1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Расте немирољубивоста во светот

Матијас фон Хајн
6 јуни 2018

Најновиот глобален мировен индекс прикажува мрачна слика, намалена е мирољубивоста и во Европа. Македонија се наоѓа на 87. место, што е подобрување во однос на претходно.

Duma Panzer der Syrischen Armee
Фотографија: Getty Images/AFP

Светот лани не станал помирен, барем ако се земат предвид податоците од новиот Глобален мировен индекс, ГМИ, кој дванаесетти пат го објавува Институтот за економија и мир со седиште во Сиднеј. Според него, во 2017. година мирољубивоста бележи пад во 92 земји, додека подобрување има во 71 држава, како што истакнува Стив Килелеа во разговор за Дојче веле. Значи, негативниот тренд продолжува четврта година по ред.

Во целина, вели основачот и прв човек на Институтот за економија и мир, во изминатите 10 години мирољубивоста во светот опаѓа. За тоа придонесуваат првенствено конфликтите на Блискиот Исток. Овој регион и Северна Африка, според ГМИ, се најпроблематичните региони воопшто. На последното место од 163 држави се наоѓа Сирија, а таа на дното на скалата е во друштво со Авганистан, Јужен Судан, Ирак и Сомалија.

Влошување во индексот за Западна Европа

Од вкупно девет светски региони за кои се вршени испитувања во Институтот за економија и мир, Европа е најмирољубив. Од првопласираните најмирољубиви земји во светот освен Нов Зеланд, останатите се наоѓаат во Европа: Исланд, Австрија, Португалија и Данска. Германија и натаму останува на 17. позиција. Килелеа меѓутоа истакнува: „23 од 36 држави кои припаѓаат на Европа минатата година бележат влошување“. Станува зор за земји во Западна Европа, а во целина во Источна Европа има позитивен развој.

Македонија бележи подобрување

Македонија, според најновиот Глобален индекс на мирот, се наоѓа на 87 место, што е подобрување во однос на претходно за 16 позиции. Зад неа од балканските држави се Босна и Херцеговина на 89. место и Косово на 92. со пад од 15 позиции. Хрватска е на 27. позиција, Албанија на 52. со подобрување од седум позиции, Србија е на 54. а Црна Гора на 58. место.

Индексот на глобален мир се пресметува со помош на 23 индикатори во три области: безбедност во општеството, трајни конфликти и милитаризација. Во областа „безбедност и општество“ предвид се земаат на пример стапката на убиства, бројот на затвореници и бројот на полицајци, како и чувството на проширеност на криминалот. Областа „милитаризација“ го опфаќа бројот на војници, издатоците за вооружување во однос на економскиот учинок и евентуален извоз на оружје.

Повеќе земји вложуваат помалку во вооружување

Додека во Европа, под притисок на администрацијата на САД, се дебатира околу  покачување на издатоците за оружје,  глобалниот тренд кај овие издатоци оди надолу, објаснува Килелеа: „Во изминатите десет години 104 земји ги намалиле своите издвојувања за вооружување во однос на економскиот учинок. Во 115 земји е извршено редуцирање на воениот персонал.“

Но, погледот врз последните десет години обзнанува и нешто друго: интензитетот на конфликтите е значајно повисок. Килелеа тоа го илустрира преку бројки: „Бројот на убиени на воените боишта во светот е зголемен за 246 проценти, бројот на жртви од тероризам во изминатата деценија е пораснат за 203 проценти.“

Најголема позитивна промена во Глобалниот мировен индекс е регистрирана во Супсахарска Африка. Гамбиа на пример е искачена за 35 места нагоре, што е најголемо подобрување, но позитивен развој бележат и Либерија, Бурунди и Сенегал.

ГМИ годинава првпат ја воведува и категоријата „позитивен мир“, со која мирот не се посматра исклучиво како отсуство на конфликт. „Позитивен мир“ истражува структури, социјални фактори и институции кои продонесуваат кон мирољубивоста на општеството. А она што е добро за мирот, е исто така добро и за економијата, потенцира шефот на Институтот за економија и мир, Килелеа: „Секој процент подобрување кај позитивниот мир се рефлектира со раст од 1,8 проценти во економијата“. Обратно, економските трошоци поради човечките страдања во конфликти, војни и насилства се гигантски - според ГМИ, изнесуваат 2.000 американски долари по секој човек кој живее на планетава.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми