Ајде да ги ослободиме луѓето кои во еуфорија на 27-ми април, ненамерно направиле глупост. Таа работа треба да заврши во парламентот, со едногласно крената рака, вели Митко Јанчев, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ
Реклама
Јавноста го познава како успешен бизнисмен, исклучително посветен градоначалник на Кавадарци, но пред сѐ, како личност која секогаш отворено ги искажува своите ставови, без разлика дали се совпаѓаат со партиските. Остава впечаток на модерен политичар, кој не се вклопува во шаблоните за слепа партиска послушност и пеење во „хор“. Важи за транспарентен, отворен и секогаш подготвен за разговор. Митко Јанчев, член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ и еден од тројцата потпретседатели на партијата, поради бројните градоначалнички обврски не ја гледал во целост вчерашната седница на парламентот, на која започна дискусијата за владиниот Предлог за пристапување кон измени на Уставот. Но, сепак, од информативните емисии ги слушнал пораките што ги изнеле пратениците. Првата негова оценка за нив е „незадоволителна“.
Јанчев: Ако јас се прашувам, дискусијата би се одвивала на сосема друг начин. Ако се разговара за прашање од врвен интерес за државата, ниту една партија не треба да печали политички поени на таа тема.
ДВ: Кога вие би биле пратеник, дали би гласале за измени на Уставот?
- Би гласал, но тоа нема да биде безусловен глас. Би гласал под одредени услови. Ми се допадна предлогот на пратеникот Панчо Минов. Во таа насока, и јас на пример, би поднел неколку амандмани со цел да се обезбедат дополнителни гаранции за нашата држава. Прво, новото име да не се применува за внатрешна употреба сѐ до приемот на Македонија во ЕУ. И тие гаранции би ги барал од ЕУ, со оглед дека нејзини претставници во изминатиот период дојдоа да дадат поддршка на Договорот со Грција. Сметам дека тоа може да се реализира, а и Грција би била помотивирана што поскоро да станеме членка на ЕУ, односно да не ја блокира Македонија во текот на преговорите. Значи, во тој дел Договорот да се спроведува сукцесивно, согласно со приближувањето на Македонија до полноправно членство во Унијата. И притисок до ЕУ во таа насока треба да има и од власта, и од опозицијата. Второ, да се гарантира македонскиот јазик и идентитет. Трето, да се гарантира дека односот на државата кон дијспората навистина ќе се регулира според европски терк. Ако сето ова се прифати и се усогласи, зошто не би гласал?
ДВ:Постои опасност таквата дебата меѓу власта и опозицијата да се претвори во нови преговори, уште потешки од оние меѓу Македонија и Грција. Зошто гаранции за македонскиот јазик и идентитет, кога тие се потврдени и со Договорот?
- Ако, нека има дополнителни гаранции. Луѓето сакаат да се уверат, да слушнат дека ќе биде така. Ако така се дискутира во парламентот, ако така се постават работите, ако се даде мотив плус, јас сум оптимист дека ќе се најде заеднички јазик за амандманите.
ДВ: Како го разбравте повикот на премиерот за помирување и простување, кое треба да започне во паралaментот?
- Кажете ми, како го разбравте вие? Јас го разбрав како повик за амнестија. И ајде да ја направиме таа амнестија. Ајде да ги ослободиме луѓето, кои во таа еуфорија на 27-ми април, без намера или некаква организација, ненамерно направиле глупост. Таа работа треба да заврши во парламентот, со едногласно крената рака за амнестија на сите. Јас така би постапил.
Сведоштва за „крвавиот четврток“ во македонскиот парламент
Невидени хаотични слики: Откако мнозинството пратеници го избра пратеникот на ДУИ Талат Џафери за претседател на Собранието, на противење на пратениците од ВМРО ДПМНЕ, во законодавниот дом упадна толпа насилни луѓе.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Навала пред вратите на Парламентот
По изборот на Талат Џафери за нов претседател на Парламентот, од иницијативата „За заедничка Македонија“ ги повикаа граѓаните да излезат уште помасовно на протест, со цел да ја спасат државата од, како што истакнаа, влегување во сценарио од кое нема враќање назад. Толпата почна да притиска кон вратите на Собранието за да влезе во него.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Слабо присуство на полицијата
Неколку големи групи граѓани влегоа во парламентарната зграда, во пленарната сала, во фоајето и во други простории на парламентот, откако полицијата не го спречи првиот бран од граѓани кои протестираа против изборот на нов претседател на Собранието.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Незапирливо „заземање“ на Парламентот
Меѓу оние кои упаднаа имаше и маскирани лица со качулки, кои фрлаа столици во собраниските простории и медиумска опрема.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
„За заедничка Македонија“ во Собранието
Во закондавниот дом завладеа хаос. Тука беа организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“, тука беа и министри и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Grdanoski
Знамиња и песни
Дел демонстранти ја „зазедоа“ и Пленарната собраниска сала, каде што пееја песни и вееја знамиња.
Фотографија: picture-alliance/abaca/B. Ademi
Напади врз пратениците на СДСМ
Демонстранти навлегоа и во прес-центарот, каде што беа пратениците на СДСМ и ДУИ и почнаа да ги тепаат со столови и со сè што ќе им дојде до рака. Крвнички напаѓани беа Зоран Заев, Дамјан Манчевски, Максим Димитриевски, Радмила Шеќеринска, Хари Локвенец, Зијадин Села. Полиција немаше.
Фотографија: picture-alliance/abaca/N. Batev
Полицијата се „разбуди“
По повеќе од еден час по почетокот на инцидентите, полицајци влегоа во Собранието и се обидоа да ги извлечат пратениците од прес-центарот, но беа избркани од толпата што ги држеше како заложници. Толпата се забарикадира во прес-центарот.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Евакуација на повредените пратеници
Некаде пред 22 часот дојдоа и специјалци, па почнаа да се обидуваат да ги вадат повредените од забарикадираниот прес-центар.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Извлечени пратениците
Кратко пред полноќ пратениците од парламентарното мнозинство беа извлечени од Собранието, а пред него и понатаму останаа насобраните демонстранти.
Вкупно стотина лица се повредени, од кои четворица се пратеници. Целото Собрание е демолирано, тврдат новинари, од кои дел исто така беа напаѓани.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Шатори пред Собранието
Припадници на движењето „За заедничка Македонија“, кое ги предводи демонстрациите, кои синоќа прераснаа во безредија и насилство, поставија шатори пред Собранието и најавија дека ќе останат таму „колку што е потребно“, за да ја „одбранат Македонија“.
Фотографија: (c) DW/Kostadin Delimitov
10 фотографии1 | 10
ДВ: Што ќе значи таквиот потег за владеењето на правната држава?
- Правната држава допрва треба да почнеме да ја градиме. Бидејќи, таа не важеше ни кога се кршеше Деловникот во Собранието, не важеше ни кога се носеа некои закони... Да не се враќам наназад и да набројувам колку пати правната држава била компромитирана. Еве, да ставиме крај на тоа што било, и да почнеме да ја градиме.
ДВ: Како потпретседател на партијата, што би им порачале на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ?
- Нема да зборувам како потпретседател, туку како човек. Пратениците имаат притисоци од повеќе страни, и од десно, и од лево. Имаат притисоци од изгрејсонце, низ текот на целото секојдневие, до зајдисонце. Не би сакал да сум во нивна кожа, затоа што се во ситуација да не можат слободно да го кажат својот автентичен став.
ДВ: Имавте ли и вие притисоци откако соопштивте дека треба да се излезе на референдумот и да се гласа?
- Имав. Стигнуваа и на Фејсбук и како смс-пораки.
ДВ: Ве разочарува ли фактот што сте во раководството на партијата, а не можете да го измените и спречите тоа?
-Ме разочарува. И не само што тоа се случува во ВМРО-ДПМНЕ, ме разочарува што тоа се случува и во СДСМ. И таму сите не мислат исто, но постапуваат по партиски налог.
ДВ:Но, во случајов, Договорот со Грција е под ризик токму поради опструкциите од вашата партија. Што се крие зад таквото однесување?
-Тоа е политикантство. Нешто што најмалку ни треба во овој момент. Затоа, можеби ќе беше подобро за ова прашање да решава експертска влада, за да нема ниту печалење политички поени, ниту чувство на вина од страна на која било партија. Но, таа шанса е испуштена.
Пост-референдумски вокс-поп: зошто (не) гласав за промена на името
Нашата фоторепортерка Каролин Вајнкопф мина неколку недели во Македонија, пред и по референдумот. Со својот објектив, но и низ разговор со граѓаните се обиде да ја сондира атмосферата во државата. Еве што забележа
Фотографија: DW/B. Georgievski
Мојот идентитет не зависи од името на државата
Оли има 40 години и е сопственик на кафе бар во Скопје, организира техно забави и е јога инструктор. Оли гласал „За“ и смета дека тоа било негова граѓанска должност. Тоа што многу негови сограѓани го бојкотираа гласањето или едноставно не им било грижа, го прави тажен, но го очекувал. Оли вели дека не му е грижа за името на државата. Неговиот идентитет не зависи од тоа.
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
Не се откажувам од мојот идентитет и достоинство
Филип има 29 години и работи како ИТ инженер во Скопје. Свесно го бојкотирал референдумот. Филип сака неговата земја да биде во ЕУ и НАТО, но одлучил да не гласа како протест против владата.„Името е дел од мојот идентитет и моето достоинство. Не сакам да се откажам од тоа“, вели Филип. На прашањето: зошто тогаш не гласал против, Филип вели дека немало кампања за „против“.
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
„Против“ како протест против Владата
Тони има 37 години, роден е во Скопје и работи како консултант. Тој е меѓу ретките кои гласале „против“. Тони смета дека бојкотот е глупав и неодговорен. Тој чувствувал обврска да гласа, а со неговиот глас „против“ сакал да и порача на владата дека е разочаран од неа. Како на етнички Албанец не му пречи промената на името, но се чувствува како Македонец и силно се идентификува со својата земја.
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
Не се осмелија ни да споменат „Северна Македонија“
Златко има 37 години и по професија е епидемиолог. Тој го бојкотирал референдумот. Зошто? „Затоа што тоа е спротивно на сѐ во што верувам. Гласањето ќе му дадеше значење на прашањето, кое воопшто не е ни за дискусија“. Според него, владата се обидела да ги измами граѓаните. „Немаа храброст ни да напишат Република Северна Македонија на ливчето. Затоа што не се осмелија да го кажат тоа гласно“.
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
Подобра иднина за децата
Со Хиснија (60), неговата сопруга Фериде (55) и нивната ќерка Зумра (31) разговаравме на полињата со тутун во прилепско. Тие гласале „За“ затоа што се надеваат на подобра иднина во ЕУ. Сакале на децата да им обезбедат подобра иднина. А влезот во ЕУ и НАТО според нив значи подобра иднина. Тажни се дека референдумот не успеал. Имале големи надежи во него и сега не знаат што да очекуваат.
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
Какво достоинство ни остана?
Дарјан има 36 години и работи во дигитален маркетинг во Скопје. Гласал „За“ но чувствува внатрешен судир во врска со одлуката. Смета дека многумина бојкотирале, но потајно се надеваат дека парламентот ќе го изгласа договорот. Тоа е начин на протест. „Никој не сака да го смени името... се работи за достоинството! Но Македонија е толку падната ниско во моментов... какво достоинство ни остана?“
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
„Чудна кампања“
Рипа има 27 години, а во Македонија се доселила од Ерменија пред 5 години. Работи како шеф на маркетинг во познат ланец хотели. Во меѓувреме добила и државјанство, а на референдумот гласала „За“. Таа мисли дека кампањата била „чудна“- прашањето било поставено како Македонија утре да ќе влезе во ЕУ, а самата промена на името не била правилно наведена.