1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски го трча последниот круг

25 септември 2019

Стартуваме со финишот на нашиот маратон кој ќе заврши со успех, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, најавувајќи ја акцијата „Разговори за обнова на Македонија“.

Hristijan Mickoski PK Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Разговори за обнова на Македонија“ е слоганот со кој тимови на опозициската ВМРО-ДПМНЕ предводени од највисокото партиско раководство ќе ги посетуваат сите поголеми населени места во државата, почнувајќи од задутре (27.09.) се` до 12-ти декември годинава. Првата станица ќе биде Битола, каде разговорите за обнова ќе ги започнат партискиот лидер Христијан Мицкоски и членката на Извршниот комитет Ане Лашкоска. Во следните денови други тимови ќе ги посетат општините Петровец и Чаир.

„Акцијата има цел граѓаните да можат одблиску да ги кажат своите проблеми и потреби, кои подоцна ќе бидат преточени во програмски решенија на партијата“, велат од партијата, посочувајќи дека земјата е заглавена во криминал, корупција и рекет, владеењето на правото е на последно место, а економијата тоне. Според  ВМРО-ДПМНЕ  тоа мора да заврши со итни предвремени парламентарни избори за пад на СДСМ, по што партијата ветува обнова на земјата во секоја пора на општеството.

Турканица на терен?

Најавата на оваа акција дојде и преку видео обраќање на  Христијан Мицкоски,  кое е инсертирано со наслови за неуспеси на актуелната власт. Тригодишното владеење на политичките опоненти Мицкоски во обраќањето го нарекува „заевизам“. 

„Заевизмот го јаде ткивото на Македонија. Секој ден тапкаме во место, а во многу области одиме назад. Неправдата е знак на оваа власт, неработата е нивна одлика, неспособноста е нивен карактер. Нема правда, нема проекти, нема пари за народот, нема систем, нема грижа, нема идеја. Наместо да градат - тие крадат. Едно е јасно - тие паѓаат. Заевизмот колабира!
Сакајќи да ја срушат Македонија, се срушија себе си! Готови се! “, порачува Мицкоски во обраќањето, кое наликува како обраќање во изборна кампања.

Во моментов нема меѓупартиски договор за предвремени избори заради очекуваните процеси  (добивање датум за преговори со ЕУ, членство во НАТО и попис во април 2020 година. Од тие причини власта како најпогоден термин за избори пред редовниот рок го посочи октомври 2020 година.

Долгогодишни членови на ВМРО-ДПМНЕ размислуваат за потреба од создавање нови партиски субјектиФотографија: DW/P. Stojanovski

Но, Мицкоски нема да биде единствен што на терен уште сега ќе ја бара довербата на граѓаните. Како што дознава ДВ, во моментов се активни и други иницијативи кои го сондираат пулсот на избирачите, а не се задоволни од политиката на матичната ВМРО-ДПМНЕ. Еден од иницијаторите за внатрепартиски реформи,  Петар Богојески,  јавно ја најави политичката платформа „Македонски концепт“, која инсистира на обединување на опозицијата, но и на нејзино прочистување од старите практики и грешки, со цел да биде вистинска алтернатива на власта. Како што изјави, сака опозиција која нема да биде под контрола на Заев, и го критикува Мицкоски поради тоа што одлучил да го зачува курсот на политичко делување зацртан од Груевски. Ова се причините поради кои и други долгогодишни членови на ВМРО-ДПМНЕ  размислуваат за потребата од создавање нови партиски субјекти, но тие идеи засега се во фаза на анализи. Во едно се сигурни - дека е крајно време за разбивање на доминантниот бипартизам и создавање пошаренолика слика во парламентот.

Заевизмот видлив, груевизмот не!

Не се знае дали ваквите инцијативи ќе го стават и Мицкоски на жешка рингла, бидејќи покрај секојдневните критики за тригодишниот „заевизам“,  тој досега ниту еднаш не проговори за деценискиот „груевизам“,  ниту пак презентираше чекори за расчитување со лошото наследство на Груевски. Тој во моментов е посветен исклучиво на „проблемите од заевизмот“. 

„Заевизмот паѓа, но остава проблеми! Ние не бегаме од проблемите, ние имаме решенија и одговори за нив. Ние ги знаеме проблемите и градиме програма за нивно надминување. Затоа разговараме со вас почитувани граѓани, имаме образ да ве погледнеме во очи, да ни кажете што ве мачи и како тоа да го решиме, да ви ветиме дека заедно ќе се бориме за проблемите да исчезнат или да се намалат, и тоа ветување да го исполниме. Време е! Да разговараме, да си подадеме рака и потоа рамо до рамо, срце до срце, да се зафатиме со работа која толку многу отсуствува во овој период. Да забрчат машините, да згрмат работниците, да се чујат интелектуалците, да се вратат луѓето и да се вратат насмевките на луѓето, реално да се зголеми стандардот на граѓаните, и стандардите во сите области“, порача Мицкоски.
Разговорите за обнова на Македонија ги најави како „стартување со финишот на нивниот маратон кој ќе заврши со успех!"

Во моментов она што се очекува да заврши со успех - е Република Северна Македонија да добие датум за почеток на преговори со ЕУ. Доцна синоќа заврши сесијата на Комисијата за надворешни работи на Бундестагот чии членови му препорачале на германскиот парламент да донесе позитивна одлука за отпочнување преговори за членство во ЕУ со Северна Македонија и со Албанија. Во коментар на бугарската БТА се коментира дека Преспанскиот договор (како клуч за интеграцискиот напредок на Македонија) ги надживеа и смените на властите во Скопје и во Атина (заминувањето на Иванов и доаѓањето на власт на Мицотакис). Во текстот се напоменува дека Иванов и опозициски пратеници се` уште го користат старото име на државата.

„Но, настојувањето на старото име на државата не говори за никаква принципиелност на опозицијата кон Преспанскиот договор. Ако стануваше збор за принципи, истите тие пратеници немаше да ги потпишуваат другите документи во Парламентот на кои стои новото име на државата, вклучително и одлуки за нивни патувања, за патни трошоци или за закуп на станови“, се вели во коментарот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми