1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се надевам Владата нема да го игнорира гласот на граѓаните!

26 јануари 2021

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најавува дека ќе почне собирањето пратенички и граѓански потписи за „отпис“ на донесениот закон за попис

Hristijan Mickoski PK Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема со скрстени раце да го дочека Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, откако и претседателот на државата, Стево Пендаровски, вчера го потпиша Указот за прогласување на тој Закон, по извршени консултации со правни експерти. Пендаровски очекува процесот на спроведување на пописот да не се политизира, а добиените податоци да бидат од корист за севкупниот развој, со што ќе се овозможи формулирање на долгорочни стратегии во виталните области во државата.

И од ВМРО-ДПМНЕ се залагаат за истото, но преку нов закон за попис. Од партијата порачаа дека за евентуалното прекинување на пописот, за неточни податоци и за евентуален фалсификат, што би предизвикало понатамошни поделби во општеството и непризнавање на пописните резултати, одговорноста ќе ја сносат премиерот Заев, министерот за правда, пратеничките групи на СДСМ и на ДУИ, директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски и неговиот заменик од ДУИ. Откако го потпиша указот за прогласување на законот, и претседателот Пендаровски беше посочен меѓу лицата кои ќе понесат одговорност за евентуално пропаѓање на пописот.

Во согласност со стандардите

Од Кабинетот на претседателот, за ДВ објаснуваат дека главниот аргумент за потпишување на указот е фактот дека решенијата во законот не отстапуваат од стандардните норми и принципи на Евростат и од пописната пракса во најголемиот број членки на ЕУ.

„Главната цел која треба да се постигне со донесување на Законот за попис е спроведување на оваа базична статистичка операција која е предуслов за секоја организирана држава да може да го планира својот развој. За жал, како што е познато, тие витални статистички параметри ги немаме обезбедено речиси 20 години. Главниот аргумент за потпишување на указот е фактот дека во текстот на законот не се содржани решенија кои отстапуваат од стандардните норми и принципи на Евростат и од праксата при организирање на пописите во најголемиот број членки на ЕУ“, образложија од Кабинетот на претседателот.

Притоа потсетуваат дека претседателот Пендаровски пред да го потпише указот се сретнал со претставници на релевантните државни институции, извршил консултации со неговите правни советници во кабинетот, но и со домашни и меѓународни експерти во областа.

„Претседателот Пендаровски смета дека законското решение не претставува пречка за коректно изведување на пописот. Најголемиот предизвик при неговата имплементација може да биде само непотребната политизација која одредени политички субјекти ја прават извесен период наназад“, изјавија од Кабинетот на шефот на државата.

Статистичката операција стана жешка политичка темаФотографија: Nake Batev/AA/picture alliance

Игра на проценти

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не се согласуваат со потегот на претседателот и велат дека ќе започнат со најавеното собирање потписи за носење на нов закон за пописсо кој ќе се укине сегашниот. Незадоволни се, бидејќи власта не прифати ниту еден амандман на опозицијата, не прифати да се воведат терминали за отисок на прст, ниту да се одложи пописот поради епидемиолошката состојба.

„Очекувано беше Пендаровски да не се одважи и наместо да застане на страната на граѓаните, застана на страна на одбрана на интересите на Зоран Заев“, вели за ДВ претседателот на партијата, Христијан Мицкоски.

„Пописот стана игра на проценти, наместо статистичка операција. Срамно е нивото на заплашување и невистини кои се шират кон овој политички попис. Ќе почекаме да се објави законот во ‘Службен весник', веднаш потоа ќе се соберат и пратенички потписи, а паралелно од крајот на оваа или од почетокот на идната недела, ќе започнеме со собирање на граѓански потписи низ подрачните единици на Министерството за правда, за носење на нов закон со кој ќе се укине законот со кој се отвора патот за фалсификат и политички попис. Ќе ги повикаме граѓаните масовно да се потпишат на нашиот предлог за укинување на таквиот закон. Се надевам дека нема да се случи Владата да одлучи да го игнорира гласот на граѓаните. А, ако така постапат, тоа ќе биде јасен доказ дека тие постојат за заштита на своите и лични интереси, наместо оние на народот и државата“, порачува Мицкоски.  

Професионално, без политикантски калкулации

Од владејачкиот СДСМ потенцираат дека „прашањето на пописот е премногу важно за развојот на државата и не смее да се прекине поради политичките хирови на Христијан Мицкоски или негови блиски поединци во ВМРО-ДПМНЕ".
„Тие секогаш и во сѐ ќе најдат причина да блокираат и опструираат. Го политизираат пописот, шират невистини и оспоруваат резултати на уште неспроведен попис, во некаков неразумен обид да го саботираат целиот процес. Немањето попис цели две децении е штетно. Кога ќе имаме реална слика за состојбата на терен, ќе може да се креираат мерки и политики кои одговараат на вистинските потреби на народот - економски, здравствени, образовни, социјални, културни“, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Според социјалдемократите, јалови се обидите за наметнување дебата колку проценти е било која етничка заедница.

„Пописот ќе ја регистрира реалноста таква каква што е, а резултатите нема да значат суспендирање нечии права. Пописот сега е вратен во рацете на институциите, на професионалците од Државниот завод за статистика. Операцијата ја спроведуваат професионалци по сите европски стандарди. Така е правилно. А не како во минатото. ВМРО-ДПМНЕ го прекина последниот обид за попис, и тоа го направи откако потроши милиони евра народни пари. Заврши времето на политикантски калкулации, интересот на граѓаните и на државата сега е на прво место. По 19 години, државата конечно ќе добие попис спроведен по сите меѓународни стандарди", порачаа од СДСМ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми