1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Мистериозна болест на белите дробови се шири низ Кина

Инес Ајзеле | Хана Фукс
10 јануари 2020

Експертите сметаат дека причинител за мистериозната белодробна болест во Кина, која се шири во метрополата Вухан, е нов вид на коронавирус. Алармирана е и Светската здравствена организација.

Mysteriöse Lungenkrankheit in China ausgebrochen
Фотографија: picture-alliance/dpa/Imaginechina/Y. He

Кинеската државна телевизија пренесе дека првите истражувања укажуваат на нова, досега непозната варијанта на коронавирус како предизвикувач на мистериозната болест која ги напаѓа белите дробови. Научниците кај еден пациент идентификувале целосна генетска секвенца типична за овој вид вирус, а тој е потврден и во крвта и слузокожата кај други 15 пациенти.

Коронавирусите, кои се познати од 1960-те години, можат да предизвикаат како обична настинка, така и опасни заболувања на белодробните органи, како САРС или МЕРС. Овие заболувања се појавуваат подеднакво кај луѓето и кај животните. Времето од инфицирањето до појавувањето на првите симптоми изнесува по правило една до две недели. Вирусот се пренесува со директен контакт, но и преку воздухот, како и преку храна.

Кинеските власти сметаат дека епицентар на заразата со сериозното заболување  е пазар во централнокинескиот милионски град Вухан, каде покрај риби, се продаваат и диви животни. Досега инфекцијата е потврдена кај 59 луѓе, од кои, според најновите информации, осум се излечени и добиле дозвола да ја напуштат болницата. Состојбата на седум луѓе се смета за критична, но досега не се регистрирани смртни случаи.

Американската амбасада во Пекинг издаде предупредување за патување во Вухан

По зачестувањето на случаите на  непознатото заболување,  се вклучи и Светската здравствена организација. „СЗО со внимание ја следи ситуацијата и е во постојан контакт со надлежните служби во Кина“, соопшти организацијата на ОН со седиште во Женева. СЗО ја истакна брзината на идентификацијата на болеста и воведувањето мерки за спречување на нејзино ширење како доказ за компетентноста на Кина во справувањето со епидемии.

Коронавирус под микроскоп, архивска снимкаФотографија: picture-alliance/dpa/Center for Disease Control

Хонгконг во меѓувреме воведе првични превентивни мерки - на аеродромот се веќе инсталирани апарти за мерење на телесната температура. Посебна контрола се врши кај сите патници кои пристигнуваат од Вухан. Во кинеската специјална управна зона досега се пријавени 16 сомнителни случаи. Според извештаи на медиумите, еден сомнителен случај е регистриран и во Сингапур - тригодишно девојче, кое било во посета на Вухан, се наоѓа во болница, но е во стабилна здравствена состојба. 

Американската амбасада во Пекинг, како реакција на избувнувањето на белодоробното заболување, издаде предупредување за патување  во Вухан. Сите патници кои патуваат во овој град треба да избегнуваат пазари за продажба на животни и контакт со животни, како и да не вршат консумирање на свежа риба. Треба по можност да се избегнува и контакт со болни лица, а почесто да се мијат рацете со сапун и вода. Секој кој престојувал во Вухан и чувствува некаква слабост, итно треба да побара здравствена помош и да не контактира со други, препорачува американската амбасада.

Агресивен коронавирус САРС-КоВ во 2002. и 2003. година предизвика епидемија, во светот заболеа преку 8.000 луѓе, од кои околу илјада починаа. Погодени беа 30 земји.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми