1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски за името: Зошто да зборувам за нешто што ме боли

6 декември 2018

Зошто да зборувам за нешто што ме боли, јас на оваа тема не сакам да градам кариера, ни политичка, ни човечка, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи им на сите што прашале „зошто ја избегнува темата за името“.

Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Додека во Владата вчера попладне течеше првата дебата од јавната расправа за нацрт-амандманите на Уставот, пред владината зграда се одржа нов протест на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. И покрај многуте „црнила“, термин под кој опозициската партија ги сместува сите нејзини критики за учинокот на власта („економски промашувања, корупциски скандали, контролирано судство, национално понижување...“), Мицкоски рече дека долго размислувал како да го почне синоќешниот говор. И решил да почне „со основното, со она што на секој човек му е неопходно - почит и радост“.

„Бидејќи декември е месец на слави, ја користам оваа прилика на сите оние православни верници кои ги чествуваат декемвриските слави да им посакам многу здравје, среќа и благосостојба во нивните домови, за нив и нивните семејства“, порача Мицкоски.

Во текот на говорот тој директно одговори на прашањата во јавноста - дали ја омекнал реториката за Договорот од Преспа, односно зошто во опозициските говори таа тема е сѐ помалку присутна.

„Цело време среќавам сограѓани кои што ми велат - 'Добро бе Христијан, претседателе, професоре, кажи некој збор, зошто ја избегнуваш темата за името'? Не ја избегнувам, ме боли и ме пече, можам да зборувам до сабајле на таа тема, но се борам и ве повикувам сите да се бориме во оваа битка. Знам дека е нерамноправна, и знам дека сме сами, но да дадеме сѐ од себе тоа да го исполниме. Зошто да зборувам за нешто што ме боли, јас на оваа тема не сакам да градам кариера. Нити политичка, нити човечка. Јас за ова сочувствувам, не сум ниту јас безимен, ниту мојата нација, ниту мојот народ. Ова е македонски горд народ кој што има право да ја именува својата држава во Република Македонија“, објасни Мицкоски.

Притоа најави дека оние кои со непочитување на резултатите од референдумот ѝ нанесле болка и неправда на Македонија, тоа „скапо ќе го платат на следните парламентарни избори“.

Повеќе: Заев за ДВ: Ниеден процес не смее да ја урне правната држава!

Иванов: Автоцензура на колективната свест

Од партијата и натаму не коментираат дали критиката за името се губи од протестната агенда како резултат на бројните повици од високи претставници меѓународната зеаедница, но и од сестринските партии, ВМРО-ДПМНЕ да покаже одговорност, да даде поддршка на Договорот од Преспа и на процесите во парламентот. И додека ВМРО-ДПМНЕ праќа дифузни сигнали по ова прашање, пламенот на критиката за Договорот со Грција го одржува претседателот Ѓорге Иванов. Во предавањето што го одржа на Универзитетот во Вроцлав на тема „Мостови на пријателство и соработка: Македонија - Полска“, Иванов обвини дека Македонија се соочува со најголемиот предизвик од нејзиното формирање: да се одрече од историското право и правото на самоопределување.

Иванов: Важен дел од нашиот начин на живот ќе зависи од волјата на ГрцијаФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

„Правото на самоопределување значи дека само нацијата има право на одлучување за својата судбина. Од правото на самоопределување извира и правото на народот да го одбере своето и името на државата што ја создал, па и името на јазикот што го говори (...) Сепак, Грција со Спогодбата од Преспа ни наметнува ново име и бара истото да се применува erga omnes - и за меѓународна и за домашна употреба. Предвидено е да го промениме Уставот. Преку оваа спогодба, Грција ќе добие постојан надзор за тоа како ние ќе се именуваме себеси, но и како другите држави ќе ни се обраќаат нам“, рече Претседателот.

Според него, современата историја покажува дека „Балканот е родното место на преседаните и ако со Македонија се прават штетни преседани со кои се ограничува нејзината сувереност и политичката независност, тогаш прашање на време е кога тие ќе бидат применети и во други држави“. Иванов во говорот направи и свое толкување на обврските од Договорот со Грција.

„Со Спогодбата ќе се преименуваат нашите институции, ќе се цензурира содржината на учебниците на нашите деца, ќе се спречува правото на граѓаните да го изразуваат својот македонски идентитет. Се регулира именувањето на нашиот македонски јазик. Еден многу важен дел од нашиот начин на живот ќе зависи од волјата на Грција. Тоа е цензура на светот и автоцензура на колективната свест на македонскиот народ. Тоа е насилство врз нашата историска меморија. Она што грчката држава им правела на Македонците во Грција, сега, со Преспанската спогодба сака да им го направи и на Македонците во Република Македонија“, обвини Иванов.

Повеќе: 

Прогласот на АСНОМ и Рамковниот договор влегуваат во преамбулата на Уставот

Амандманите под лупа

Ваквите пораки од шефот на државата доаѓаат во време кога тече јавната расправа за нацрт-амандманите на Уставот. Во вчерашната прва дебата учествуваа премиерот Зоран Заев и професорите Љубомир Фрчкоски и Владо Поповски. Премиерот ќе учествува и на денешната, втора дебата, што ќе се одржи напладне  на Универзитетот ФОН, каде говорници ќе бидат ректорот на тој Универзитет, Нано Ружин, и професорот Темелко Ристовски, а во дискусијата ќе учествуваат претставници на академската јавност и студенти.

Фотографија: Mazedonien Regierung

Првата јавна расправа за нацрт-амандманите донесе повеќе прашања и сугестии: дали како уставно решение да се набројат сите одлуки од Првото заседание на АСНОМ, како правни решенија на кои се темели на македонската државност, или да бидат собрани во еден уставно-правен израз како конститутивни документи на државноста. Како идеја за која треба да се размислува, премиерот Заев го посочи предлогот да се наведе дека - освен грижата за македонскиот народ во дијаспората, Република Македонија се грижи и за дијаспората на другите етнички заедници. Тој укажа и на можноста да се дообјасни и прифати сугестијата од парламентарната говорница со која се зајакнува македонскиот идентитет со предлогот во 36-тиот амандман, односно Членот 49 од Уставот да биде дополнет со реченица која ќе нагласи дека Република Македонија ги штити и негува особеностите на македонската заедница.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми