1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Мицкоски за ДВ: Владата како да се плаши од Делчев

10 февруари 2022

Досега немало сериозна понуда од власта за вклучување на опозицијата во преговорите со Бугарија, вели за ДВ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски вели дека подготвен да разговара за секое прашање, но само ако постои заедничка согласност за зачувување на македонските идентитетски линии
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски вели дека подготвен да разговара за секое прашање, но само ако постои заедничка согласност за зачувување на македонските идентитетски линииФотографија: DW/B. Georgievski

Дали вклучување на претставници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во работните групи за преговори со Бугарија, може да ја зголеми довербата во тој процес? Прашањето дополнително се актуелизира по одбележувањето на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, и предлог-декларацијата на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, со која бараат да се афирмира заштита на ликот и делото на македонскиот револуционер, предлог кој владејачкиот СДСМ го одби. Од Владата сметаат дека прашањето за идентитетските црвени линии е затворено, потсетувајќи дека Собранието веќе усвоило резолуција за утврдување на државните позиции во преговорите со Бугарија.

„Гоце Делчев воопшто не е предмет на преговори и Владата смета дека е непотребно донесување ваква декларација", изјавија од Владата за МИА.

Оттаму наведуваат дека е отворена поканата до опозицијата да се вклучи на конструктивен начин во процесите кои се од врвен интерес за евроинтеграциската иднина на Северна Македонија.

„Сметаме дека вистинскиот пат кон решение на отворените прашања е преку интензивирање на дијалогот на работните групи од двете земји, релаксирање на односите и фокус на развојот на односите во сите сфери. Резултатите, за кратко време, се веќе видливи“, велат од Владата.

Што значи отворена покана до опозицијата? Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека досега не добиле сериозна понуда за вклучување во преговорите со Бугарија, а тој е подготвен да разговара за секое прашање, но само ако постои заедничка согласност за зачувување на македонските идентитетски линии.

Венци на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев положени при одбележувањето на 150-годишнината од неговото раѓањеФотографија: Government of North Macedonia

„Досега немало сериозна понуда од власта за вклучување на опозицијата во преговорите со Бугарија. Ниту пак Владата најде за потребно да информира за содржината на разговорите. Дополнително главните информации се добиваат од медиумите што говори за две работи, или несериозно се пристапува кон вака еден сериозен процес, или владата крие нешто од јавноста што е штетно за државата. Содржината на разговорите и одговорите на прашалникот ‘пет плус еден’ од неразбирливи причини е тајна, а нашите информации говорат дека со него сериозно се нарушува идентитетската линија која мора да се сочува. Дополнително, Владата како да се плаши од Делчев и на тој неразбирлив начин сака да се додвори на источниот сосед, на сопствена штета. Јас сум подготвен да разговарам за секое прашање, но само доколку сите заеднички се согласиме дека мора да ги зачуваме нашите идентитетски линии и стратешки интереси“, изјави Мицкоски за ДВ.

Декларацијата прочитана како провокација

Името на македонскиот револуционер, чија порака беше дека светот го разбира како поле за културен натпревар меѓу народите, сега се најде во поле за внатрешни поделби во земјата. Дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ вчера дојдоа на седница на Комисијата за надворешна политика во маици со ликот на Гоце Делчев и побараа да се разгледува предложената декларација за Делчев.

„За жал, присутните колеги од СДСМ/ДУИ побегнаа, за седницата да нема кворум и да не може да се гласа. Ќе ги почекаме, има време до Илинден“, напиша на Фејсбук претседателот на Комисијата, Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Македонскиот национален херој Гоце Делчев не заслужил да го сведеме на политичка декларација! Подметнувањата на ВМРО-ДПМНЕ очигледно имаат цели да отворат поделби меѓу македонскиот народ“, реагираа од СДСМ.

Од Владата порачаа дека е важно сите политички и општествени чинители да се воздржат од дневно-политичко поентирање и профитирање врз ликот и делото на великанот.

„Не смее да се злоупотребува големиот Делчев за создавање конфликти и нетрпеливости, било да е тоа дома или пак надвор од нашите граници", посочија од Владата.

Од одбележувањето на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев Фотографија: Government of North Macedonia

Но, темата ја премина границата, барем онаа со источниот сосед, па бугарски медиуми брзо известија за „провокација во македонскиот парламент, со тензии и размена на реплики на висок тон, во врска со декларација за револуционерот ".

„Провокацијата доаѓа неколку дена по прославата на 150-годишнината од големиот револуционер што се одржа во Бугарија и Северна Македонија, која не помина без вандализам - беа искинати тробојните ленти од венците кои ги положи бугарската делегација во Скопје“, пишуваат медиумите во Бугарија.

Драги Ѓоргиев, копретседател во заедничката Комисија за историски и образовни прашања, пред три дена за ДВ изјави дека политичките декаларации им ги врзуваат рацете на историчарите.

„Политичките декларации за кој било историски настан или личност не значат ништо друго освен зголемена интервенција на политиката во историјата и наметнување на политички толкувања и вреднувања на сметка на критичката историографска анализа. Декларацијата усвоена во бугарското Собрание во октомври 2019 година, на пример, изразува силна политичка позиција во однос на минатото поврзано со Македонија и го става Собранието во улога на одредувач на ‘историската вистина’, што имаше негативно влијание врз работата на македонско-бугарската историска комисија. Таквите декларации, несомнено, отвораат пат за злоупотреба на историјата во политички и идеолошки цели и ја ограничуваат слободата на историчарите. Се разбира, носењето на овој вид декларации секогаш предизвикува одговор на страната која е засегната и ја принудува да одговори на ист или сличен начин, при што секогаш се рефлектираат исто толку тврди ставови и позиции. Низ оваа призма и во тој контекст треба да се гледа и декларацијата усвоена во македонското собрание минатата година“, рече Ѓоргиев.

Македонскиот историчар Драги Ѓоргиев, копретседател на македонско-бугарската Комисија за историски и образовни прашањаФотографија: Privat

Разговор за отворените прашања

Во меѓувреме продолжуваат средбите на работните групи од двете земји. Денеска и утре средба во Софија ќе има меѓуресорската група за транспорт и инфраструктура, а премиерот Ковачевски најави дека и министерствата за надворешни работи на двете земји денеска и утре ќе разговараат „за отворените прашања".

„Доколку се постигне напредок за двете страни, врз основа на европски вредности и меѓусебно почитување на двете страни, како на државите, така и на граѓаните, тогаш МНР ќе соопшти, на ист начин како што министерот за надворешни работи имаше обраќање во Комисијата за надворешни работи во Собранието“, рече Ковачевски.

Она што во Бугарија засега предизвикува најголем интерес, е статусот на македонските Бугари. Запрашан дали бугарската влада сериозно работи за вклучување на македонските Бугари во Уставот на РСМ, бугарскиот претседател Румен Радев вчера пред медиумите повтори дека „тоа треба да се случи пред Бугарија да ја отвори вратата за почеток на преговори за РСМ со ЕУ".

„Се изнагледавме декларации, ветувања, договори и што ли уште не. Треба да има има јасни уставни гаранции, заедно со јасни гаранции за отстранување на секакви посегања врз бугарското културно-историско наследство и искоренување на говорот на омраза“, изјави бугарскиот претседател.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми