1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски се закани: Ќе си лежите до Катица!

4 септември 2019

Нема двотретинско мнозинство за законот за ЈО, нема ново Пржино, што сте дробеле тоа и ќе сркате, ќе бидете први соседи на Катица, порача Мицкоски преку видео порака.

Nord-Mazedonien Hristijan Mickoski Vorsitzender VMRO DPMNE
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку видео порака објавена на Фејсбук ѝ порача на власта дека нема да има двотретинско мнозинство за законот за Јавно Обвинителство и воопшто да не се надева дека до решение ќе се дојде преку некое ново „Пржино". Во најавите на власта дека ако не се донесе законот, „план Б“ е да се избере в.д. шеф на СЈО преку измени во акутелниот закон, Мицкоски препознава задни намери на власта со две цели.

„Првата е политичка - да се пресметаат преку инсталациите во Обвинителството со политичките неистомисленици. Втората е да го заштитат криминалот којшто ќе го стават зад себе, а обвинителскиот систем да им биде слуга. Тоа така не може, и тоа така нема да помине“, порача Мицкоски.

Тој децидно отфрли какви било политички преговори за законот за ЈО.

„И ако се надеваат на некакво ново Пржино, на некаков нов договор на кој ќе се повтори реприза на ослабеното ВМРО-ДПМНЕ кое ќе потпишува сѐ и сешто, надополнето со по некој преторијанец во преговарачкиот тим, треба да знаат дека тој филм нема да го гледаат. Јас ви ветувам правда, а за правдата не планирам никаков компромис“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Оваа порака побара да ја слушнат и „сите курири кои му ги праќале оние од криминалниот октопод, за да преговараат за милост по поразот на изборите".

„Секој оној што се огрешил пред законите и се посрамотил пред граѓаните, нема милост - ќе одговара! Немојте попусто да се пенавите, да ја виткате кичмата и да молите за милост. Тоа што сте си дробеле, тоа и ќе сркате. Ќе бидете први соседи на таа што сега ја сместивте таму – Катица, Бојан Јовановски и Зоран Милески“, рече Мицкоски.

Повеќе: Опозициски тактики без стратегии

До кога зборовите на Груевски ќе излегуваат на прес-конференциите на ВМРО ДПМНЕ? – прашаа социјалдемократите.

„ВМРО-ДПМНЕ треба да го поддржи Законот за Јавно обвинителство кој е значаен за зајакнување на капацитетите на правната држава, за граѓаните, но и за забрзување на евроинтеграцискиот процес на државата. Во спротивно, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе докажат дека се на спротивната страна на правдата, во одбрана на криминалот и против интересите на државата и граѓаните. Надлежните институции мора да ги расчистат сите отворени истраги и да постапуваат по секоја индиција за можен сторен криминал. Секој за кој ќе се утврди дека постапувал незаконски ќе одговара, без разлика на неговата етничка, верска или политичка припадност, без разлика дали е тајкун близок до ВМРО-ДПМНЕ“, порачаа од СДСМ.

Неизвесност околу седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањатаФотографија: MAKFAX

Отворена или затворена седница?

Но, не е проблем само донесувањето на предлог законот за Јавното Обвинителство. Неизвесност има и околу седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, која треба да го активира членот 18 од Законот за СЈО, односно постапката за разрешување на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.

Претседателот на Комисијата, претеникот Илија Димовски, соопшти дека Извештајот на Советот на јавни обвинители бил доставен до Собранието на 30-ти август, а на 31-ви август стигнал и допис со кој Собранието било известено дека материјалот е класифициран како доверлив. Препораката на Советот била тој да се разгледува во согласност со член 18, став 1, кој вели дека тој материјал може да се гледа и на затворена седница, односно да се разгледува како доверлив.

„Дали ќе биде отворена или затворена расправата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, е единствено право на одлука на самата Комисија“, изјави Димовски.

„Членот 18, став 1 вели ‘извештајот ќе биде достапен до јавноста преку комисиите во Собранието, освен доколку некоја од комисиите не одложи и спречи објавувањето на дел и на целиот извештај, доколку најде за потребно да се заштитат правата на секое лице наведено во извештајот или да спречи недозволено влијание во кое било кривично гонење'. Тоа значи дека одлуката дали материјалот ќе биде достапен на јавноста, не треба да ја носи Советот на јавни обвинители, туку треба да ја носи Комисијата за прашања на изборите и именувањата“, дециден е Димовски. 

Повеќе:

Започнува постапката за разрешување на Катица Јанева

Планот Б - последна одбрана на СЈО

Истрагата за „Рекет“ ќе се шири

Поради тоа, Димовски на новиот претседател на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски, ќе му укаже на оваа одредба во законот и ќе побара декласификација на извештајот, со задржување на можноста предлогот за заштита на тајноста на материјалот да биде ставен на гласање и одлуката да ја донесе Комисијата.

Колевски изјави дека ќе го разгледа барањето кога ќе стигне, но предупреди дека отворена седница за разрешување на специјалната обвинителка Катица Јанева може негативно да влијае на случајот „Рекет“, затоа што се работи за истрага која е сѐ уште во тек и дека материјалот е доверлив.

За разрешување на обвинителката треба да се обезбеди претходна согласност и од четирите политички партии со најголем број пратеници во СобраниетоФотографија: picture-alliance/Anadolu Agency/B. Ademi

Која е четвртата партија?

Дури и материјалот да не биде декласифициран, Комисијата ќе може да работи без проблем. Од 13 членови на Комисијата 10 поседуваат безбедносен сертификат, а и од 13 заменици- членови, 10 исто така поседуваат безбедносен сертификат. Според Димовски, со ангажман на тројца заменици на местото на тројцата членови кои немаат безбедносен сертификат, Комисијата ќе има можност да работи во полн состав. Под претпоставка дека Комисијата ќе заседава зад затворени врати, секој пратеник кој што не е член или заменик член на оваа Комисија, ќе може да присуствува доколу поседува безбедносен сертификат. Одлуката - дали седницата на Комисијата ќе се одржува зад затворени или отворени врати се носи со двотретинско мнозинство од членовите на комисијата, односно „за“ треба да гласаат 9 членови на Комисијата.

Според членот 18, за разрешување на обвинителката треба да се обезбеди претходна согласност и од четирите политички партии со најголем број пратеници во Собранието. Димовски ќе побара информација од претседателот на парламентот кои се четирите најголеми политички партии според бројот на пратениците, за да побара согласност од нив, пред комисиската седница закажана за утре во 12 часот.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, за ТВ „21“ изјави дека сега ситуацијата е таква што не може да се дефинира која е четвртата најголема партија според бројот на пратеници, бидејќи три партии имаат по три пратеници во Собранието. Според него, во овој случај и трите партии можат да се произнесат за разрешувањето на Јанева, но без можност за влијание во постапката.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми