1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мировниот блискоисточен план на Трамп - пресметан маневар?

Карла Блајкер
28 јануари 2020

За планот за мир на Блискиот Исток, кој денеска ќе го презентира Доналд Трамп, критичарите велат дека е наклонет кон Израел. Важна улога притоа игра неговиот зет Џеред Кушнер.

USA Washington Weißes Haus | Donald Trump, Präsident & Benjamin Netanjahu, Israel
Фотографија: Reuters/K. Lamarque

Барем еден е убеден дека новиот мировен план за Блискиот Исток, што американскиот претседател ќе го претстави денеска, ќе биде прифатлив и за Израелците и за Палестинците: планот е „многу разумен за двете страни“, изјави самиот Доналд Трамп вчера при пречекот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа. И Нетанјаху е полн со надеж дека планот претставува „шанса на векот“, но на другата страна одушевувањето не е големо.

Палестинскиот премиер Мохамед Штаје, кој не беше поканет на средбата во Вашингтон, вчера јасно го отфрли планот, истакнувајќи дека соопштените детали значат крај за интересите на Палестинците, а средбата на Трамп, Нетанјаху и израелскиот опозициски политичар Бени Ганц денеска во Вашингтон е само маневар за одвлекување на вниманието.

„Овој план е смислен за заштита на Трамп од импичментот, а на Нетанјаху од одење во затвор“, изјавил Штаје, според новинската агенција Ројтерс: „Ова не е никаков мировен план.“ Во Сенатот во Вашингтон е во тек постапка за отповикување на Трамп од должноста, а во израелскиот парламент, Кнесетот, започнуваат преговорите околу одземање на имунитетот на Нетанјаху, против кого во ноември е подигната тужба поради корупција.

Уште попристрасен од претходниците

И пред денешниот самит без палестинско учество постоеше сомнеж во непристрасноста на Трампво комплицираниот блискосточен конфликт. „Администрацијата на Трамп не е првата која држи нечија страна“, смета експертот за Блиски Исток, Џефри Аронсон во интервју за Дојче веле. САД и порано настапуваа во улога на еден вид адвокат на Израел, „но, нешто се промени. Владата на Трамп заклучи во однос на досега неуспешната блискоисточна мировна политика да се збогува од сите стратегии на меѓународната заедница и на дипломатијата.“

Како примери Аронсон ги наведува меѓу другото преместувањето на американската амбасада во Ерусалим и фактот што претседателот Трамп ја намали или укина поддршката за организациите на ОН кои ги помагаат палестинските бегалци. Освен тоа, Трамп не ги смета за нелегални израелските населби на палестинскиот Западен Брег, што е спротивно на сите досегашни ставови на меѓународната заедница.

Протести на Палестинците против блискоисточната политика на Доналд Трамп Фотографија: Reuters/M. Salem

Досега ниедна дипломатска стратегија не доведе до траен мир меѓу Израел и Палестинците, но приодот на Трамп нема да ја подобри состојбата, смета Аронсон, кој беше советник на ЕУ за прашањето на Палестинците. „Начинот за ’лекување’ за кој тој се одлучи е полош од самата болест. Тој се свртува експлицитно против сите нешта околу кои меѓународната заедница се усогласи во изминатите децении. Неговите политички мерки ја рефлектираат политиката на десноекстремната израелска страна.“

Моќниот зет

Важна улога во израелската политика американскиот претседател игра неговиот зет Џеред Кушнер, сопруг на ќерката на Трамп, Иванка Трамп. Кушнер потекнува од еврејско семејство со долгогодишни контакти со Нетанјаху. Весникот „Њујорк тајмс“ во опширна статија во 2017 година пишуваше за врските меѓу израелскиот премиер и Кушнер. Во време кога Кушнер бил ученик, Нетанјаху дури и преноќевал кај неговото семејство во Њу Џерси - и спиел во неговата соба. Младиот Џеред ноќта ја поминал во соба во подрумот за да му направи место на гостинот.

Уште поважно е што семејството на Кушнер е поддржувач на хардлајнерската политика на Нетанјаху, меѓу другото донирало пари за изградба на израелска населба северно од Рамала на Западниот Брег. „Потребен ни е некој кој е навистина непристрасен. Во случајов не постојат никакви укажувања дека тој има интерес да ја чуе и другата страна“, изјавил палестинскиот водач Мустафа Баргути за „Њујорк тајмс“.

Според Аронсон, влијанието на Кушнер врз политиката на Трамп кон Израел не е за потценување. „Владата на Трамп, на пример, не е многу заинтересирана за користење експертизи од Министерството за надворешни работи“, вели Аронсон. Наместо тоа, Трамп се потпира на личности во кои лично има доверба, како неговиот зет, кој без големо политичко искуство стана советник во Белата куќа.

Мирот на Блискиот Исток никогаш не бил подалеку

Јавноста денеска ќе ги дознае деталите околу мировниот план на Доналд Трамп, кои тој ќе ги презентира во присутво на Бенјамин Нетанјаху. Она што уште сега е познато, е дека планот ќе содржи карта на која ќе бидат исцртани конкретните граници на можна палестинска држава. Ваква детална карта би била целосна новост за еден американски мировен план меѓу Израелците и Палестинците.

Трамп би сакал израелското раководство да започне со реализација на неговиот мировен план по можност директно по неговото објавување. Но, мир според план на чија свечена презентација не е поканета една од двете конфликтни страни, се чини малку веројатен.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми