1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Митолошка дебата за ВМРО-ДПМНЕ

21 октомври 2017

Изборните победи во последниве 10 години и историското кредо на ВМРО ја претворија партијата во монархистички клуб на деспотски властелини и стотици илјади закрепостени поддржувачи.

Mazedonien, Konvention der VMRO-DPMNE Partei in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Сета оваа расправа за тоа дали Никола Груевски ќе поднесел оставка по понижувачкиот пораз на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори добива размери на дебата како за богови од македонска митологија. Единаесетте години непрекинато вмровско владеење, пропагандниот инженеринг и стравот, ги обликуваа неговите раководители во примитивни митови, некакви полубожества собрани околу главниот гуру, кому му се придаваа карактеристики на земјениот Зевс. Од една страна, професорот Љубомир Фрчкоски е во право кога вели дека општеството не треба премногу да се занимава со судбината на партијата и судбината на нејзиниот лидер, туку треба енергијата да се насочи кон реформите што треба да се направат во државата, но од друга страна, досегашниот речиси монархистичкиот третман на ВМРО-ДПМНЕ е она што ја опседнува јавноста. Па, затоа овдешните кремљолози ќе ги анализираат последните реченици од траорното обраќање на Груевски во ноќта на големиот пораз и нивното можно значење, па ќе се разглобуваат до најситни детали можните варијанти, па ќе се воспеваат оние што сами се нарекоа реформатори на партијата.

Во основа, има еден триумфализам на голем дел од македонското општество кој радосно го дочека падот на партијата, која беше господар на сѐ во државата, и тој дел од општеството сецирањето на нејзиното болно ткиво го доживува како катарза за сите трауми. Ова насладување во туѓиот пораз е речиси ист како триумфализмот со кој ВМРО-ДПМНЕ ја окупираше државата по неговите победи. Историското кредо на ВМРО (она вистинското) и триумфите десет години по ред ја претворија партијата во монархистички клуб со стотици илјади закрепостени кметови што работат за деспотските властелини. Оттаму, оваа расправа за падот беше неможно да се одбегне, па затоа за судбината на партијата и на нејзиниот лидер се водат митолошки дебати.

Колку „реформаторите“ се реформатори? Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Глорификација на „реформаторите“

Во таа митологија се глорифицира преку секоја мерка улогата на оние што себеси се викаат реформатори. Ако внимателно ги следите изјавите на некои од нив ќе забележите дека нема длабока суштинска разлика меѓу оние кои сега се на чело на партијата и оние кои сакаат да дојдат на нивното место. Тоа постојано повторување за промена на статутот, за отворање на демократска расправа во партијата, за внатрешни избори без нечија контрола, со исфрлената парола дека „заврши времето на груевизмот“ е повеќе чепкање по површината на заболеното партиско ткиво, отколку повик за раскрстување со она што ја изобличи ВМРО-ДПМНЕ. Изјавите дека „чесните вмровци“ се гневни на деспотскиот стисок во партијата се во некоја рака неумесни. Големо прашање е од каде го црпат правото тие „реформатори“ да одредуваат кој е чесен а кој помалку чесен вмровец и зошто да им го одземаат правото да бидат репрезенти на ВМРО-ДПМНЕ на оние што се зачлениле во партијата во последните седум-осум години.

Клучот за малиот општествен дофат на „реформаторите“, без оглед на нивните искрени намери, е во воздржаноста, несакањето или во немањето храброст тие цврсто да се дистанцираат од погубните политики кои од ВМРО-ДПМНЕ направија партија-ѕвер во општеството. Само еден мал детаљ од оваа амбивалентност: еден од реформаторските челници, адвокатот Илија Илијоски, некни на Телма го нарекуваше тимот на Катица Јанева „таканареченото Специјално јавно обвинителство“ и разглобуваше дека низ правна процедура и судски постапки требало да се докаже дали тогашниот премиер, тогашните министри и партиските структури направиле тешки злодела во општеството кои се обзнанија со „бомбите“, за дури тогаш да биде јасно дека вистински имаат вина, и ќе премолчува за политичката одговорност на оние што владееле. Според таа „реформаторска“ логика, ниеден политичар во една демократија од европски тип не треба да биде земен на одговорност од јавноста сѐ додека не постои правосилна пресуда.

Ваквите тврдења ја внесуваат политиката во маѓепсаниот круг на неодговорноста и отфрлање на моралниот сегмент и ако „реформаторите“ од свои причини се држат до тој тотем, околу кој сега се вртат сите во партијата, нивниот автентичен обид (па макар и да дошле на чело на партијата) ќе пропадне како неуспешен дворски пуч, наместо да прерасне во движење кое ќе ја постави идологијата и вредностите на демократијата и слободата на граѓанинот на пиедесталот во партијата.

На овие „реформатори“ им треба обмислен идеолошки контекст за новиот правец на ВМРО-ДПМНЕ, а не потрага по помош од надвор. Разговорите во Вашингтон и во Брисел се можно охрабрување за нив, но тоа не го решава нивниот проблем како да го прошират пледоајето кон поширокото раководство на партијата. Без оглед колку пукнатини има во него, тоа раководство на отворен начин покажа што мисли за евентуалните европски асистенции за промена во врвот на партијата, кога Влатко Ѓорчев извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за изборите го оцени како „необјективен“, кој „е повеќе замижување“ пред нерегуларностите и не ја одразувал фактичката состојба на изборниот процес. Тоа е истата одбранбена и напаѓачка реторика на Груевски кон европските институции, а сега и спрема ОБСЕ. И покрај двете средби на врвот на ВМРО-ДПМНЕ со амбасадорите на ЕУ и НАТО пред изборите партијата сега уште повеќе се оддалечува од европските текови, па оттаму европската аудиенција за „реформаторите“ само ќе го подигне бедемот во вмровскиот врв.

Помислува ли Груевски на оставка? Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Малку е веројатно (иако не и невозможно) дека Никола Груевски ќе поднесе оставка на лидерското место во партијата. Па погледнете, во предвечерјето на изборите нему му дојдоа на гости единствените европски пријатели, двајца политички лидери кои се заковани за првите места во своите партии: Јанез Јанша е на чело на Словенечката демократска партија од 1993 година (беше премиер, губеше избори, одеше во затвор поради корупција, сеедно) и Виктор Орбан, кој е на чело на неговата партија Фидес исто од 1993 година (тој добиваше, губеше и пак добиваше избори). Каков совет би му дале овие двајца околу оставката? Да го направи тоа што тие не го направиле? На крајот на краиштата, Груевски размислува дека ова е неговиот прв изборен пораз од 2006 година, и тоа на локални избори. И во неговите калкулации тоа не е преголема драма за заминување. Тоа е заблудата од која Груевски се храни денес. Последниве неколку години тој никако не успеваше да го изостри погледот на работите што се случуваа, го загуби политичкиот инстинкт. Неговото останување на чело на ВМРО-ДПМНЕ ќе го доведе до синдромот на Владимир Мечијар во Словачка – уште еден изборен циклус да биде партијата силна со него на чело, а потоа нагло да биде отфрлена на маргините.

Вистината е во бројките

Во расправите од каде се појави победничкиот бран на СДСМ многу време им се посвети на „реформаторите“ и на нивната наводна улога во вмровскиот дебакл. Бројките покажуваат други работи, а не посакувани тврдења. Прво околу излезноста. Во декември 2016 на изборите, кои беа извонредно мобилизирачки, излегоа 1.191.852 гласачи (66,79 отсто), а сега во октомври 1.080.444 (59,54 проценти). Тоа е извонредна бројка (110 илјади помалку) за ново гласање по десет месеци и за локални избори, за кои по дефиниција секаде има помала излезност. Бројот на неважечките ливчиња сега е 51.687 наспроти 37.870 во 2016. Кога ќе се распредели на цела држава од различни партиципенти и тоа не е голема разлика.

Податоците по изборните единици означени за парламентарни избори ја покажуваат драматичната промена на гласачкото тело, а не наводното бојкотирање. Да земеме само три за пример: во Изборната единица 3, во 24 општини во декември 2016 ВМРО-ДПМНЕ добило 102.829 гласа, а СДСМ 81.204 (вкупно 184.033 со излезност од 72,74%). Сега таа бројка е драматично промената. СДСМ го зголемил бројот на гласачите за советите во истите општини за 30.281 и за нив гласале 111.485, а ВМРО-ДПМНЕ паднал за само 8.329 гласови – вкупно 94.500. (Излезноста била 69,34%.) Причините за ваквиот пресврт треба да се бараат на друго место, а не во наводниот бојкот на „чесните вмровци“). Вмровскиот бастион падна со зголемената поддршка на СДСМ поради владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, поради притисоците што им се вршеа на граѓаните, ослободувањето од стравот и вербата во новата политика на Зоран Заев, а не поради наводниот бојокот. 

Слично е и во Изборната единица 4. Во 2016 година во 19-те општини за ВМРО-ДПМНЕ гласале 101.617 луѓе, а за СДСМ 94.780 при излезност од 75%. Сега излезноста се намалила за четири отсто, 71%, но поддршката за ВМРО-ДПМНЕ за општинските совети се намалила на 77.802, а за СДСМ се зголемила на 96.480. (Во овие општини имаше голем број независни листи.) Во 11-те општини во Изборната единица 6, каде излезноста е секогаш помала поради огромниот број иселеници (во 2016 таа изнесувала 51,32, а во октомври 44,6 отсто) резултатите процентуално се речиси идентични – за ВМРО-ДПМНЕ лани гласале 26.193, а за СДСМ 25.980, а и сега бројките го имаат истиот размер, 16.207 на 15.846.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Еден новинарски текст во „Њујорк тајмс“ од пред 83 години може да биде убав придонес во објаснувањата зошто ВМРО-ДПМНЕ отуѓи од себе огромен број од граѓаните.  Кога во 1934 година бугарската воена влада на Кимон Георгиев го забрани ВМРО поради илјадниците убиства во претходните 15 години, дописникот на „Њујорк тајмс“ од Балканот замина во Пиринска Македонија да опише што се случува меѓу напатениот народ. Во текстот објавен на 27 август 1934 година под наслов „Конфедерација на гангстери“ репортерот го напиша и ова:

„Бугарска Македонија сега е посреќна отколку што беше во последниве неколку години, бидејќи владини сили ја ослободија од тероризмот на Внатрешната македонска револуционерна организација, која се изроди од многу дисциплинирана сила која се стреми за слобода на Македонците во конфедерација на гангстери.
Досега бугарските власти ѝ дозволуваа на организацијата да ги извршува македонските работи на сопствен начин, наводно дека таа има голема поддршка кај народот што каков било обид да се задуши би довел до граѓанска војна. 
Меѓутоа, во текот на последниве 18 месеци, разни настани толку ги зајакнаа противниците на организацијата што дури и последната влада почна да прифаќа помалку сервилен однос кон тоа; владата која дојде на власт со државниот удар на 19 мај, како главна точка во својот манифест има 'возобновување на јавните овластувања низ Бугарија‘. 

Љушчо ПоповскиФотографија: Privat

Ова беше направено со конфискување на оружје и имот на организацијата, апсење на сите лидери кои би можеле да бидат фатени и интернирање на повеќе од 300 функционери во разни градови во потесниот регион на Бугарија. 
Меѓу гранитните гребени на Пирин Планина, покрај безбројните планински езерца, во боровите шуми на планинските падини и во градовите во долините, овој дописник разговараше со овчари, рибари, земјоделци, дуќанџии и 'интелектуалци‘ и беше запрепастен од тоа што го откри - дека оваа поранешна романтична организација ја загуби целата симпатија што порано ја уживаше кај народот. Ми беше кажано дека нејзиниот лидер, Иван Михајлов, би бил линчуван ако сега се појави во планините и ако владата не интервенираше возможно е дека населението би се побунило. 
Организацијата наметнува годишен данок за секое лице и секоја овца, коза или поголемо животно во Македонија - покрај даноците што ги плаќаат жителите на државата како бугарски поданици. Секој бизнис во сопственост на Македонец, каде било во Бугарија, треба да плати од 10 до 15 отсто од својот профит или на локалните собирачи на данок на организацијата или на ’легалниот‘ одбор на емигранти во Софија. Немакедонците, особено Евреите, честопати беа уценувани или принудувани да плаќаат значителни 'придонеси‘. 
Секој работник треба да добие дозвола и да и плати на организацијата процент од својата плата за привилегијата да работи, а тој треба бесплатно да се огласи на секое побарување на неговата работна сила. Секое семејство мора да се претплати на дневните весници на организацијата; опозициските весници се исклучени. 
Кога членови на организацијата бараат пари, тие одат кај човекот и му наредуваат да го плати бараниот износ. Ако тој тоа не го сторел тоа бил 'носен на патување во планините‘. Набрзо потоа тој се враќа дома, го продава својот имот за која било цена што би можел да ја добие и ја плаќа бараната сума".

Каква е разлика од она што беше вчера? Затоа оваа митолошка дебата за судбината на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер можеби треба да се сведе во трите збора од насловот во „Њујорк тајмс“ – „Конфедерација на гангстери“ – и „реформаторите“ и оние што тие ги нарекуваат „чесни вмровци“ иднината да ја побараат во радикален дисконтинуитет со досегашната партиска и идолошка политика, а не во заплетканите објаснување за промената на партискиот статут и во правните акробации околу политичката вина на нејзините сегашни лидери.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми