1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски:Имам информации дека се подготвува моја елиминација

ДТЗ
6 јули 2022

Порачувајќи дека не се плаши и дека ќе оди до крај, тој оцени дека вечерва се случил тежок инцидент, кој е класична полициска монтажа, чија цел била убиство

Nordmazedonien Skopje VMRO-DPMNE Partei Hristijan Mickoski
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски вечерва на вонредна прес-конференција рече дека веќе подолго време добива информации дека се подготвува негова елиминација. Порачувајќи дека не се плаши и дека ќе оди до крај, тој оцени дека вечерва се случил тежок инцидент, кој е класична полициска монтажа, чија цел била или убиство на некој недолжен граѓанин или пак негово убиство. Побара лицето коешто вперило пиштол кон народот и кон него да одговара за кривичното дело. 

„Подолг период добивам неформални информации за моја елиминација која ја нарачува власта. Не придавав на значење, но вечерва видовме најмалку две лица со огнено оружје кои беа подготвени тоа да го направат. Полицијата ја немаше. Мистериозно се појави група од десетина луѓе кои беа вооружени“, вели Мицкоски. 

Закани

Лидерот на опозициската партија вели дека заканите коишто ги добивал до пред една година ги пријавувал кај надлежните институции. Дури и пратениците што се дел од Комисијата за надзор на безбедносните служби биле во  инспекција за да проверат дали се постапува по пријавите, но било утврдено дека нема ништо. „Кренав раце и не пријавувам повеќе, оти немам повратна информација“, вели Мицкоски. Тој смета дека е единствен лидер на поголема политичка партија на кого што му е укинато обезбедувањето. „Немам намера повеќе да барам обезбедување, ниту ќе го прифатам ако го добијам“, вели тој. 

Тежок инцидент

По случувањата кај споменикот Скендербег, кога се слушна пукање во воздух при судирот на демонстрантите со група во скопската чаршија, Мицкоски оцени дека станува збор за тежок инцидент, кој требал да наликува на меѓуетнички конфликт, а всушност е само борба за гола власт. 

„Истрелите за среќа не завршија во народот кој излезе мирно да протестира против власта. Ваквото сценарио го најави власта. Министерот за надворешни работи Бујар Османи најави дека ќе има меѓуетнички тензии ако не поминел предлогот кој значи асимилација и бугаризација на Македонија“, вели Мицкоски. 

Министерството за внатрешни работи ги демантираше тврдењата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, полицијата била на лице место и веднаш интервенирала за да го спречи насилството. 

Полицијата веќе го приведе 40-годишниот Енуз Јусуф Цуфи, член на Алијансата за Албанците за кого што Мицкоски посочи дека држел пиштол во рацете. „Секој што се огрешил треба да одговара. И родена сестра да ми е, ако сторила криминал ќе одговара“, вели Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за политичката припадност на лицето кое што пукаше вечерва, а е активист на партија која што е коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ: 

Црно сценарио

Од владејачката СДСМ вечерва порачаа дека  не успеал обидот на Христијан Мицкоски заедно со неговите партнери Левица и Алијанса за Албанците да реализираат некакво црно сценарио.

„Мицкоски вечерва се обиде да глуми жртва на лажен напад со цел да предизвика меѓуетнички инциденти за да ги одржи во живот неговите лажни протести“, велат од партијата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми