живее својот идеен постхумен живот во Србија сѐ додека нејзините почитувачи и ученици врз темелите на својата моќ ќе бидат во состојба да наметнат концепт на лазечки, но и отворен ревизионизам, за јавното паметење на земјата за таа токсична епоха на деведесеттите, во чиј епицентар беше еден цвет во косата.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми