1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што е „Хаванскиот синдром“?

Карла Блајкер
16 октомври 2021

Во Колумбија се регистрирани пет случаи на таканареченот „Хавански синдром". Кон крајот на август, потпретседателката на САД, Камала Харис ја одложи посетата на Виетнам заради случаите кои се појавија таму.

Симптоми на „Хаванскиот синдром“ се замор, главоболки, проблеми со видот и слухот,  замаеност, гадење и вртоглавица.
Симптоми на „Хаванскиот синдром“ се замор, главоболки, проблеми со видот и слухот,  замаеност, гадење и вртоглавица.Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Killig

Во американската амбсада во Богота се појавија случаи на таканаречениот „Хавански синдром". Претседателот на Колумбија Иван Дуке за новинската агенцина АФП, ја потврди информацијата првично објавена на 12 октомври 2021 во Волстрит журнал. „Секако имаме информации за ситацијата но ова сакам да го препуштам на американските власти кои спроведуваат сопствена истрага бидејќи се работи за нивен персонал," изјави тој за време на посетата на Њујорк. Симптоми на мистериозната болест се појавиле кај најмалку пет семејства кои имаат некаква врска со американската амбасада во Колумбија која е една од најголемите во светот. Покрај дипломати од кариера и останат персонал, таму се стационирани и голем број агенти на тајните служби и службеници на Националната агенција за борба против дрогата.

Регистрирани случаи во август во Ханој

Уште кон крајот на август мистериозната болест привлече внимание во Виетнам. На 24 август беше планирана средба на Камала Харис со виетнамскиот претседател Нгујен Ксуамфук за која Харис требаше да лета од Сингапур во Виетнам, но летот беше одложен за повеќе часови откако нејзиниот тим беше информиран за два можни случаи на „Хавански синдром" во виетнамскиот главен град. Во соопштение на американската амбасада во Ханој се вели дека кабинетот на Харис „по детална истрага" заклучил оти таа може да ја одржи планираната средба и дека не постои безбедносен ризик. Во истото соопштение се споменува „невообичаена здравствена појава", поим кој американските дипломати го користат секогаш кога станува збор за „Хавански синдром". Но за што вусшност станува збор.

Кон крајот на август, потпретседателката на САД, Камала Харис ја одложи посетата на Виетнам заради случаите на „Хаванскиот синдром“ во земјатаФотографија: Evelyn Hockstein/AP Photo/picture alliance

Првпат регистриран во Куба

Таинствениот синдром првпат е забележан во 2016. Тогаш во кубанскиот главен град од него беа погодени американски и канадски дипломати како и членови на нивните семејства кои страдаа од замор, главоболки, проблеми со видот и слухот,  замаеност, гадење и вртоглавица. Некои од нив трајно го загубија слухот. По ова вакви симптоми постојано беа забележувани кај американски дипломати и соработници на тајните служби, меѓу другото и во Русија, Кина, Австрија и неодамна и во Берлин. И во други европски земји е регистриран „Хаванскиот синдром" кај американски службеници. Некои од заболените работеле на теми како извоз на гас, сајбер безбедност или политичко влијание.

Симптоми слични на потрес на мозок

Симптомите се појавуваат одненадеж па така во еден случај во Москва во 2017 се појавиле навечер додека човекот спиел. Заради гадењето прво помислил дека се работи за труење со храна, но потоа добил таква вртоглавица што при обидот да стаса до бањата неколкупати паднал. Дотичниот вели дека се чуствувал „како да мора да повраќа и истовремено да се онесвестува", вели соработник на ЦИА за еден магазин.  Сето тоа го начекало сосем неподготвен. За разлика од службениците во Хавана во 2016 тој не чул „висок тон" пред да почнат симптомите. Експерти на Центарот за повреди и рехабилитација на мозокот при Универзитетот во Пенсилванија испитувале дел од Американците кои заболеле во Куба и во 2018 објавија студија во стручниот Журнал на американското медицинско здружение.  Во неа се вели дека пациентите имаат големи ограничувања и оштетувања на центарот за рамнотежа како и на когнитивните и моторичките способности, и на нивните сетила - слично како кај луѓе кои доживеале тежок потрес на мозокот. Но за разлика од нив, кај овие пациенти симптомите не исчезнуваат туку понекогаш се намалуваат и потоа повторно се враќаат со полн замав.

Американската амбасада во Хавана, Куба, каде за првпат се појавија случаи со мистериозните здравствени тегобиФотографија: Adalberto/AFP/Getty Images

Причините непознати

Американската координаторка на тајните служби, Аврил Хеинс, неодамна рече дека властите и натаму не знаат што точно ги предизвикува „невообичаените здравствени појави". Една од претпоставките на експертите на Националната академија за наука, инженртство и медицина на САД, објавена во декември 2020, е дека зад симптомите стојат импулси од радио бранови на одредена фреквенција. Други научници пак сметаат дека станува збор за оружје „на специјална микробранова должина"  која противници на САД наменски ја користат против дипломати, вработени во тајните служби и нивните семејства. Такво оружје кое користи радио фреквенции е веќе развиено. Микробрановите се движат од 1 до 300 гигахерци. За споредба микробрановата печка кои многумина ја имаат дома работи на фреквенција од 2.5 гигахерци. Со зголемување на фреквенцијата се зголемува и зрачењето. Со соодветен апарат зрачењето може целно да биде насочено на човек и во зависност од фреквенцијата да навлезе до различни нивоа во организмот и да предизвика штета во органите. Американското Министерство за одбрана, на пример, има развиено оружје кое користи микробранови од 95 гихахерци.

Трето објаснување е користење на оружје на база на ултразвук. Во прилог на оваа теза е фактот дека некои од заболените во Хавана прво слушнале заглушувачки тон пред да им се појават симптомите, но од друга страна тоа не било случај со сите погодени.

Можно е да има и инструменти кои овозможуваат напади во сфери кои увото не може да ги регистрира. Но за нив не е ништо познато освен дека војски работат на такви истражувања. Експерти сметаат дека е малку веројатно дека постојат. Освен што не се знае што го предизвикува „Хаванскиот синдром", нејасно е и кој стои зад него.  Преставници на американската влада во мај годинава за магазинот Политико изјавија дека се сомневаат во руската тајна служба ГРУ. Белата куќа во овој момент одбива официјално кон некого да посочи со прст. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми