1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Заврши медениот месец на Филипче!

20 март 2020

Јавно ќе прашам - зошто досега се направени само околу 260 тестови? Одговорот е - затоа што немаат тестови. Се тестираат само најакутните случаи, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Nord-Mazedonien DW Interview Hristijan Mickovski
Фотографија: DW/B. Georgievski

Состојбата со коронавирусот ги стави на жешко столче надлежните во повеќе ресори, а не е помалку жешко ниту на релација опозиција - власт. За причините поради кои опозицијата последниве денови упатува жестоки критики на адреса на власта, разговаравме со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

ДВ: Ваши партиски функционери изнесоа тешки критики за начинот на кој Владата се справува со епидемијата на коронавирусот. Од што е поттикнато тоа незадоволство?  

Христијан Мицкоски: Седум дена ги повикуваме да разговараме. Седум дена трае игнорантскиот однос кон нашиот повик. Седум дена траеше „медениот месец“ на Филипче и останатите од власта. Тој меден месец заврши. Не можеме да аплаудираме. Мора реално да гледаме на состојбите во државата. Јавно ќе поставам прашање: со колку здравствен персонал - лекари и средномедицински кадар, располага здравството? Колку епидемиолози има? Каде се ангажирани тие? Зошто досега се направени само околу 260 тестови? Одговорот е јасен: затоа што немаат тестови. Се тестираат само најакутните случаи, и оние кои имале контакт со заразен. А, стотици луѓе се вратија од ниско и високоризичните држави.

Што значи кога нагласувате дека „вашиот здравствен тим“ ѝ стои на располагање на власта? Тие лекари и медицински експерти, пред сѐ, му припаѓааат на здравствениот систем на земјата.

Мислам на лица од партиската Комисија за здравство. Тие лица се комплетно игнорирани од менаџментите на клиниките, бидејќи јавно настапувале од името на нашата партија. Ако некој прави селекција, тоа е власта. Мојата порака е - не ги игнорирајте, туку искористете ги тие кадри! Меѓу нив има секакви профили, вклучително и тие што се најпотребни во моментов.

Јавното препукување на релација опозиција-власт создава дополнително неспокојство меѓу граѓаните. Можете ли да седнете на заеднички средби со власта, и таму да се координирате, да се расправате, да предлагате?

Ние стоиме на располагање. Реков, игнорирани сме од власта, а состојбата е загрижувачка. Вчера попладнето се потврдени нови случаи. Заболено е четиригодишно девојче од Штип, од видно семејство вратено од Лондон. Заболено е лице од Гостивар, од Скопје... Фронтот на заразата се шири. Не се веќе во прашање само Дебар и Жупа. Нам не ни треба министер кој ќе се однесува како портпарол којшто само соопштува бројки на заболени, туку да каже кои протоколи се аплицирани. Или, колкави се стоковите резерви? Бидејќи, прашање на ден е кога ќе се надмине бројката од 100 заразени. Кој ќе ја соопшти таа бројка? Пак ли ќе му аплаудираме? Или ќе се качиме кај хациендата во Нерези, таму да аплаудираме? Еве, во тек е набавка на 50 респираторни апарати. Четири компании се пријавиле. Ги знаеме понудите, ги знаеме цените, ајде да видиме на каква цена ќе го потпишат договорот. Знаеме и кои министри на кој амбасадор на нашата држава му се јавувале, за да најде вакви уреди во таа земја каде што е амбасадор, кои потоа приватна компанија требало да ги увезе во Mакедонија, а истите требало да пристигнат преку DHL.

Деновиве излеговте со проценка дека околу 110 милиони евра месечно треба да се инјектираат во стопанството. Треба ли да се брза со мерки, или е побитно прво добро да се осмислат, со оглед дека последиците од оваа состојба ќе траат на подолг рок? 

Битката треба да се води брзо, на два фронта. Првиот е - како да ги одржиме бизнисите, а вториот - како да се обезбеди ликвидноста на буџетот. Во однос на првиот, Владата мора да покаже емпатија, и да покрие 50 проценти од трошоците на бизнисите. Мора да им покаже на сопствениците на бизнисот дека стои зад нив, и дека е подготвена да сноси половина од бруто трошоците за вработените. Второ, Народната банка треба да ги замрзне отплатите кон банките и заемодавателите, како што веќе направија Албанија, Србија, Хрватска, Словенија... Ако власта сега дозволи да се уништат бизнисите и ако вработените останат без работа, кога ќе помине оваа епидемија нема ништо полошо ако бизнисите мора да почнуваат од почеток. Во меѓувреме, вработените кои се квалификувани ќе ја напуштат државата, и најголемиот дел од тие бизниси никогаш нема да се рестартираат. Во однос на вториот фронт, потребна е финансиска инјекција во буџетот, бидејќи ќе се отвори дупка по основ на помали приходи од ДДВ.  

Од каде ќе се најдат финансии за сето ова?

Ќе се издава еврообврзница во висина од 400 милиони евра, а и државните резерви се преку три милијарди евра. Значи, пари има. Прашањето е зошто се доцни со мерките? Приоритет е здравјето на граѓаните, но важна е и макроекономската стабилност. Мора брзо да се дејствува. Но досега, ништо друго не гледаме освен парада. Единствената мерка што е добра, е ослободувањето на фирмите од плаќање аконтации по основ на данок на добивка за април, мај и јуни. Тоа го поздравувам. Но, не слушнавме никакви предлози за мерки за штедење. Не слушнавме дека ќе се укинат репрезентации, дека ќе се укинат надоместоци за членови на управни и надзорни одбори и куп други непродуктивни трошоци. А штедењето е исто така многу важно. Нам ни треба робусна акција, а не некои минимални кредити. Никој не чува милион под перница. Сите се веќе задолжени со кредити за бизнисот. Дел од сопствениците на бизниси си ја имаат обезбедено својата лична егзистенција, па ако видат дека државата не им подава рака, тие индивидуално ќе опстојат, но ќе се откажат од бизнисот. Ќе страдаат вработените.

Во однос на планираното задолжување, вашиот партиски потпретседател Николоски спомна потреба од формирање комитет кој што ќе следи за што ќе се трошат тие средства. За каков комитет се залагате?

На вчерашниот состанок меѓу министерката Нина Ангеловска и дополнителната заменик-министерка Гордана Димитриеска-Кочоска, од наша страна е предложено да се формира тело, кое административно ќе дејствува во насока на обезбедување на тие 400 милиони евра за стабилизирање на економската состојба. Тоа тело, во кое ние би ги номинирале Гордана Димитриеска-Кочоска и професорот Трајко Славески, би ја следело состојбата: дали тие средства наменски се трошат за поддршка на буџетот и за помош на погодените во бизнисот. Чекаме одговор на тој наш предлог.

Преку социјалните мрежи испративте силна порака - во овие тешки времиња за македонската економија, граѓаните да купуваат македонски производи и да ги спасат работните места. 

Предлогот е во насока на тоа да покажеме минимум патриотизам и солидарност кон македонските работници и компании. Сега се бориме за секое работно место, за секој еден бизнис, тоа е минимум што како политичари треба да го направиме. Ги повикувам сите граѓани да ја подржат нашата кампања, ова е натпартиска кампања, без фрустрации што ВМРО-ДПМНЕ прв ја почна, сега е моментот сите да покажат дека државата ни е пред сѐ и над сѐ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми