1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мисијата во Авганистан ја промени и Германија

Флоријан Вајганд / Превод: Симе Недевски29 декември 2014

Мисијата на Бундесверот во Авганистан влијаеше врз Германија исто како и врз Авганистан со својата долга историја на инвазии и интервенции, коментира Флоријан Вајганд

Фотографија: picture-alliance/dpa

„Завршена мисија?“ Количеството собран опиум во Авганистан е големо како никогаш досега, а бројот напади од страна на талибанците достигнува нови рекорди. Дури и во поранешната главна област на делување на Бундесверот во Кундус бунтовниците летоска, кусо, но симболично, можеа да го развеат своето знаме. Веќе се стравува дека се подготувуваат првите разговори меѓу талибанците и Исламската држава. Големи делови од земјата не се веќе под контрола на, и онака корумпираната, државна власт, туку послушно постапуваат по наредба на локалните господари на војната. Главниот град веќе ни во високо обезбедениот центар не е сигурен, нападите и тука се чести. Накусо: успеси изгледаат поинаку.

Но исто така би било погрешно да се зборува за целосен пораз. Во сенка на мисијата на ИСАФ се изградија болници и училишта, никогаш порано толку девојчиња не посетувале настава како денес. Тоа во прв ред е секако заслуга на цивилната развојна помош. Но без присуство на странски трупи како што е Бундесверот и со тоа поврзаните неисцрпни донации, сето ова не би било можно. Авганистан се промени.

Ама и Германија: кога Бундесверот пред 13 години ја започна своја мисија на Хиндукуш, германската војска беше доволно наивна да верува дека оди во мисија како онаа на Балканот. Мислеа дека по нападот од 11. септември 2001. талибанците се уништени во воздушните напади, оти во Авганистан наскоро ќе завладее мир како во Босна и Херцеговина и на Косово и дека ќе биде доволно да се зачекори на улиците со чоколадо и со памфлет со нарачки за проекти за обнова и со тоа ќе се освои срцето на населението. Речиси неверојатно: на почетокот на мисијата војниците низ пазарите на Кундуз се возеа дури со јапонски автомобили кои ги купија на локалниот пазар и без никаков заштитен оклоп.

Флоријан Вајганд, автор на коментаротФотографија: DW/P. Henriksen

Но, на почетокот понастрана од контролираните улици, а потоа сосема јавно се формираше отпор. Одеднаш германските војници се најдоа во копнени борби со герилците кои добро го познаваа локалниот терен. Имаше мртви и ранети, психички трауматизираните повратници од Авганистан во германските дневни соби со себе донесоа ужасни спомени, додека во други семејства тагуваа за оние кои воопшто не се вратија дома. Тоа беше војна - збор кој политичарите тогаш не се осмелуваа да го изговорат ни кога се’ повеќе мртовечки сандаци почнаа пристигнуваат во Германија. А тогаш еден војник нареди бомбардирање на една цистерна во близината на Кундус. Загинаа невини цивили. Бундесверот тогаш стана и сторител. Поддршката од населението во Германија за мисијата во Авганистан стануваше се’ помала, политиката се најде во теснец.

Врз основа на тие искуства цврсто се затегнаа линиите на денешната наворешна политика. Врз основа на тоа може да се објасни и двоумењето на Германија во случајот на воздушните напади на Либија, но и во мисијата против Исламската држава во Ирак и во Сирија. Германија е пацифистичка земја, и тоа не само поради избледените и се’ повеќе ритуализирани сеќавања на вината во Втората светска војна, туку конкретно поради мисијата на ИСАФ. Во Бундесверот цела една генерација војници искусија вистински борбени акции. Нивните искуства, кои ги пренесуваат на министерството за одбрана, значајно влијаат врз политиката.

Истовремено, Сојузна Република Германија со таа мисија започна и сопствена динамика која речиси веќе и да не може да се запре. И во иднина меѓународната заедница очекува германско учество. Тоа важи како за продолжување на мисијата во Авганистан, како и за нов мандат во курдските подрачја. За последново дури и толкувањето на уставот е толку растегнато како никогаш порано. Таа мисија, додуша, треба да се ограничи на обука на курдските пешмерги, но Авганистан би требало да биде доволен пример за тоа колку брзо Бундесверот може повторно да биде вовлечен во борбена мисија. Како Германија ќе се справи со оваа дилема меѓу љубовта кон мирот и глобално-политичката одговорност, останува да се види.

Авганистан, наспроти тоа, веќе виде бројни странци - Персијци, Грци, Хуни, Монголи, Арапи, Англичани, Совети и трупите на ИСАФ. Сите тие зад себе оставија помалку или повеќе јасни траги, на крајот брановите на историјата се прелија врз странците. И Авганистан остана Авганистан.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми