Мирек Тополанек падна
25 март 2009![](https://static.dw.com/image/4124585_800.webp)
Гласањето во чешкиот парламент вчера вечер беше многу напнато. Се’ до последниот глас на пратениците никој не можеше да го прогнозира конечниот исход.
На крајот од јавното гласање, барањето на опозицијата доби токму толку гласови, колку што беа потребни - 101. Видно шокираниот премиер Мирек Тополанек, по гласањето изјави: „Свесен сум што значи резултатот и ќе се однесувам онака, како што ми налага уставот.“
Владата немаше концепт
Тоа значи оставка на неговата влада, што се потпираше на три партии. Тополанек во острата дебата со пратениците на опозицијата се обиде да апелира и на одговорноста што Чешка ја носи во моментот како претседавач со ЕУ, но и тоа беше попусто. Претседателот на најголемата партија на опоаицијата, социјалдемократот Јиржи Пароубек, изрази задоволство од резултатот: „Владата не создаде никакви концепти за надминување на економската криза“, рече Пароубек. „Освен тоа и најновата афера на премиерот доби огромни димензии. Тој имено сакаше да го манипулира критичкото известување на медиумите.“
Саркози повторно на чело?
Според чешкиот аналитичар, политикологот Јан Кублачек, ваквиот исход претставува победа за двајца. Едниот е чешкиот претседател, Вацлав Клаус, кој е противник на европската интеграција. А вториот е францускиот претседател, Никола Саркози, кој навреме изрази скепса за способноста на Чешка да претседава со ЕУ. „Валцлав Калус стана многу важен играч“, заклучува Кублачек. „Уставот му дава големи можности да влијае врз создавањето на новата влада. А Сакрози фактички ќе го добие претседателството со ЕУ.“
Владата на премиерот Мирек Тополанек засега останува на власт, се’ додека претседателот Вацлав Калус не го даде мандатот за формирање нова владина коалиција. По традиција, мандатот треба да го добие лидерот на најбројната собраниска група, а тоа и понатаму е Мирек Тополанек.
Автор: Кристина Јансен Обработка: Горан Чутаноски
Редактура: Трајче Тосев