1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски и математичката (не)прецизност: 2 + 2 = 5?

28 август 2018

Математички прецизниот лидер не пресмета дека финансискиот цех што другите му го покриваат, е политичкиот цех што на крајот тој самиот ќе мора да го плати, со ДДВ за изгубената автономија.

Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Неколку тешки фактури стигнуваат за наплата на работна маса на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. За волја на вистината, врвот на партијата самиот ги произведе овие цехови, преку неколку постапки: недистанцирање од девијантните политики на претходното раководство, неосудување на насилствата од 27 април, опкружување со лица кои де факто се „деца“ на претходните политики, неинклузивност кон кадри - приврзаници за нова политика на партијата, и сомнителна приврзрзаност кон стратегиските приоритети на партијата - членството во ЕУ и НАТО. 

Ставено во контекст на референдумот, јасно е зошто Мицкоски тактизира и се уште не го соопштува ставот на партијата за плебисцитарното изјаснување. Тој си наметна аура на должник по неколку основи: наместо да се исели од онаа Бела Палата која стана синоним за раскалашено трошење пари, поради полните чекмеџиња на оние кои до денес му ги плаќаат енормно високите комуналии за таа ламја, тој остана во вазалски однос со нив, и согласно со тие фактури мора ги креира одлуките. И секој ден кога поминува пред сликите со нивните скапо насликани портрети, веројатно се потсетува дека секоја заробена држава започнува од заробена партија. Мицкоски со двете нозе влезе во тој чевел, но „математички прецизниот“ лидер не пресмета дека финансискиот цех што другите му го покриваат, е политичкиот цех што на крајот тој самиот ќе мора да го плати. Дека во случајов два плус два не се четири, туку пет, со ДДВ за изгубената автономија. 

Фотографија: Press service of the Government of Republic of Macedonia

Повеќе:

-Разрешени над 15 потсекретари: Што се случува во ВМРО-ДПМНЕ?

-Анкетите откриваат трендови за референдумот, но појасна слика - во септември!

-Референдум: СДСМ ќе оди, ВМРО-ДПМНЕ се мисли

Неосудувањето на насилства од 27 април, во пакет со сегашни наводни писма од обвинетите за тој чин, го ставаат под притисок да докаже дека партијата не ги изневерила нејзините патриоти. Со тоа, потврдуваат дека во Собранието одработувале за партијата, штом очекуваат партијата да се заложи за нив: претпоставувам, ставот за рефрендумот да го испазари за нивната слобода. Тоа прилично му ја отежнува позицијата, бидејќи кога ќе објаснува дека се залага за европски стандарди, ќе мора да објасни зошто од нив сака да ja исклучи правната држава.

Кокетирањето со хипотеките и кадровските рестлови од неславното партиско минато, веќе му предивикуваат хаос и разногласие во партијата. Додека тој тврди дека ставот за референдумот ќе го соопшти по консултации со граѓаните (кои траат цело лето и никако да завршат), пратеникот Антонио Милошоски индивидуално побара средства да води пропаганда за бојкот на референдумот. Како што самиот соопшти, барањето го испратил во „консултација со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ“.

Што покажува овој чин? Покрај тоа што Милошоски на јавна сцена го тестира и го става под притисок изјаснувањето на Мицкоски, тоа покажува и дека каква било одлука на раковдството на партијата околу рефрендумот утре нема да биде обврзувачка за пратениците на оваа партија. Или барем не за сите. Дел пратеници на ВМРО-ДПМНЕ свесни за важноста на овој рефрендум за иднината на Македонија, наводно биле подготвени да искажат личен став: да дадат поддршка. Проблем на лидерот може да биде ако политичката тежина на тие пратеници е поголема од онаа на актуелното раководство на партијата, и ако расте правопропорционално со дифузните ставови на партискиот врв. Секој ден одбележан со молк на Мицкоски, ја еродира цената на одлуката што еден ден ќе ја соопшти, бидејќи таа нема да претходи, туку ќе каска зад мноштво од индвидуални одлуки, и со впечаток дека е донесена под влијание на некој друг. 

Фотографија: MIA

Притоа вели дека пропагандата ќе ја води од свој буџет. Во превод, кампањата ќе ја платат оние кои и сега му го даваат буџетот - ги плаќаат паертиските сметки и трошоците за „работното лето“. Да имаше Мицкоски партиски буџет, да не беше заглавен со кредити и рати за онаа зграда, немаше да инсистира на нов закон на финансирање на партиите од државниот буџет. И да биде хипокризијата уште поголема, предложи со средствата што му следуваат на ВМРО-ДПМНЕ за јавна пропаганда (од кои се откажа) да се реконструира тетовското училишето „Кирил Пејчиновиќ“.

Лично сум голем поборник на идејата дел од средствата за јавна пропаганда да се пренасочат за непредвидени, акутни потреби. Но, грижата на Мицкоски за училиштето ја сметам за лажна. Ќе беше искрена, ако дојдеше во текот на 11 годишната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Вака, тешко ќе објасни зошто цела деценија не се сетил на тоа училиште. Додека бил Генерален секретар на партијата (или претходно на други позиции) можел да му предложи на тогашниот лидер и премиер Груевски да скрати некој кат од Белата палата или некој од спомениците, бидејќи училиштата се поважни. Тоа би му доликувало на еден угледен универзитетски професор. Но бидејќи не го сторил тоа, сега овој предлог му се прокнижува како лицемерие или задоцнета памет.

На крајот, неговиот став дека „ако рефрендумот биде неуспешен ќе ја делегитимира владата на Заев“, е меч со две острици. Референдумот како процес може да биде успешен или неуспешен, но сепак ќе покаже каква е мнозинската волја. Ако тој тест важи за Заев, ќе важи и за Мицкоски. И тоа навреме треба да го разбере. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми