1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Миркуловски: Австрија не смее да се потцени

АТ/ макфакс15 јануари 2014

По ремито против Чешка, на македонската ракометна репрезентација и е потребна победа над Австрија за да се пласира во втората фаза на тековното ЕП во ракомет.

Фотографија: Claus Fisker/AFP/Getty Images

Македонската ракометна репрезентација со освоениот бод против Чешка (24:24), направи голем чекор кон пласман во втората фаза на Европското првенство, нешто што пред заминувањето беше поставено како основна цел.

Освоениот бод е „голем како куќа“, но останува впечатокот дека Македонија можеше да забележи победа. Неколку пати, во текот на второто полувреме, македонските ракометари имаа можност да го решат мечот, но грешките во нападот му дозволуваа на противникот да се врати во игра. Во одбраната пак, никој не можеше да најде решение за Хорак, кој беше најдобриот чешки играч на овој меч.

Македонија, во последното коло во Б групата, в четврток, ќе игра против Австрија, која во првото коло ја декласира Чешка (30:20), а во вторникот загуби од Данска (29:33). Победа во пресметката со Австрија е императив, за да се пренесе некој бод во втората рунда.

„Очекуваме поголема поддршка од голманите, против Чешка остваривме одличен резултат, ако се знае дека имавме шест одбрани. Против Австрија ќе ни требаат 15 одбрани од голманите, ако сакаме да стигнеме до посакуваната победа“, изјавил по мечот со Чешка Кирил Лазаров.

Капитенот на националниот тим против Чешка постигна 12 голови, голема поддршка во нападот тој имаше од Филип Миркуловски, кој одигра одличен меч, иако постигна само три гола. Инаку, Миркуловски, по мечот се пожали на коленото, што секако е причина за грижа во таборот на репрезентацијата. „Се чувствувам заморно, имав силни дуели со ривалите, но сега имаме еден ден одмор, кој мислам ќе не освежи и ќе ни ја врати силата. Имаме уште за покажување во првата фаза, Австрија е селекција која не смее да се потцени, но ќе одиме чекор по чекор" изјавил Миркуловски.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми