1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Мислев дека ќерка ми е чудовиште“

Јури Решето
11 октомври 2017

Дојче Веле прави портрети на млади хомосексуалци, мажи и жени во Русија – земја во која хомофобијата е широко распространета. Со нив разговараше Јури Решето

Homosexuellen-Aktivisten und Störer in Moskau festgenommen
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Serebryakov

„Срцата треба да им се запалат и да се погребат": овој предлог дојде од познатиот телевизиски водител Димитриј Кисјелов и тоа во најгледаниот термин на првиот руски канал. Се однесува на луѓето „со нетрадиционална сексуална ориентација", како што во Русија се нарекуваат хомосексуалците и лезбејките. Кисјелов е олицетворение на руската медиумска пропаганда. Тој лаже и навредува, а сепак е награден за тоа. За неговиот предлог за спалување на срцата тој доби аплауз во студиото. Ловот на хомосексуалците започна. Тоа беше во 2012 година.

Една година подоцна во рускиот град Волгоград беше убиено дваесетгодишно момче, само затоа што било хомосексуалец. Главата му беше смачкана со дваесет килограми тежок камен. И сето тоа од омраза.

Кратко пред тоа, руската Дума усвои таканаречен Анти-хомосексуален закон. Оној кој ќе зборува позитивно за хомосексуалноста пред малолетници, ќе биде казнет. Со ова државата сака да се бори против таканаречената „Пропаганда за нетрадиционална сексуална ориентација."

Нема заштита за хомосексуалци

Исто така, секој кој ќе ги брани хомосексуалците - жртви на насилство, може да биде казнет. Руските хомосексуалци не може да сметаат дека државата ќе ги заштити од заплашување, понижување и напади. Иако, хомосексуалните врски во Русија официјално се дозволени.

Поминаа пет години откако се рашири хомофобијата која во Русија е квази дозволена со закон. Денес, со говор на омраза против хомосексуалци не само што може да се заработат пари во разни дебатни телевизиски емисии, туку може да се освои и довербата на гласачите на избори. Во најмала рака кај православните верници. Оние што отворено се залагаат против хомосексуалци во Русија, не се сметаат само за некој што ги брани таканаречените традиционални вредности, туку и за поддржувачи на моралните столбови на руското општество кои се нападнати од „трулиот Запад." Ни помалку, ни повеќе.

Репресии против хомосексуалците во Русија Фотографија: picture-alliance/epa/I. Kharitonov

Родителите си ги бркаат децата

Резултат: пратеникот во руската Дума, Виталиј Милонов може јавно да го навреди граѓанинот Борис Конаков, без да биде казнет за тоа. Господин Милонов го нарече господин Конаков „Педер со СИДА", бидејќи момчето протестираше против прогонот на хомосексуалците во Чеченија. Тој еден час беше врзан со синџири на мост во Санкт Петербург. Мост кој го носи името на такото на чеченскиот лидер Кадиров.

Резултат: Мајката на една девојка која се вика Наталија признава дека била подготвена „да клечи на колена и да го моли господ ќерка ѝ повторно да стане нормална како сите останати". Потоа пред ќерка ѝ признава дека ја „сметала за чудовиште" кога Наталија ѝ кажала дека сака девојчиња, а не момчња. На крајот сепак ја прифаќа како лезбејка. Среќа за Наталија, која ја немаат многу други млади деца. Има примери на ќерки претепани од татковците, па дури и деца кои се избркани од дома поради тоа што се хомосексуалци. Организациите за заштита на човекови права документираат и случаи на „поправно силување". Во тој случај ќерката е затворена во соба со силувачите.

Бегство како последна опција за спас

Резултат: Милионерот Герман Стерлигов отвори пекари во цела Русија каде на вратата пишува „Забранет влез за хомосексуалци". Никој не се заинтересира за оваа одвратна изјава која потсетува на нацистичките знаци „забранет влез за Евреи". Казна? Пријава? Руските медиуми попрво би се занимавале со превисоката цена на лебот. Бизнисменот Стерлигов кој има сериозни намери да се кандидира за претседател, пропагира ист стил како и пратеникот Милонов: деца, кујна, црква. Неговите вработени се во принцип толерантни, појаснува младиот блогер Кирил Егор, кој отворено се изјаснил дека е хомосексуалец. Егор влезе со камера во една од пекарите на Стерлигов. Таму каде што му е забранет пристапот. Всушност.

Краен резултат: никој не прашува за судбината на над стотина мажи хомосексуалци, кои се држат во таен затвор во Чеченија, каде се злоставувани и малтретирани. Весникот „Новаја Газета", кој е критички настроен кон владата како единствен медиум во Русија со месеци известуваше за ова. Во странство пак скандалот се шири. Германската канцеларка Ангела Меркел за време на нејзината посета на Сочи во присуство на рускиот претседател Владимир Путин пред камерите зборуваше за овој проблем. Во тоа време „Виктор“, млад хомосексуалец од чеченскиот град Аргун избега од неговата земја.

Сите тие - Борис, Наталија, Кирил и чеченскиот хомосексуалец кој од безбедносни причини го нарековме „Виктор“, во Москва и Санкт Петербург ми ги раскажаа своите приказни. Приказни полни со болка, очај но и одлучност. Приказни за нивната хомосексуална љубов која во оваа земја за илјадници мажи и жени е незаштитена.


 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми